БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Мнозинството е секогаш погодено од знаењето, тоа е како да и задавате удар на бесрамноста, таа е зачудена и со уште поголема сила возвраќа, додека не се предаде нападнатиот, затоа што секогаш ќе биде истиснат од тоа мало, ситно, интелектуално џуџесто мнозинство
Проблемот што го има Караџовски е далеку подлабок и позагрижувачки отколку што на прв поглед изгледа. Тој проблем што тој го има и се соочува веројатно одамна, е длабоко вкоренет во системот, во политичката култура, во менталитетот, во систематското уништување на знаењето и образованието во оваа земја. Во немањето елементарна почит кон знаењето, квалификуваноста, сè е сведено на негирање и косење на луѓето со знаење и ум, со вештини, со децении исполнети со тешка работа и многу труд. Кому тоа му треба, за што таквите користат, освен за потценување, исмејување, понижување.
Мнозинството е секогаш погодено од знаењето, тоа е како да и задавате удар на бесрамноста, таа е зачудена и со уште поголема сила возвраќа, додека не се предаде нападнатиот, затоа што секогаш ќе биде истиснат од тоа мало, ситно, интелектуално џуџесто мнозинство.
Мнозинството секогаш бара одење надолу и расфрла и разбуткува се по тој пат, низ потрагата по неукоста на медиокритетите посакува силно тапост, поддржува гласна потпросечност, охрабрува и крева на рамениците само од своите, со нив се идентификува, само тие ги разбира и нив ги признава.
Оттука, барањата за оставка на Караџовски од ВМРО-ДПМНЕ, но и од дел на јавноста секако дека може да се разберат, се сфаќа мотивот, се детектира точно таа дијагноза, затоа што ништо и повеќе не може да се очекува од нив.
Се препознаваат и тие симптоми – дури и нивната грубост која некои со право ја нарекуваат и примитивизам, онаа ароганција кога неукоста станува водилка, она неверојатно безбразие на оние кои не знаат ништо повеќе од тоа да понудат- никому, најмалку на колективот, каков апсурд, дури и на самите на себе.
Таквите тие, бараат оставка на врвен стручњак, доктор кој работи 27 години во областа епидемиологија, човек кој испратил 13 министерски влади и којзнае уште на колку ќе им замавне само со рака, испраќајки ги, за некои со желба да не ги види никогаш повеќе. Ќе му се подисправи за момент грбот, затоа што товарот од политиката кога е водена од незнаењето е најтешкото бреме воопшто, ќе воздивне и можеби за првпат ќе земе со сета сила воздух.
Така многу често изгледа патеката на еден живот во оваа земја, така е и искасапен патот на најважните луѓе, ако погледнете историски. Преиспитувања, оспорувања, критики- секако дека се многу важни, но само преку дијалог, дебати, аргументи- на тие спротивставени мислења. Поинаку, настапува мрачно време- кога линчот го спроведуваат оние кои нè плашат- онаа тврдокорна неукост и глупост, која надвладеа во оваа земја и игра застрашувачки весел танц врз нашите глави.