Приказната за Едвард, чичкото на кралицата Елизабета, кој се откажа од престолот поради љубов На некој начин се продолжува со она што деновиве му се случи на Бекингем со внукот Хари и неговата млада сопруга Меган Маркел
Кралицата Елизабета имаше само 25 години кога го наследи тронот од нејзиниот татко, Кралот Џорџ. Но, она што најверојатно не го знаете е дека Кралот Џорџ не бил првиот наследник на престолот.
Историјата на Британија би била далеку поинаква ако Едвард, братот на кралот Џорџ, не абдицирал од престолот. Кралот Едвард VIII го направил она што ниеден монарх немал слобода да го направи – се заљубил во погрешна жена.
Кралот Едвард бил заљубен во Волис Симпсон, која не само што била американка, туку во тоа време сè уште била во брак и имала еден развод зад неа.
За некои оваа приказна е љубовна приказна на векот, а повеќето ја гледаат како скандал кој за малку не ја ослабел власта и репутацијата на монархијата.
Кој бил kралот Едвард?
Кралот Едвард цел живот имал одбивност кон традиционалните и застарените методи на британската монархија. Неговиот татко пред смртта бил многу загрижен за тоа како Едвард еден ден ќе стане крал со неговиот импулсивен карактер. Пред смртта, тој кажал дека неговиот син ќе уништи сè за само 12 месеци откако тој ќе умре.
Тој отсекогаш сакал да биде третиран како и сите други момчиња кои немаат кралско потекло и му било многу непријатно поради привилегиите кои ги уживал додека бил на училиште.
Народот многу го почитувал поради неговата желба да биде пуштен во првите редови во војната и да се бори рамо до рамо со другите војници за време на Првата светска војна.
Сепак, се шпекулира дека кралот Едвард имал многу ментални проблеми. Се грижел за неговиот изглед до опседнатост, јадел премалку, сакал неговите нозе да бидат многу слаби и затоа вежбал до изнемоштеност. Имал многу други компулзивности како играње со манжетните, преорганизираност и опседнатост со Дизни играчки.
Кралот Едвард уште како многу мал изгледал одлично. Бил синооко младо момче со убаво лице. Патувал многу низ светот заедно со неговиот брат, Кралот Џорџ, и кршел срца насекаде низ светот.
Уште од многу млад имал многу уникатен стил на облекување и модата му била еден вид на хоби. Сепак, она што било доста контроверзно е тоа што неговиот интерес секогаш бил насочен кон мажени жени. Имал три познати афери со мажени жени од кои последната е со Волис Симпсон, која подоцна му станала сопруга.
Како почнала љубовта афера?
Едвард имал долгогодишна афера со виконтесата Телма Фурнес. Во 1931 година, таа направила забава каде што бил поканет Едвард, а во исто време биле поканети и Волис Симпсон и нејзиниот сопруг Ернест Симпсон. На оваа забава идната двојка првпат се запознала.
Четири месеци подоцна, Едвард и госпоѓа Симпсон се сретнале пак, а седум месеци подоцна, принцот бил на вечера во домот на Симпсонови, каде што останал до 4 часот наутро. Наредните две години нивните средби станувале сè почести, а веќе во 1934 година, принцот Едвард ги прекинал сите други романтични врски во неговиот живот и Волис Симпсон станала единствената жена во неговиот живот.
Која била Волис Симпсон?
Волис Симпсон потекнува од американско семејство кое било на високите социјални листи, меѓутоа никогаш во животот не било многу добро финансиски ситуирано. Нејзината умешност на качување на таа социјална листа е тоа што ја довело до кралот Едвард.
(продолжува во следниот број)