Поголема соработка меѓу производителите, преработувачите, државата и науката е нужна за зголемување на земјоделското производство, кое со децении опаѓа. Недостигот и поскапувањето на храната поради војната во Украина ја нагласува важноста од домашно производство на основните прехранбени производи
Производството на сончоглед во Македонија е речиси преполовено во изминатата деценија, иако и претходно не беше ни блиску до доволно, а производството на пченица ретко која година ги задоволува домашните потреби. Не се произведуваат доволно ни останатите житни култури кои се користат како сточна храна, па и домашното производство на месо со години се намалува.
Кусокот се надополнува со увоз, кој често е поевтин од домашното производство. Оваа година, пак, поради рускиот напад врз Украина, цената на житата и на сончогледот се драстично зголемени. Со оглед на тоа што Русија и Украина се најголеми извозници на пченица и сончоглед, постои страв од недостиг во целиот свет. Проблемите со ланците на снабдување, санкциите и штетите од војната врз посевите во Украина го зголеми глобалното стравување дека нема да има доволно храна, дека нема да може да се испорача навреме и дека цените ќе растат.
„Ова што се случува сега со Русија и во Украина треба да нè натера да размислиме дека мора сами да ги произведуваме основните животни производи“, вели пензионираниот професор на Земјоделскиот факултет Илија Каров.
Дополнителен проблем за домашното производство годинава се и ѓубривата, чија цена сега е зголемена за 3-4 пати. Русија е еден од најголемите производители на вештачки ѓубрива и клучни состојки за ѓубривата во светот, а недостигот веќе се чувствува. Земјоделците стравуваат дека недостигот од ѓубрива може да ги намали приносите за дури 30 проценти, а производствената цена да биде речиси двојно повисока од лани.
Уште еден проблем годинава е што снегот и обилните дождови ги поплавија посевите во Пелагонија, па се очекуваат штети на пченицата и на јачменот.
Нафтата, која се користи за земјоделската механизација, е поскапена за речиси двојно од лани, па тоа дополнително ќе ја зголеми производствената цена.
Стравот од недостиг ги испразни рафтовите во продавниците, па неколку дена беше предизвик да се најдат брашно и зејтин.
Кога паничното купување заврши, снабдувањето се стабилизира, но стравот остана, со оглед на тоа што Македонија не произведува доволно храна за да си ги задоволи потребите.
Власта уверува дека во земјава има доволни количини, a министрите се растрчаа во регионот за да обезбедат залихи.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски изјави дека се очекува оваа година да се произведат 255 илјади тони пченица, а потребите на Македонија се 300 илјади тони. Николовски во вторникот во Белград се сретна со неговиот српски колега Бранислав Недимовиќ и постигнаа договор Србија да ја укине забраната за извоз на пченица, пченка, брашно и зејтин во Македонија и да почне испораката за земјава. Српскиот претседател Александар Вучиќ во четвртокот најави дека Србија ќе им испорача жито и брашно на Македонија и на Албанија, а се разговарало и за испорака на сончоглед и сончогледово масло. Србија произведува доволно жито и сончоглед за да ги задоволи своите потреби.
Белград на 10 март донесе привремена забрана за извоз на пченица, пченка, брашно и зејтин за да спречи нарушувања на пазарот поради воениот конфликт во Украина, но најави дека ќе ја укине забраната за земјите од регионот.
Професор Каров вели дека ударите од таквите меѓународни потреси се амортизираат само со домашно производство.
„Ако не за друго, барем за основните артикли – масло за јадење, брашно и сточна храна. Во никој случај не смееме да си дозволиме да одиме, како сега, да молиме дајте ни толку пченица, толку јачмен, тоа не е добро“, вели тој.
Скапите ѓубрива значително ќе го поскапат производството
Ѓубривото за земјоделското производство никогаш не било поскапо. Забраната за извоз од Русија, којашто е меѓу најголемите производители, за 300-400 отсто ги зголеми цените на вештачките ѓубрива, што е сериозна закана и за македонското земјоделство.
Од Асоцијацијата на земјоделци за Радио Слободна Европа велат дека ако лани за една вреќа од 50 килограми плаќале околу 600 денари, сега ја плаќаат 2800 денари. Но, проблемот не е само во високите цени, туку и во тоа што ѓубрива нема.
