ЏЕЉО ХОЏИЌ
Јас мислам дека деновиве Арбен Бени Шаќири може да собере 2.500 потписи, ако сака да ја банализира работава, како што успеаја да ја банализираат потписниците на ова отворено писмо, ако е тоа некаков репер. Потоа, мислам дека Бени деновиве може да презентира многу поатрактивна визија за МКЦ од Русе, секако ако му дозволат самопрогласените богови
Вчера бевме сведоци на едно отворено писмо до премиерот Заев, проблематично по повеќе основи, во кое видовме еден примитивен напад врз Арбен Бени Шаќири. За мене беше разочарувачки да видам видни имиња, дел од нив пријaтели, дел од нив познаници, дел од нив соборци, како се потпишале позади овој текст. Лош текст на кој може да му позавидат и поддржувачите на Иванов во неговите кандидатури за претседател на државата. Одамна не сум прочитал вакво нешто, а така да ме потсетува на она што сум го читал за општествениот контекст во најцрните денови на комунизмот.
Да почнам со ред. Писмото е адресирано на погрешна адреса. За новиот директор на МКЦ одлучува Управниот одбор на МКЦ и Градоначалникот на Град Скопје. Зошто го адресирале писмото до Зоран Заев, премиер на Владата, која нема никакви ингеренции над МКЦ? Зарем премиерот Заев треба да сече и за МКЦ? Што е следно, од премиерот да очекуваме да носи одлуки и за проблемите во некој куќен совет, во некоја зграда? Каде беше онаа заложба да не се концентрира моќ и да не се создава култ од политичките лидери? Или овде тоа не е важно, не се важни институциите, не се важни прописите, не е важна демократијата, слободата да аплицираш, овде е важно да се направи притисок врз добриот и мек Заев и да се избутка заложбата по секоја цена. Заложбата е Русе да не се чепка. А зошто да е недопирлив? МКЦ не е ничија приватна сопственост.
Сосема е легитимно да се даде поддршка на некој кандидат, за кој се смета дека е добар и тука нема ништо спорно. Но, она вчера се претвори во примитивен напад врз Арбен Бени Шаќири. Немаше разговор за политика, за идеја како треба да изгледа МКЦ, немаше одбрана на добри пракси и програми, имаше само напад и обид за дискредитација на Арбен Бени Шаќири. Во најцрното време на груевизмот беше исто, никако нивната пропаганда не зборуваше за политика и идеја, туку „успешната приказна“ ја бранеа со дискредитација на противкандидатите. Дел од потписниците беа и жртви на една таква пропаганда. Тие имаа поголема одговорност да најдат подобар начин да се застане зад одредена кандидатура, што да повторам, воопшто не е спорно. Вчера се изрезилија.
Па во писмото, самопрогласените богови велат следново: „Да не бидеме сфатени погрешно, ова не е негативна пропаганда кон господинот Арбен Шаќири, кој деновиве веќе отворено ја прославува новата функција (директорско место во МКЦ Скопје)“.
Ај сеа, кој ќе се заколне у мајка дека не бил со Бени Шаќири да ја слават заедно неговата функција? А одма после тоа да кажат каде Бени ја прославувал функцијата. Добро бе, не ли им беше срам да стават потпис на ваква малициозна реченица? Па ова ни Пандов не би го потпишал, ниту би го искористил како аргумент. Немаат ништо против Бени, ама ете лажат дека ја прославувал новата функција. Каков срам.
Потоа самопрогласените богови го велат следново, оние де, кои што немаат ништо против Бени: „Но повеќе од очигледно е дека господинот Шаќири го нема ни оддалеку потребното искуство да раководи со институција која се занимава со комплексните потреби на независната сцена, чиј дел тој не е, ниту пак кога било имал интерес да биде“.
Врз основа на што самопрогласените богови утврдиле дека Бени го нема потребното искуство? Му прочитале на чело, му ја виделе апликацијата и планот на работа, му направиле психо-физички тест? Или можеби нема иста крвна група како дел од потписниците на писмото? Да се разбереме, конкурсот кој го распишал МКЦ ги утврдува јасно условите за аплицирање. А за следниот конкурс, нека се потрудат потпишаните да да се вметнат и условите на комплексните потреби на независната сцена, а ако им проаѓа нека ја вметнат и крвната група на дел од потписниците како услов. Способноста на Бени, како докажан на јавната сцена, не може да биде доведена во прашање од дел од оние кои го потпишале писмото, а за кои ете прв пат слушаме и се искористени да бидат тука за писмото да добие на квантитет, зошто очигледно нема аргументација, нема факти. Познатите потпишани имиња ја пропуштија можноста аргументирано да образложат, имаа потреба да се обидат лично да дискредитираат. Со таквото отворено писмо, вчера на Русе му направија противуслуга.
Јас мислам дека деновиве Арбен Бени Шаќири може да собере 2.500 потписи, ако сака да ја банализира работава, како што успеаја да ја банализираат потписниците на ова отворено писмо, ако е тоа некаков репер. Потоа, мислам дека Бени деновиве може да презентира многу поатрактивна визија за МКЦ од Русе, секако ако му дозволат самопрогласените богови. Е сега, не им е другарче по мерка, ама барем му признаваат дека бил добар музичар. Тоа е нивниот обид за компромис, ете Бени бил добар музичар, ама не е менаџер како Русе.
