Сторијата дека Малтежаните бараат 50-тина возачи за нивниот јавен превоз во градов го отвори прашањето: шо ви треба за да најдете работа на топлиот југ и колку пари ќе треба да инвестирате?
Низ градот се рашири прикзна дека возачи од ЈСП „Скопје“ масовно купуваат мапи на Малта?! Наводно – според „Сакам да кажам“. досега 10 возачи дале отказ, а други 18 најавиле дека ќе заминат, бидејќи добиле работа да ги возат автобусите во јавниот превоз во оваа минијатурна островска држава. За тоа би земале по 1.300 евра, во зависност од искуството. Директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков за овој извор поврдува дека дел од вработените возачи дале отказ, но вели нема да има проблем во функционирањето на јавниот превоз.
„Најавени се 28 откази на возачи кои ќе одат да работат на Малта. Тоа е нивни избор. И да има повеќе кои ќе заминат нема да биде никаков проблем, имаме доволен број возачи. Го наследив претпријатието со 1.560 вработени“, вели Чушков.
Освен овие 28 вработени, за Малта треба да заминат вкупно шеесетина возачи. Минатиот месец бил објавен оглас, а потоа во Скопје имало интервју на надлежни во јавниот превоз во Малта, за ангажирање на возачи.
Како се наоѓа работа на Малта? Таму заминуваат многу жители на Македонија, главно со високо образование. Не е тајна дека со мало островско искуствио лесно се заминува во Британија.
Заминувањето на Средоземјето не е ни така евтино. Откако ќе најдат работа во островската земја, Македонците треба да аплицираат за работна дозвола која чини околу 500 евра и за која се чека неколку месеци, но нема гаранција дека сигурно ќе ја добијат.
Упорност, многу среќа, но и подготвеност да се работи и пониско квалификувана работа повеќе од 40 часа во неделата, се првичните работи кои се „гарантирани“ на Малта и добро да заработувате од неа. Келнери, шанкери, готвачи во ресторани, градежни работници,продавачи, собарки, се дел од работните позиции на кои најчесто работат Македонците во Малта. Тие што се таму велат дека приоритет при добивањето работа на повисококвалификувани места имаат жителите на земји од ЕУ, а дури потоа жителите на балканските земји како што се Македонија, Србија, Босна и Херцеговина.
На социјалните мрежи се врти приказната на скопјанката Марија, која веќе седум месеци живее на Малта, во градот Сент Џулијанс. Иако има завршено високо образование и имала приватен бизнис во Скопје, решила да си ја проба среќата на Малта.
– Решив да заминам поради финансиски причини. Мои другар и другарка веќе беа таму подолго од шест месеци и си реков зошто да не пробам дали ќе ми биде подобро. Очигледно дека е подобро, бидејќи и по седум месеци се уште сум тука – ја почнува својата приказна Марија. Таа живее во изнајмен стан заедно со двајца цимери, а на сите им е блиску до работните места, но и до познатиот кварт Пачевил каде се наоѓаат мноштвото кафулиња и ноќни клубови и е најпопуларно место за излегување.
На Малта заминала туристички, во посета на пријателите. Веднаш по пристигнувањето почнала самата да бара работа следејќи ги огласите залепени на продавниците, но и интернет-огласите на кои се бараат работници. Имала среќа да најде работа само за една недела откако дошла во Сент Џулијанс и тоа во декември, кога не е сезона.
– Не можам да кажам дали тешко или лесно се наоѓа работа. Веројатно најмногу зависи од тоа колку си упорен и што имаш да понудиш во CV-то – вели Марија.
Таа објаснува дека секоја работа на Малта се плаќа на час и зависно од местото и позицијата, сатницата е различна. Недела и државни празници се повеќе платени од работните саати преку недела.
– Доволно е да имаш 50 работни часови во неделата, вклучувајќи и работа во недела, за да имаш одлична плата. Животот секако е подобар отколку во Македонија, со платата можеме да си дозволиме да платиме кирија, храна и ноќен живот и плус да ставиме некое евро на страна. Генерално може да се каже дека ноќниот живот можеби е поевтин од македонскиот, а стандардот е прилично повисок од тој во Македонија – вели Марија.
Најголем проблем за Македонците на Малта е добивањето работна дозвола. Откако ќе најдат работа, луѓето од земјава треба да аплицираат за работна дозвола која чини околу 500 евра и за која се чека неколку месеци, а која по добивањето има важност од една година. По тој рок треба одново да се продолжи. Доколку барателот е одбиен за работна дозвола, парите не му се враќаат.