„Есенската сеидба е веќе извршена и сега ние со прихрана очекуваме да имаме подобар приход изразено во килограми, меѓутоа ако не фрлиме доволна количина на вештачки ѓубрива тогаш приносите ќе се намалат. Она што Владата донесе заклучок за плус уште еден месец забрана за извоз на зрнести производи како што е јачменот, пченицата, пченката, ние како земјоделци предлагаме таа забрана да остане до жетва затоа што ние се сомневаме дека ќе имаме принос како претходните години. Причина за тоа е што прво не можеме да набавиме вештачки ѓубрива во доволна количина, друго превисоки се цените, сите ние земјоделците одвај фаќаме крај со крај за да преживееме и да фрлиме прихрана онолку колку што сме имале замислено и сега оваа вонредна ситуација не можеме природно да ја издржиме“, вели Петар Стојкоски од Асоцијацијата на земјоделци.
Русија, исто така, произведува и огромни количества на клучни состојки во вештачките ѓубрива, кои им овозможуваат на растенијата и културите да растат. Проценките на земјоделците се дека, ако продолжи ваквата ситуација и недостигот од ѓубрива, приносите може да се намалат за дури 30 отсто. Стојкоски од Асоцијацијата на земјоделци порачува дека државата мора да се снајде за навремена набавка. Ако се задоцни со набавката ќе нема приноси од есенските посеви.
„Алтернатива е Министерството за земјоделство да се заангажира и да изнајде дополнителни решенија од овие што ние сме зависеле од Русија и Украина и да побараат од Грција или од други европски земји вештачки ѓубрива коишто ќе бидат по повисока цена“, вели Стојкоски.
Ако лани производната цена на пченицата се движеше од 10 до 12 денари по килограм годинава со поскапите горива и вештачките ѓубрива производната цена се движи од 20 до 23 денари, објаснува Билјана Петровска Митревска од Националната федерација на фармери.
Според нивните анализи, оваа година не очекуваат намалување на посевите, но доколку продолжи кризата намалување ќе има посебно кај житните култури.
„Постои голем страв кај земјоделците дали нивниот производ ќе биде продаден по соодветна цена која што ќе ги покрие трошоците“, вели таа.
Горан Маличиќ од Здружението на земјоделство и прехранбена индустрија, пак, вели дека голем дел од земјоделците или немаат можност или воопшто не планираат да фрлат ѓубрива за да се зголеми приносот или квалитетот на пчениците или житните култури. Како резултат на ова, следната жетва може да се соочиме со помали приноси и понеквалитетни суровини.
„Според нашите предвидувања, прво површините со пченица се помалку насеани за разлика од ланската година, значи во жетвата имаме недостиг од пченица, со другите житни култури – јачменот ќе го има во доволна количина, но со пченката знаете дека сме увозно зависни, така што секако Македонија ќе треба да увезе 30 илјади тони пченка“, вели тој.
Министерството за земјоделство веќе соопшти дека ќе одвои дополнителни 2 милиони евра за производителите на житни култури, кои ќе бидат наменети за субвенционирање на трошоците за ѓубрива, за да им се помогне во услови на зголемени цени. Уште два милиони евра беа одделени и за помош за производство на свињи и на јагниња. Нова дополнителна поддршка е предвидена и за пролетната сеидба на пченка, компир, грав, сточен грашок и ориз.
Според Маличиќ, помошта од државата не е доволна, зашто трошоците за производство се многу поголеми.
„Наш предлог до Владата е да ги земе на пример сегашниве зголемувања на субвенциите во Косово каде што достигнуваат вкупно по сите основи до 474 евра по хектар за пченица, така што со таков стимул мислам дека земјоделците повеќе би се ангажирале да засадат пченица“, вели Маличиќ.
Од Асоцијацијата на земјоделци, пак, имаат и други барања за да се намалат трошоците за крајниот производ.
„Имаме барање да бидеме ослободени од 50 отсто од закупнината што ја плаќаме на државата како кирија, тоа барање е во моментов на разгледување и тоа мислам ќе се дојде до такво решение“, вели Стојкоски.
(РСЕ – ИЛУСТРАЦИИ Глобус – продолжува во следниот број)