ТЕОФИЛ БЛАЖЕВСКИ
Доколку со или без референдум С. Македонија се повлече од Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, преговарачкиот процес со ЕУ, кој сè уште е само формално започнат, ќе биде блокиран сè до постигнување на нов договор, кој, потоа, логично е да се претпостави, ќе доведе и до потреба за изменета преговарачка рамка со ЕУ. Не треба голема експертиза да се заклучи дека тоа може да значи блокада на земјата на патот кон ЕУ на подолг, можеби, децениски период
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во говор се осврна со појаснување во јавноста зошто се бара референдумот за Договорот со Бугарија од 2017 година, при што може да се препознае спин:
Спин: Договорот за пријателство и соработка со Бугарија е изворот, темелот врз кој Бугарската држава ја гради својата ригидна и негаторска политика кон нашата Македонија. Впрочем, не случајно кон овој договор се повикува и протоколот кој неодамна се усвои, како и членот 5 од преговарачката рамка. Кога се удира по неправдите, најдобро е да се удри по нејзините корени, од кој овие 5 години гледаме како израснува затруено дрво, кое раѓа затруени плодови. И сите оние кои прашуваат зошто преговарачката рамка не се спори, зошто францускиот предлог не се условно наречено не се збори наместо договорот, одговорот е дека најдобро е да се удри по корените на затруените дрво, а не по отровните плодови кои ќе се исушат ако го снема коренот“
[Извор: Канал 5 – Мицкоски/говор, датум: 08.09.2022]
Контраспин: Во ова тврдење на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ се препознаваат два спина. Главниот е дека Договорот бил коренот на проблемот, а вториот, што се надоградува на него, е дека таквиот лош договор е вграден во Преговарачката рамка со ЕУ и поради тоа е подобро да се „удри по суштината на неправдата“, по „коренот“, т.е. да се изјасни народот за да се урне Договорот преку референдум.
На овој спин на Мицкоски се надоврзува и потпретседателот на партијата Александар Николоски, кој во интервју за унгарска новинска агенција што е регистрирана во Лондон, вели дека бугарските барања што се извор на блокадите од официјална Софија на ЕУ патот на С. Македонија датирале уште од 2017 година, од моментот на потпишување на документот:
Овие бугарски барања датираат од 2017 година, кога тогашниот македонски и бугарски премиер го склучија договорот за пријателство и добри односи. За жал, тој договор не донесе пријателство, добри односи или соработка, туку трајно вето за да се спречи Македонија да влезе во ЕУ. Затоа мислиме дека на луѓето треба да им се даде можност да го изразат своето мислење за договорот. Сметаме дека тоа е катастрофално и извор на сите проблеми на Македонија.
Хронологијата на настаните од 2017 до денес, покажува, сепак, дека реалноста е нешто поинаква. Имено, Договорот за пријателство добрососедство и соработка меѓу двете земји, кога беше потпишуван во 2017 година, имаше за цел да реши едно од две отворени прашања на тогашна Република Македонија со своите соседи. Во овој случај со Бугарија, со која дотогаш соработката се одвиваше на релативно ниско ниво и само врз основа на стар документ, на пониска основа од меѓународен договор, што го постигнаа во 1999 година тогашните премиери на двете земји, Љубчо Георгиевски и Иван Костов. Самиот Договор од 2017 г., не претпоставува доминација на Бугарија дури ни со членот 8 за историската комисија, зашто таа е на „паритетна основа“.
Воедно, сосема е јасно дека не станува збор за идеален договор, тој по оценка на експерти беше оценет како благо асиметричен за македонската страна, а во полза на Бугарија, но факт е дека тогаш немаше радикални барања во однос на македонскиот идентитет, за јазикот и нацијата и по потпишувањето работите почнаа да се придвижуваат нанапред. Билатералните средби зачестија, намерите за соработка преточени преку средби, посети и заеднички одбележувања, забрзаа.
Работите се променија драстично по Декларацијата усвоена во 2019 година од страна на Собранието на Република Бугарија изградена по Рамковната позиција на тогашната бугарска влада околу давањето поддршка за започнување на преговорите на ЕУ со Албанија и Македонија. Оттогаш, па преку Појаснувачкиот Меморандум на бугарската влада од 2020 година за позициите на таа земја во однос на ЕУ перспективите на С. Македонија, односите меѓу двете земји одеа надолу наместо да се подобруваат. И тоа добро го констатира повеќе пати и еден од актерите на Договорот од 2017 година, тогашниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, а тука само ќе наведеме една негова реакција во 2021 година и сега во 2022 пред некој ден, каде јасно кажува дека Договорот има смисла и е добра основа, но без негирање на македонскиот идентитет. Приближно таква оценка дава и Претседателот Стево Пендаровски по првото вето во 2020 година, а за суштината на проблемот некој месец порано анализа направи и Институтот за европски политики, во која, во детали се опишува каде лежи проблемот, преку анализа на дотогаш спроведеното од Договорот меѓу двете земји.
