Домашното производството на жито, ориз, компир, сончоглед и месо се намалува со години, а Македонија увезува храна. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 година била произведени 243 илјади тони пченица. Во рекордната 2004 година, на пример, биле произведени 356 илјади тони
Европската комисија веќе предупреди дека руската инвазија на Украина и санкциите на ЕУ против Москва ќе бидат болни за земјоделците, потрошувачите, производителите на ѓубрива и извозниците на земјоделски производи, бидејќи Русија и Украина сочинуваат повеќе од 30 отсто од светската трговија со пченица, 32 отсто со јачмен и 17 отсто со пченка и повеќе од 50 проценти од трговијата со сончогледово масло.
Домашното производството на жито, ориз, компир, сончоглед и месо се намалува со години, а Македонија увезува храна.
Владата минатата недела ја продолжи до 15 април забраната за извоз на пченица, брашно, сончоглед и зејтин и други житарици за да се спречи недостиг. Министерството за економија соопшти дека оваа мерка се носи за да се спречи „да настанат сериозни пореметувања поради недостаток на стоки“ за производство и преработка.
„Целта на оваа мерка е заштита на домашниот пазар и граѓаните во време на криза за да се избегнат шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните“, соопшти Министерството за економија.
Производството на речиси сите земјоделски производи се намалува во изминатите 15-тина година. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 година била произведени 243 илјади тони пченица. Во рекордната 2004 година, на пример, биле произведени 356 илјади тони.
Ако за споредба за сите култури ја земеме 2014 година, кога биле произведени 287 илјади тони пченица, падот е над 10 проценти.
Во 2014 година биле произведени 137 илјади тони пченка, а во 2021 производството паднало на 130 илјади тони.
Производството на компир се намалило од 199 илјади тони во 2014 на 192 илјади тони во 2020 година.
Во 2014 се произведени над 30 илјади тони ориз, а во 2020 година под 20 илјади тони. Во тој период има зголемување на производството на градинарски култури и на речиси сите видови овошје.
Во 70-тите години од минатиот век, Македонија произведувала по 40 илјади тони сончоглед годишно, а сега производството е осум пати помало, па за производство на зејтин се увезува сурово сончогледово масло, а во земјава само се рафинира и се пакува.
Во изминатите две децении се намалува и вкупното производство на месо. Говедското, јагнешкото и пилешкото се намалуваат, а раст има само на производството на свинско месо.
Сточниот фонд исто така сериозно се намалува во изминатите две децении. Бројот на говеда е намален за 20 отсто, бројот на свињи за 30 отсто, бројот на овци е преполовен, а живината е намалена за повеќе од двојно.
„Ниските откупни цени и несигурниот пласман ги дестимулираат земјоделците“, вели пензионираниот професор на Земјоделскиот факултет Илија Каров.
Околу 100 илјади хектари обработлива површина во земјава стои неискористена, што е околу 20 отсто од земјиштето во Македонија.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски најави дека секое земјоделско земјиште ќе биде ставено во функција со цел зголемување на домашното производство на житарки.
„Министерството подготвува детална програма и преглед на секое слободно земјоделско земјиште коешто ќе биде ставено во функција. Околу 12.000 хектари ќе бидат на располагање и објавени преку јавни повици. За таа цел, се подготвува план како и во кој региони, кои култури ќе добијат предност и фокус“, рече тој во гостувањето на Утрински брифинг минатата недела.
Експертите велат дека производството се намалува поради тоа што не постои систем на гарантиран откуп или договорно производство кое ќе обезбеди сигурен пласман, а владата не прави интервентен откуп за да не дозволи на пазарот да има вишоци, а цените да паѓаат под производствените.
Маличиќ од Здружението на земјоделство и прехранбена индустрија вели дека за да има доволно количини за потребите на населението, за следната сеидба државата мора да го стимулира домашното производство со поголеми субвенции.
„Мора стимулот да се стави на домашното производство затоа што во ваква ситуација не сме сигурни дали ќе можеме да увеземе суровини од другите земји затоа што може да стават разно разни забрани како што сега се случува и да останеме без суровини и без разлика која да е цената на пазарот“, вели Маличиќ.
Пензионираниот професор на Земјоделскиот факултет Илија Каров вели дека субвенциите не се доволни. Потребна е сериозна земјоделска стратегија и повеќе да се користи науката, вели тој и нагласува дека мора повеќе да се стимулира домашно производство на семенски материјал.
„Ние се соочуваме и со периоди на суша и високи температури. Значи, освен тоа што површините ќе бидат засеани, мора и селекцијата и генетиката да се вклучат повеќе. Да создаваме наши сорти житни култури кои ќе ги издржуваат овие топлотни удари, високи температури и сушни услови и да дадат поголеми приноси“, вели тој.
Освен искористување на земјоделското земјиште, мора сериозно да се зголемат и приносите. На пример, во Србија се раѓа по околу 6 тони пченица по хектар, додека во Македонија просечните приноси се 3,5 тони. Каров е убеден дека приносите може сериозно да се зголемат.
„Ние со ништо не заостануваме кога имаме добра агротехника, добро знаење и добра механизација. Во Македонија има стопанства со многу добри приноси. Не се добиваат добри приноси ако само се посее, а нема добра агротехника, нема добро ѓубрење, нема прихрана и треба да се намалат губитоците при жетва. Многу е важно да имаме квалитетни комбајни што ќе го сведат губитокот на 1-3 отсто, а не како сега со старите српски комбајни кои во старт имаат 20-30 отсто загуба. Кога ќе ти остане пченицата или оризот на нивата, приносот сигурно е слаб и незадоволителен. Инаку, почвата е добра, климатските услови се добри, но треба да се вложува“, вели тој.