ВЕСНА ПОПОСКА
Ме фрапира со која леснотија се употребуваат зборови како „режим” и „талибанци” од луѓе кои никогаш за ништо не се пожалиле, а есенцијата на човековите права ја сфаќаат како неможност за патриотско обединување во меана
Една специјална обвинителка и уште некоја специјалка плус зад решетки, половина пандемија подоцна, откако повеќе одлежавме како чесни граѓани во полициски час отколку Груевски и компанија во апс, не смееме да заборавиме како и зошто дојдовме до овде. Властодршците не смеат да заборават како ја добија власта, за да не бидат приморани да ја изгубат, па да се чудат, а опозиционерите кои беа инволвирани во режимските скандали мора да поднесат не само морална и политичка туку и кривична одговорност, а и секако да останат опозиционери бидејќи под флоскулата „Живот за сите” најмногу профитираа некогашните режимски колаборатори ( на сателитските партиички исто им се фаќа, се прилагодуваат на секоја власт и имаат повеќе функционери отколку членови на извршен одбор).
Шарената револуција донесе енергија која беше неопходна за спас на надежта во подобро утре, но остави и разочарани многу свои чеда и поддржувачи, откако создаде многу новопечени функционери со стари, лоши навики. Нејзиниот дух е депримиран, но се уште е жив, и во пресрет на локалните избори ќе резултира со веројатно најголемиот број на независни листи и кандидати до сега.
Разочарувањето од европската агенда за проширување, борбата со лажни вести и дезинформации и глобалните предизвици пред кои е исправен светот не ја одминуваат ни северната ни јужната хемисфера од планетава, не па нашава мала комуна. Сепак, глобалните грижи не смеат да бидат изговор заради кој ќе изостанат локалните резултати во секоја сфера, па и во спроведувањето на правдата. Принципот на неказнивост мора да заврши еднаш засекогаш, за да не се повтори. Одговорноста е клучен збор во демократијата, која нема ништо со вазалството.
Само така може да се ресетираме како општество откако повторно се поделивме, овојпат на вакцинирани и невакцинирани. Ме фрапира со која леснотија се употребуваат зборови како „режим” и „талибанци” од луѓе кои никогаш за ништо не се пожалиле, а есенцијата на човековите права ја сфаќаат како неможност за патриотско обединување во меана.
Иако секое чудо е за три дена, толку чуда се случуваат на дневно-политичкава сцена што не можеме да излеземе од зачуденоста туку-тики-така, особено по неколку брилијантни изјави на универзитетски професори.
Нејсе, македончето секако ќе го чува кубурот за потешки времиња
(ФБ статус)