АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ
Кога Зоја Бузалковска поднесува оставка од функцијата советник во министерството за култура, тоа е одраз на стручност и професионалност. Кога Роберт Вељановски нешто раскажува тоа е партиска послушност. Постои огромна цивилизациска разлика помеѓу овие две појави. Едната и припаѓа на оние највозвишените другата на оние најниските.
Не можам повеќе да ја слушам таа глупава реторика која постојано нашите реакции ги сместува во политичка припадност. Не знам што ви прават таму во ВМРО ама не ми е јасно како не сфативте дека постојат уметници кои ќе ја бранат уметноста и само принципте без разлика на нивната политичка верска или свемирска припадност.
Кога некој од нас, принципиелно ќе се спротиставеше на светата културна политика на Никола Груевски, веднаш беше прогласуван за комуњара или предавник или му беа вадени документи за да му биде нанесена штета на угледот. Ниту еден од вас блиски и послушни на тој човек, ниту еден од вас никогаш не застана и кажа било што во наша одбрана. Ниту во одбрана на принципите за кои зборувавме. Денес многу од тие луѓе продолжуваат да се залагаат за принципите, за истите тие принципи за кои зборуваа додека вие удобно владеевте со македонската култура и создававте монструм од неа.
Ставот на Зоја Бузалковска е принципиелен, не политички! Такви ставови имаат уште многу луѓе од македонската култура и такви ќе останат без разлика на тоа кој владее со оваа земја. Не знам со кој шампон ви ги мијат главите да не знаете да разликувате став од политичка послушност. Без никаков срам марширавте во протест за буџетот. Реакцијата на Зоја, па и на останатите луѓе од челните позиции на македонската култура (директорите на македонските театари) е сериозна и принципиелна. Тие не се согласуваат со некомпетентно одобрена програма. И тоа е став. Тоа нема никаква врска со СДСМ или ВМРО. Светот на принципте постои вон овие две категории.
Министерот Адеми не излезе на прес и рече дека Зоја е ВМРОВСКИ кодош и платеник. Чувствувам искрено гадење од вашата потреба се да ставите во политички контекст и тоа од позиција на ВМРО. Се срамев од вас со години, од вашата потреба да газите преку сите нас, да не понижувате и да ни се заканувате. Она што го доживеав од вас не му го посакувам никому. Решив да го заборавам и да одам понатаму. Ама дека ќе слушам и понатаму глупости од типот на пресот на Вељановски тоа мислам дека нема.
Овој гест на Зоја зад себе има само принцип и заштита на културата и не смее да биде извалкана со вашата политичка реторика. Постојата луѓе со интегритет и уметнички квалитет и луѓе на кои на ливче им пишува што да кажат. Ние принципите на културата и уметноста ќе ги браниме со сопствениот став не со партиски прес конференции. ВМРО, вели Вељаносвки нешто повикува. Драги мој Вељановски прво морате да се извините и да барате прошка за се она што го правевте десет години. Ниту еден од вас нема никаков морален ниту уметнички кредибилет било што да бара. Не ја ставајте реакцијата на Зоја и останатите уметници во ист кош со вашите партиски задолженија. Постои голема разлика помегу она што вистинските уметници го прават за нашата култура и она за што вие сте платени да го зборувате.