На претстојните избори за шеф на државата може да се гледа како на повторување на референдумското прашање, но сега со обезбедена излезност, барем во првиот круг. Јасно и првиот круг ќе биде доволен да се тестира постојано наметнуваниот став на ВМРО ДПМНЕ дека народот не го прифатил Преспанскиот договор. Овој пат без нивниот притисок да не се излегува на гласање!
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Доколку нашите граѓани со право на глас кои работат во западноевропските земји се вратат дома за велигденските празници (католичко-протестантското одбележување и вообичаениот одмор по тој повод ќе биде во периодот 14-21 април) може да се смета дека за првиот круг од претседателските избори ќе имаме подготвен терен барем во однос на бројноста на гласачите за одлука. Таа не се врзува само за изборот на лицето кое би ја вршело функцијата шеф на државата, туку и за повеќе од јасната можност да се види како кај нас народот одлучува по прашање на нашето врзување на иднината на земјата за евроатланските интеграции. Тоа е еден вид на реприза на потавување на референдумското прашање, ама сега без пресијата на една голема партија „да не се излегува на избори“, како форма на притисок да падне Договорот од Преспа а со тоа и нашето врзување за НАТО и за ЕУ. Овој пат, таа партија е заинтересирана нејзината кандидатка да победи, да се продолжат политиките на нивниот досегашен претставник во врховната власт – Ѓорги Иванов и да имаат институционална можност да ги оспоруваат или успоруваат тие наши прозападни интеграции. Ама нема победа без гласови а да потсетиме дека малата поддршка на гласачите за нивната „програма“ ќе значи и можност за пад на лидерот Мицковски во очите на сопартијците.
И досегашниот тек на кампањата токму ни ги отвора тие опции, таа „про“ и „контра“ опција, врзана за Договорот во Преспа, членството во НАТО и ЕУ, па ставањето на гласачкото ливче во кутијата едноставно се претвора во глас „про“ западната позиција (ако се гласа за кандидатите број 1 и 3, Река и Пендаровски) или „против“ ако е изјаснувањето за кандидатот број 2 (Силјановска Давкова).
Најпрвин мора да се каже дека кампањата на вмроовците е доста агресивна, но не толку на трибините и другите форми на дозволена агитација, туку низ формите на создавање на општо незадоволство од било кој маштап. Дали тоа ќе се пожарите кои никнаа и за кои постои стручна оценка дека се подметнати а во одделни случаи и дека тие ги подметнале лица со соодветна партиска книшка. За дуењето на одредени теми (она со химната при посетата на Ципрас) успеваат да ги врзат и речиси сите мои колеги во исто оро, што е само по себе неодговорно, бидејќи е случи така да се омаловажи успехот на присутноста на 400 стопанственици од две земји на едно место или инвестиции од 600 милиони евра, само во една област, како што е енергетиката. Припадниците на СОНК и сличните и овој пат се „будат“ со мотивација која ниту малку не е јасна, ама тие се слепи послушници на една партија. Нивниот обид за митинг во Куманово е дебакл каков не се помни а колку за СОНК, да потсетиме, слаб беше и повикот на митингот во Штип пред некое време.
Но, тоа е само резултат на сознанијата дека поразот на ВМРО ДПМНЕ е неминовен, па тактиката мора да биде полна со валканости кои не смеат да се врзуваат за името на некој кандидат. Таа тактика се открива низ една визија за развојот на земјата која ја има ВМРО ДПМНЕ и која значи палење на црвено светло со цел да се вратиме, низ стравот кој би се развил во општеството, назад во бездната во која бевме толку долго низ процес на тонење во безнадежноста. Накусо, со разни изговори треба да се отфрли она што е постигнато во последните година-две со разни изговори. Да, Силјановска Давкова е специјалист за изговори, со, измислување на теории кои би биле завиткани во некакви правни флоскули, што понеразбирливи, толку подобри, за нејзиниот слушател да помисли дека постои „втора варијанта“ како противтежа на веќе избраната. Но, во стилот на ВМРО ДПМНЕ за таквата опција не се говори низ било каква конкретна содржина – еден ден, ако сме добри ќе ни се каже самата ….
Впрочем, во штабот на Силјановска Давкова се свесни дека нивната гласачка група бездруго ќе гласа за нивната кандидатка, што таа и да рече и колку ќе биде убедлива. Со согласност со кандидатката, веројатно, се оди на заведување на неопределените, посебно оние кои имаат мала нервоза кога ќе им споменете политика. Најпрво со оној стој на глава пред „Летница“ а потоа и со снимки од вежбање на јога таа сакаше да демонстрира дека староста не и е хендикеп, но потоа со она „замњшателство“ со имињата на градовите каде борави покажа дека не вреди онаа поговорка „во зраво тело, зрав дух“, одноносно дека меморикјата почнала да ја издава и таа нема доволна конценцтрација за стресни функции.