– Додека се чека дозволата, се работи на црно. Ако поминат три месеци, колку што имаме право на туристички престој со македонскиот пасош, треба да се вратиш во својата земја и таму да чекаш одговор дали си добил работна виза. Ако си ја добил, можеш повторно да се вратиш на Малта – објаснува Марија. Дел од работниците не ја ни добиваат иако имаат обезбедена работа и редовна плата, па го губат правото на престој во земјата подолго од туристички дозволените 3 месеци. Сепак, голем дел и покрај тоа одлучуваат да останат на Малта и да работат на црно, ризикувајќи да го изгубат правото на влез во земјата при првото излегување.
– Малтежаните како газди не се нешто подобри од македонските, но барем редовно даваат плата, секогаш на време. Целото прекувремено работење е платено без проблем. Има многу Македонци на Малта, но ние живееме во место каде што ги нема многу околу нас, бидејќи повеќето живеат во градот Буџиба, каде што кириите се поевтини. Затоа повеќе се дружиме со странци – го раскажува своето искуство Марија.
Луѓето кои подолго време живеат на Малта велат дека во последниве години властите прилично ги заостриле контролите на аеродромите за влез во земјата, особено за лица кои не се членки на ЕУ, бидејќи искуството им покажало дека повеќето не доаѓаат туристички, туку за да останат трајно. На влез во земјата освен резервирани авионски билети, резервација за хотел, бараат патниците да покажат и одредена сума пари за секој ден престој во земјата. Доколку ги немаат сите овие работи со себе, властите им забрануваат да влезат на Малта.
Слична е приказната која се врти по социјалните мрежи на скопјанецот Сашко Дамјановски кој од неодамна е во Малта Вели дека се бараат рецепционери, собарки, луѓе за работа во градежништво, угостителство, хигиеничари, а поретко има понуди за работа во фабрика. Вели дека во поголемите градови има повеќе потреба од работници, но таму и трошоците за живот се поголеми. Инак,у минималната сума за час работа е 4.25 евра, во градежништво 6 евра, за оние со ЕУ пасош ги плаќаат и по 9 или 10 евра од час. Тој работи како обезбедување во елитен клуб и е задоволен.
Според него, најлесниот пат до работа е да се аплицира преку тамошните агенции за работа.
„Најлесен начин да се најде работа на Малта е да се аплицира преку овдешните агенции за работа, а за да се аплицира треба да ги направите следните чекори: поради се построги контроли на Малта треба да си резервирате повратен билет нормално, а за краток временски период треба да имате резервирано хостел или апартман или да најдете познаник кој има малтешка лична карта и ќе каже дека ви е роднина и дека одите кај него во посета. При тоа мора да имате доволно финансиски средства и да покажете затоа што при влез во Малта бараат по 50 евра од ден. Откако ќе влезете во Малта имате две варијатни, да ризикувате да работите на црно или да аплицирате преку агенција“ – вели Дамјановски.
Додава дека за да аплицирате мора да најдете стан кој во овој период ќе ве чини над 700 евра, потоа да оставите депозит околу 700 евра и за агентот да платите уште 400 евра.
„Тоа искрено е најтешко, меѓутоа мора затоа што за да се аплицира за работа е потребен договор за стан за една година. Исто така треба да подготвите EUROPAS CV каде ќе имате препорака од некоја легална фирма од Македонија со посебен RECOMENDER или препорака каде ќе има дека вие сте работеле најмалку три години во истата фирма. Ова се меѓу другото најважните документи за кои луѓето кои доаѓаат не се информирани“ – објаснува скопјанецот.
За себе вели дека сето ова го чинело многу нервози, време, но на крај работите завршиле добро и сега барем имаат искуство.
Објаснува дека ако имате ЕУ пасош ќе ви биде многу полесно, а воедно ќе имате и повисоки примања.
„Откако сето ова ќе го имате се аплицира во некоја агенција и тука имате поволности, тие ви покриваат трошоци од околу 500 евра, а потоа ви ги одбиваат од плата. Откако ќе аплицирате ви даваат син картон, и за еден месец вие имате малтешка лична карта со која имате престој и можност за работа до една година, а потоа ја обновувате. Исто така важно е да се напомене дека во таа една година можете да работите само и само за агенцијата преку која сте аплицирале“ – објаснува Дамјановски.