Медиумите блиски до опозицијата го прикрија скандалот со Фејсбук навредите на Стоилковски
СИЛВАНА ЖЕЖОВА
Недозволиво е при појава на навредливи и дискриминаторски содржини, кои пристигнуваат од високо позициниониран функционер на една од двете најголеми партии во земјата, медиумите, без оглед на нивната уредувачка политика, воопшто да не ги третираат или, пак, да ги третираат половично, односно во рамките на „партискиот контекст“
На денот кога премиерот Зоран Заев и новата министерка за финансии Нина Ангеловска имаа прес-конференција за ребалансот на буџетот, при што воедно тоа беше и прво појавување на Ангеловска во јавноста по нејзиниот избор за министерка, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на неговиот Фејсбук профил објави статус, во кој, меѓу другото, новата министерка ја нарече „групировка“.
Под притисок на јавноста, осудата од страна на организации, здруженија, пратеници и политичари, Стоилковски најпрво се извини, а потоа го избриша статусот со навредлива содржина. Во извинувањето тој напиша дека „изнесената метафора била погрешно разбрана и протолкувана на погрешен начин.“
ОТСУСТВО НА РЕАКЦИИ Медиумите главно ги проследија реакциите од Владата, пратениците, организациите и здруженијата на граѓани. Но, имаше и такви медиуми, и тоа оние кои важат за блиски до опозицијата, кои само ги пренесоа осудите пристигнати од пратеничките на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласкова и Даниела Рангелова. Но, кај овие медиуми отсуствуваа реакциите на Владата, Форумот на жени на ДОМ, пратеничките на СДСМ и други.
Доколку не беа осудите на пратеничките на ВМРО-ДПМНЕ, изјавата на Стоилковски немаше да има никакво медиумско внимание од страна на овие медиуми. Во дел од медиумите блиски до опозицијата, статусот на Стоилковски беше спомнат само во контекст на текстовите во кои се пренесуваа реакциите на пратеничките, во дел, пак, тој статус воопшто не беше спомнат.
Така на пример, на порталот Курир нема ништо објавено за изјавата на Стоилковски, но од друга страна, пак, ја објавија реакцијата на претседателката на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, која преку нејзиниот фејсбук-профил испрати осуда за било каков говор на омраза и навреди кон жените. Но, во овој напис читателот не може да се информира кој е поводот и на што се однесува оваа осуда од страна на Ласовска. Особено што на порталот нема никакви други информации или реакции за Фејсбук статусот на Стоилковски.
И на Магазин главен фокус на написот поврзан со изјавата на Стоилковски е осудата од страна на пратеничките на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова и Благица Ласовска. Впечатокот е дека, доколку немало осуда од страна на овие две пратенички, овој скандал воопшто немаше да има медиумски третман од страна на овој портал.
Република, исто така, воопшто не го третираше скандалот со Фејсбук статусот на Стоилковски. И на овој медиум не може да се најде информација ниту за изјавата, ниту за реакциите, ниту, пак, за неговото извинување и повлекување на Фејсбук статусот. Навредата на Стоилковски кон Ангеловска за Република како да не постои.
Нетпрес, пак, еден ден по објавениот статус на Стоилковски на Фејсбук, го објави неговото извинување, а во написот е наведена и причината и некои од реакциите во јавноста. Посебна вест за статусот со навредливата содржина немаше.
ЈАВНОСТА ЗАСЛУЖУВА СЕОПФАТНА СЛИКА Сосема е поинаква сликата кога станува збор за бројот на објавени наслови кај медиумите кои не се сметаат за блиски до опозицијата. Сите тие објавија по неколку написи, покривајќи ги реакциите на институциите, невладините организации, групи граѓани, како и индивидуалните реакции.
Таков е случајот со А1он.мк, на пример. На порталот има дури осум вести во кои се пренесуваат реакции од страна на Владата, Форумот на жени, пратенички, итн. Новинската агенција Макфакс има објавено четири информации во врска со осудата на изјавата на Стоилковски од страна на пратенички, Форумот на жени на ДОМ, Агенцијата за медиуми. „Плусинфо“ и „МКД.мк“ објавија по три информации, меѓу кои и неговото извинување, како и осудите од страна на Владата и Форумот на жени на ДОМ. Сите овие медиуми на својата публика и пружија заокружена, сеопфатна и објективна слика за тежината и реакциите, за несогласувањето со речникот на Стоилковски и осудата кон искажаните навреди и дискриминаторскиот однос на портпаролот на најголемата опозициска партија кон претставничка на друга партија, која штотуку седна на министерското столче.
НЕПРОФЕСИОНАЛНО Недозволиво е при појава на вакви навредливи и дискриминаторски содржини, кои пристигнуваат од високо позициниониран функционер на една од двете најголеми партии во земјата, медиумите, без оглед на нивната уредувачка политика, воопшто да не ги третираат или, пак, да ги третираат половично, односно во рамките на „партискиот контекст“.
Исто така, непрофесинално е да се објават реакциите на пратеничките само од една или друга политичка партија. Граѓаните имаат право да ја добијат „големата слика“ и да стекнат комплетна претстава за настанот без прикривања и без притоа осудите да се делат по партиска припадност.
(crithing.mk – опремата е на Глобус)