Уставниот суд, во случајот со одлуката за укинување на членот 4 од Законот за плати на функционерите, со што тие добија плати повисоки за 78 отсто
Уставниот суд во овој случај не требало воопшто да интеревенира и да се постави во еден вид на позитивен законодавец. Со ова што го направил, всушност избрал нешто што е покорисно и за самиот суд, односно за уставните судии, а тоа е да си ги зголемат платите, без да имате јасна волја кај законодавецот за такво нешто
Уставниот суд, во случајот со одлуката за укинување на членот 4 од Законот за плати на функционерите, со што тие добија плати повисоки за 78 отсто, ја има заменето волјата на законодавецот со сопствената волја, односно, избрал нешто што е покорисно и за самиот суд, односно за уставните судии, а тоа е да си ги зголемат платите, оценува универзитетскиот професор Денис Прешова.
Според него, оваа одлука во многу нешта потсетува на одлуката на уставните судии од 2016 година за изменување и дополнување на Законот за помилување.
„Чуварите на уставноста повторно нè враќаат на една ситуација претходно, особено 2016 година, и читајќи ја оваа одлука се навратив и тогаш во однос на онаа одлука, позната и контроверзна пред сè, за помилувањето односно Законот за изменување и дополнување на законот за помилување. И тогаш имавме некој адвокат, сосема случајно да достави иницијатива, тогаш беше од Охрид, сега е од Скопје. Ги прашувам колегите, најголем дел од нив не го познаваат, пребарував на интернет да видам дали има некакво интервју, некакви изјави дадено, бидејќи успеал да добие условно речено случај на Уставен суд, односно да укине делови од законот, а нема никаква изјава. Би претпоставил дека во таква ситуација би сакал да се промовира, посебно дека е помлад адвокат. Од друга страна, брзината со која се одлучува, со која се носи оваа одлука од четири месеци, повторно ме навраќа исто така и на тој случај. Уште една работа ме навраќа на таа одлука со укинување на законот за помилувањата, а тоа е дека Уставниот суд упорно не може да сфати или не сака да сфати, не му одговара на некого, која е неговата вистинска улога во системот“, изјави Прешова во вчершаното гостување во Топ тема на Телма.
Она што во основа го има направено Уставниот суд е тоа што ја има заменето волјата на законодавецот со сопствената волја, нагласи Прешова.
„Укинува само едни решенија, но не и други. Во правото, уште од римското право, постои една максима дека подоцна донесениот закон го дерогира претходниот закон, што значи дека порелевантна е волјата на законодавецот која е подоцнежна од претходната дури и ако јасно не ја изменил претходната волја. Уставниот суд во овој случај не требало воопшто да интеревенира и да се поставии во еден вид на позитивен законодавец. Со ова што го направил, всушност избрал нешто што е покорисно и за самиот суд, односно за уставните судии, а тоа е да си ги зголемат платите, без да имате јасна волја кај законодавецот за такво нешто. Зошто законски не се интервенираше за ова прашање, туку се најде ваков скратен пат или скриен пат до зголемување на платите. Мислам дека тоа е апсолутно некоректно и покажува дури и непознавање на улогата и на основните принципи или тенденциозност, инструментализација на Уставниот суд во насока на зголемување на платите“, додаде професорот Прешова.
Покачувањето на платите на функционерите дојде откако Уставен реши да ја укине одредбата со која се замрзнува основицата по која се пресметува платата на функционерите. Основицата, инаку, е предвидено да се определува според просечната плата во државата и за да се дојде до платата што ја земаат избраните и именувани лица, таа се множи со коефициент. Со тоа, функционерите добија покачувања од 78 отсто.