На друга страна, професорката ги одбегнува допирните точки со традиционалните гласачи во голема мерка – демек тие се сигурни, како што рековме – но фактот дека не го користи семејството како упадлива слика подолго време, како еден метафорички израз на демохристијанската идеологија и „светоста на домот“, што потсвесно е граден кај гласачите е лоша страна на кампањата: без жената нема ред во куќата, како што вели таа на еден спот, ама без другите членови нема патријархална клима, нели, а тоа во следните денови секако ќе и биде „Ахилова петтица“ во очите на јавноста. Тоа нема да го исправи ниту еден извештај на ОБСЕ за стереотипниот поглед кон жената, како селекција низ полови предрасуди, изразен наводно во претседателската кампања кај нас, за што слушнавме од првиот извештај викендов.
Постои една вистинска анархија кај доследноста во изразените ставови во кампањата кај Силјановска Давкова, и тоа колку ли сакаш. Така, професорката се труди да нагласи дека потекнува од боречко семејство, но во гласот во еден од спотовите на кандидатката ја препознаваме вмроовката Валентина Божиновска, која еднаш не шокираше а и се уште ја помниме, преку повикот за „ноќта на долгите ножеви“, кога на еден собир ги поттикнуваше сопартијците да се пресметаат со членовите на ДИК (декември 2016 година)! Тоа секако не оди едно со друго, како и инсистирањето на своето охридско потекло (во биографијата стои дека таму завршила основно образование) со воскликот дека 64 години не излегла од Скопје, како покритие за географските бркотници што веќе толку и наштетија (Кочани-Кичево, Неготино – Кавадарци).
Професорката Силјановска Давкова, според нејзиниот колега Фрчковски користи една милитаристичка парола од советско доба (Мат-родина завјот) каде индивидуата треба да е жртва на повисоките вредности на државата. „Не знам во случајов во чија одбрана повикува“ – коментира Фрчкоски, а слични забелешки со многу детали за лозунгот со мобиклизирањето дава и архитектот Грчев. Би додале дека Велјановска Давкова сака да го активира народот „за конечна, последна пресметка“ со непријателот а тоа се оние кои ја „влечат“ земјата кон западните сојузи, без сомнение.
Забелешката за Стево Пендаровски е дека место тој да профитира со своето јасно, отворено заложување со години наназад за таква творба како што е Договорот, тој паѓа за една скала подолу и тврди „дека не можело подобро“. Ова можеби советници го сугерираат како одбрана кај оние кои не го мирисаат договарањето со Грците, ама таму навистина нема да може да се собираат гласови. Затоа и професорот Љубомир Фрчкоски во Отворено Студио на 1ТВ го извлече заклучокот дека „тоа е губитнички став“. Тој е одличен договор кој може да го продавате како формула на решавање на спорови. Ако ги прашате вмровците каков подобар договор би направиле, тие немаат одговор, освен дека не би правеле договор… Ги слушавме на телефон како се договараат, тоа беше пазар. Договорот ваков, каков што е ни ги решава проблемите кај афирмација на јазикот и националноста, за што порано не се ни договарало. Тој (договорот – н.з.) е маестрано направен. За Пендаровски може да се реќе дека лошо ги користи рацете, со кои мафта наокулу и тие влијаат на перцепцијата на кажаното – подобри се ситуациите кај т.н. младински трибини, каде тој седи, рацете принудно му мируваат а телото оддава смиреност.
Третиот кандидат Река како да ужива во позицијата која му дозволува да изигрува „мировник“ во дебатата и да говори за „граѓански вредности“, одбегнувајќи го зборот Македонија и придавката македонски, што е предност на која може да му се завидува. Но, надвор од говорите тој со низа потези го руши скелето на кое е качен, како со нападот на Имер Селмани кој учествува во дебатите како подршка на кандидатот Пендаровски, со што паѓа во бунарот на постојаните и болни меѓунационални тврди поделби, на шпто изгледаше имун! Дури најави средба со албанскиот амбасадор кому би му се жалел на Селмани, за кого знаеме дека е кандидат за конзул на Република Албанија во земјава.
Медиумски вмроовската отскочна штица засега е подобра, бидејќи успеа да ги блокира со целосно луди спинови ефектите од посетата на грчкиот премиер Ципрас на земјава, на пример.