На социјалните мрежи, кај дел од поддржувачите на Русе, освен недостиг на аргументација во нивната желба за останување на сегашното раководство во МКЦ, која да повторам, може да биде легитимна, може да приметите наратив како ете они биле културњаци, они се авангардата, царевите на алтернативата, а ова друго сѐ е сељачана. Они да ти биле елитата на Скопје, повисоката раса во градот, никогаш неразбрана од обичниот народ. Па извртувањето на тезите и малициозноста иде до таму што велат „Да отвориме институција за секој кој сака да биде директор“, за човек кој аплицирал на отворен повик на засегнатата институција. Во суштина гревот на Бени е што не ги прашал нив дали смее да конкурира на отворен конкурс. Веројатно требало Бени да ги праша Русе, Уранија и Никола Гелевски, а бе срам да му е.
Во обидот на замена на тези велат „Не го чепкајте МКЦ“. Ниту Русе е МКЦ, а Бога ми ниту потписниците на тоа отворено писмо, кое е во духот на сталинизмот. Во МКЦ се менувале генерации и ќе се менуваат генерации. Во демократијата тоа е нормално, како и во животот. Секако, во комунизмот со децении е нормално да има една постава. Ама природниот закон вели дека никој не е до века. Потоа, од останатите демагогии велат „Ниту ВМРО не го чепна МКЦ“. А зошто би го чепнале, кога тоа било по мерка на Коце. Можеби новиот градоначалник на Скопје има друга визија за МКЦ, сака да го подигне на едно повисоко ниво. Или преку молба до Заев да му го одземеме тоа право на Шилегов, па до го хејтаме до следните избори? Зошто МКЦ да не прерасне во место препознаено од младите во регионот? Ах, да, самопрогласените богови донеле одлука дека таму успешната приказна на другарчето Русе мора да остане, па макар му се замериле и на Заев за тоа. Какво ти НАТО, и Вашингтон и Берлин, и датум за преговори, и Договор со Бугарија, Договор со Грција, ако Русе не е во МКЦ. Пропадна Македонија, Западен Балкан, Европа, Америка, ма отиде светот. Сеа и на Заев да му се качиме на глава, некој управен одбор на МКЦ решил да го менува Русе од МКЦ, а Заев мирно спие. А бе право во мета.
Дополнително, вчера, додека се споделуваше хајката врз Бени Шаќири во отвореното писмо, на официјалната ФБ-страна на МКЦ отвореното писмо беше споделено со коментар „Ви благодариме на поддршката“. Дали е тоа демократски или тоа е злоупотреба на функцијата? Борбата Русе да остане директор на МКЦ не смее да се води преку дискредитација на противкандидатите за истата функција од официјалните канали за комуникација на институцијата. Во режимот на Груевски зборувавме за одделување на партијата од државата, ама и ова е еднакво толку лошо. Како што ВМРО не беше Македонија, не е ни Русе МКЦ. Знам, самопрогласените богови, немаат доблест да ја прифатат ниту оваа забелешка. Едноставно, Русе не сме пасти!
Тргнете го Бени за момент на страна, еве нека се заврши по нивно. Дали се свесни што направија со таа хајка вчера? Секој кој имал амбиција да менаџира било која културна институција, ако не е по мерка на другарчињата на Русе, треба да размисли да се воздржи од апликација, затоа што другарчињата ќе почнат јавна хајка. Ќе идат до Заев, во отворено писмо. Ќе ги искористат каналите за комуникација од самата институција за да го нападнат. Замислете, некој Бени, Ненад, Амар, Перо, без амин од Русе и другарчињата ќе се замислува да се кандидира за директор. Па има одма да се соберат 250 луѓе и да го прогласат за неспособен!
Уште дел од потпишаните самопрогласени богови да ти биле независни, а земаат пари за проекти од државата, а Бени Шаќири да ти бил зависниот, кој од државата за свој проект не земал денар.
Видете сега уште една спорна димензија на отвореното писмо:
Потписниците на вчерашното отворено писмо, кое се претвори во хајка против Бени Шаќири, се и Уранија Пировска и Симоноска Павлина. Покрај имињата на Уранија и Павлина стои дека тие се од Хелсиншкиот комитет. Да беа само нивните имиња и презимиња потпишани како поддршка на текстот, немаше да има ништо спорно, но тоа очигледно било малку, па го додале името на организацијата во која работат, Хелсиншкиот комитет. За ваша информација, јас сум долгогодишен член на Собранието на Хелсиншкиот комитет, Уранија како директорка до вчера ја почитував и мислев дека делиме ист систем на вредности. Денеска давам неотповиклива оставка од членството во Собранието на Хелсиншкиот комитет, а останатите членови на Собранието ги повикувам да размислат дали ќе побараат образложение и одговорност од Уранија, што дозволила кредибилитетот на Хелсиншкиот комитет да биде искористен во одбрана на фотељата на Русе, како и во хајката против Бени Шаќири.
Потписниците на ова отворено писмо прописно се изрезилија. Оваа брука подолго време ќе ги прати, како доказ за двојни или чудни аршини. Немаше да има ништо спорно да се потпишаа и застанаа позади Русе, без да го оспоруваат правото на кандидатура на било кого и без да се обидеа лично да дискредитираат.
Јас за крај би сакал да споделам една анегдота, која ми ја кажа мојот пријател Ненад, редовен колумнист во „Слободен печат“, а од неа прозваните политичари во вчерашното отворено писмо, може сами да извлечат поука:
Кога Зоран Ѓинѓиќ беше премиер на Србија, во една прилика му беа понудени две имиња за министри на културата, едниот бил Бранислав Лечиќ, а другиот потполн анонимус, некој второлигашки бирократ, техничко лице кое си ја знае областа од културата во неговата практична смисла, а позади кое стоело лобирање на влијателни луѓе. Ѓинѓиќ, каков што го дала мајка природа, одлучил да биде Бранислав Лечиќ нов министер за култура. На прашањето зошто тој, кога реално не ја познава техничката работа на Министерството за култура, Ѓинѓиќ категорично пресекол: затоа што е познат!