Меган се врати во Канада, кралицата бара решение за скандалот во кралското семејство. Престолонаследникот Чарлс се закани дека дворот може да им ја укине апанажата
Кралицата Елизабета и други високи претставници на британското кралско семејство се обидуваат да ја смират ситуацијата подготвувајќи план за Хари и Меган, откако парот соопшти дека се повлекува од кралските должности
Меган, сопругата на принцот Хари, се врати во Канада за да биде со нивниот син, откако парот испровоцира расправија со кралското семејство на Велика Британија неочекувано објавувајќи дека ќе се повлече од кралските должности за да помине повеќе време во Северна Америка.
Кралицата Елизабета и други високи претставници на британското кралско семејство се обидуваат да ја смират ситуацијата подготвувајќи план за Хари и Меган, откако парот го изненади семејството, излегувајќи во јавноста со нивната објава без претходни консултации.
Двојката помина шест недели во Канада на крајот на минатата година пред да се вратат во Велика Британија.
Нивниот син, Арчи, остана во Канада додека Хари и Меган се вратија да најават дека ќе се повлечат од кралските должности. Меган се врати во Канада да биде со својот син, соопшти портпаролката.
Двојката – официјално војводата и војвотката од Сасекс – рекоа дека со месеци размислувале пред да ја донесат одлуката, со намера времето да го минуваат дел во Британија, а дел во Северна Америка за да имаат повеќе простор за себе и Арчи. Тие исто така рекоа дека имаат намера да станат финансиски независни.
Парот, кој во ТВ-интервју минатиот октомври зборуваше дека се соочува со интензивно медиумско внимание, преку Инстаграм ја откри својата одлука за повлекување од кралските должности, што длабоко го повреди и разочара кралското семејство.
Дискусиите за иднината биле во прелиминарна фаза и за одлуката не била консултирана ниту кралицата, ниту принцот Чарлс – таткото на Хари и наследник на престолот, тврди извор од кралството.
„Кралицата се бори за да ја спаси монархијата“, објави „Дејли Мирор“ на својата насловна страница, додека таблоидот „Сонце“ објави напис за „Кризните разговори откако двојката ѝ се спротивстави на кралицата“.
Додека другите членови на кралското семејство имаат платени работни места, не било веднаш јасно како Хари (35) кој е шести во ред за престолот, и Меган (38), ќе може да живеат како што велат кралските биографи „полу-кралски“ – и кој ќе плати за тоа.
Весникот „Тајмс“ објави дека Чарлс може да го прекине нивното финансирање ако се оддалечат од кралските должности, иако експертите за односи со јавност рекоа дека парот може да ја искористи својата глобална слава за да заработува големи суми пари преку јавни настапи или од сопствена ТВ продукциска компанија.
Пред шест месеци Хари и Меган се обратиле во Канцеларијата за интелектуална сопственост во Велика Британија за да ги заштитат фразите „Сасекс Ројал“ и „Фондација Кралство Сасекс“ за различни производи почнувајќи од книги и добротворни кампањи па се до пижами и чорапи.
Анкета на YouGov спроведена на 1.327 Британци откри дека 45% ја поддржуваат одлуката на парот да се повлече од кралскиот живот, но 63% веруваат дека нивното финансирање од војводството Корнвол треба да заврши.