На Трескавец снимени првите сцени за филмот „Врба“ на авторот на „Пред дождот“
Екипата за новиот игран филм на Милчо Манчевски насловен „Врба“ во текот на минатата недела два дена снимала сцени во прилепско. Авторот дел од времето престојувал во околината на манастирот Трескавец и тоа непосредно пред првата клапа.
Според продуцентот Јане Ќортошев, се снимаат летни сцени за филмот кој официјално ќе почне да се снима во октомври. Вели дека Манчевски во околината на Прилеп и Мариово секогаш наоѓал инспирација.
– Овие два дена правиме претснимање. Моравме да ги извадиме од основното снимање поради летото. Ќе снимаме и на едно поле со жито. Имаме сцена со жетва и битно ни е да ја снимиме сцената. Прво сме на Трескавец, а потоа на поле со жито. Инаку, снимањето на филмот ќе стартува помеѓу 5-ти и 10 октомври. Речиси три недели ќе бидеме во околината на Прилеп, а потоа исто толку време во Скопје. Во секој случај, Прилеп на Милчо Манчески секогаш му бил база од која секогаш наоѓал инспирација: Трескавец, околината на Штавица, Мариово, околу Марковите кули… Актерите се, главно, од Македонија, со мали исклучоци. Станува збор за млади актери, кои, главно, сега ја почнуваат кариерата, рече Ќортошев.
Тој на медиумите им открива многу за филмот кој има три љубовни приказни. За две од нив ќе се снимаат урбани сцени во Скопје.
– За филмот не би откривал премногу, но е конципиран на два-три дела. Станува збор за љубовни приказни поврзини меѓу себе преку симболот на врбата. Првиот дел од приказната се одвива во мариовските села и во нивната околина. За тоа ќе снимаме во Прилеп и во околината. А за втората и за третата приказна ќе снимаме во урбано Скопје, објаснува Ќортошев.
„Врба“ ќе биде шести игран филм на Манчевски, кој од Агенцијата за филм на Република Македонија е поддржан со 1,2 милиони евра. Во продукција е на „Сектор филм“ и продуцентот Владимир Анастасов-Вац.
Македонски филм Манчевски снима по осум години, односно по „Мајки“ од 2010 година. Последниот негов филм „Бикини Мун“ беше американско-германска копродукција без учество на Македонија и снимен во Њујорк.
За филмот на Манчевски се говореше и на последниот Кански фестивал. Еден од најпознатите британски продуценти Ник Пауел се наоѓа на Канскиот филмски фестивал на кој се претстави со два нови проекта. Едниот е новиот филм на Милчо Манчевски „Врба“, а другиот е филмот на Џулиус Амедуме „Ѕвечарка“, кој се наоѓаше во постпродукција.
Пауел, кој минатото лето се повлече од функцијата директор на Националната филмска и телевизиска школа во Велика Британија, истакна дека моментно работи со добитникот на „Златен лав“ македонскиот режисер Милчо Манчевски на новиот филм „Врба“ и на фестивалот во Кан бараше германски копродуценти.
Новиот филм наводно се состои од две љубовни приказни, и двете поставени во Македонија. Едната се одвива во 17-от век во руралните средини, а другата пак во современа урбана средина. И покрај тоа што станува збор за приказни разделени со стотици години, искуствата на двојките се преплетуваат.
-Тоа е игра на огледала меѓу двете приказни, двете двојки, што ја движат оваа приказна, објасни своевремено Манчевски.
Новиот проект ќе го одбележи враќањето на Манчевски од Њујорк во Македонија по речиси една деценија. Проектот е поддржан од Агенцијата за македонски филм.
Партнери на проектот се Владимир Анастасов од продукцијата „Сектор филм“, Игор Нола од „Мејнфрејм Продукција“ и браќата Чучков во Бугарија.
Инаку годинава во мај, кога се одржуваше Канскиот фестивал СЕКТОР филм ги повика младите на аудиција за неговиот нов игран филм „Врба“.
Се бараше пријавените да се на возраст од 18 до 32 години и не беше важно дали актерството им е остварена или планирана професија, За актерите и актерките од другите возрасти требаше да има повик во текот на летото..