Според тоа, може да се оцени дека самиот Договор не е извориштето на проблемот, „коренот“ што би рекол Мицкоски, туку различното однесување на Софија по 2019 година, од кога се радикализира толкувањето на исполнувањето на Договорот, особено преку работата на мешовитата историска комисија. Но, се наведуваат и други барања, од кое едно го немаше воопшто до пред една година – внесување на Бугарите во земјава во Уставот. Како и да е, по 2019 г., следеа блокади и во 2020 и во 2021 година, сè до крајот на јуни 2022 г., кога врз основа на т.н. Француски предлог на Преговарачката рамка со Унијата, која земјава ја прифати во еден турбулентен процес на политички расправи во и вон Собранието и жестоко спротивставување на значаен дел од јавноста, по што следуваше формалното започнување на преговорите со ЕУ.
Што би значело напуштање на Договорот?
При барањето референдумот да биде само за Договорот со Бугарија, ниту Мицкоски, а ништо посебно ни другите високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ, не кажуваат што би значел евентуален успешен референдум. Антонио Милошоски избегнува да даде детално појаснување, велејќи само дека ќе значело сигнал до Софија дека сакаме нов договор на рамноправни основи и смета дека ЕУ не би ја исклучила С. Македонија целосно од ЕУ перспективите. Но, ниту тој, ниту друг некој, се осмелува да каже што значи тоа во некои годишни рамки.
Под претпоставка дека со или без референдум земјава би го напуштила Договорот, тоа значи дека до потпишувањето на нов не може да продолжат преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија, зашто тој е веќе вграден во Преговарачката рамка. Значи прво ќе биде потребно долго, а многу веројатно повеќегодишно преговарање со Бугарија за нов договор. Имајќи ја предвид досегашната „освоена позиција“ на Софија во Преговарачката рамка, тешко е да се претпостави дека тоа може да се случи брзо, особено доколку на новите избори во Бугарија во Владата влезе и радикалната десничарска партија „Преродба“, која има високи 12 посто од довербата во јавноста.
Дури по тој нов договор би следел процес на ново усогласување на ЕУ членките за изменета преговарачка рамка, пример кој досега не е познат во ЕУ проширувачкиот процес, за што сведочи и искуството на државниот советник Драган Тилев:
Нагласувам дека Преговарачката рамка е унилатерален документ на ЕУ, во чие дефинирање ние не учествуваме, но природно е на крајот да бидеме консултирани како една од страните кои треба да го преговараат текстот на Пристапниот договор како епилог од пристапниот процес. Кога текстот на Преговарачката рамка ќе биде усогласен и усвоен од страна на сите 27 земји членки, според нивните внатрешни процедури на одобрување, истата е конечна и на неа не може да се вршат измени, освен доколку сите 27 земји членки со едногласност не се согласат на таква измена. Досега, според моето познавање на процесот, такво нешто не се случило, иако не велам дека и тоа не е можно (интервју со Тилев од 5-ти јули 2022 за НоваТВ)
Според тоа, одговорот на прашањето што ќе се случува со земјава на нејзиниот пат кон ЕУ по евентуално напуштање на Договорот со Бугарија, со или без референдум е, „угоре високо, удоле длабоко“ и токму затоа, никој од опозицијата не се осмелува да даде проценка и да ѝ појасни на јавноста. Од друга страна, останувањето на сегашните позиции, под претпоставка да дојде до уставни измени и бугарското малцинство да влезе во Уставот, гарантира продолжување на преговорите со автоматско отворање на првиот кластер „Темелни вредности“, кој се затвора и последен, но, исто така, без гаранции дека во преговарачкиот процес нема да следуваат нови блокади од Софија, но и од кој било друг. Сепак, земјата ќе биде во активен процес на преговори.
Но, како и да е, дури и под претпоставка да има притисоци за идните протоколи меѓу двете влади кои се вградени во Преговарачката рамка, како што има „скриени мини“ во последниот, самиот Договор не е основа или корен на проблемите, туку однесувањето на Софија, сега и во иднина. Но, и генералниот став на другите земји членки на ЕУ кон процесот на проширување со земјите од Западен Балкан, вклучувајќи го и начинот на одлучување за овие прашања во самата ЕУ, т.е. дали ќе опстои механизмот на вето.
(vistinomer.mk)