ДЕНКО МАЛЕСКИ
Опозицијата и интелектуалците со таква леснотија зборуваат за „големата“ политика (Охрид, Преспа Бугарија, Албанците), небере е исто со неизградениот “Забавен парк“ во Скопје. Зарем толку не разбираат дека од таа „голема“ политика крвта треба да им се леди во жилите
Универзалното правило е дека сите избори треба да бидат демократски и фер. „Демократски“ значи почитување на уставните и законските процедури, а „фер“ е нешто што е дел од нечија политичка култура. Владеачката партија, оценката е едногласна, организираше демократски локални избори во првиот круг. Но дали мисли некој дека е фер главна тема во дебатите да бидат Охридскиот, Преспанскиот, договорот со Бугарија, и правата на Албанците? Лично мислам дека е тоа „нефер“. Признавам дека во однос на крајот на осумдесеттите, кога напишав текст за малите големи европски теми, за тоа каков ни е квалитетот на живеењето, каква вода пиеме, каков воздух дишеме, како се грижиме за најмладите и за најстарите, направен е огромен чекор напред, бидејќи, за овие теми тогаш воопшто не се зборуваше. Но кога се работи за нашата политичка култура, триесет години се малку да ја променат. Свесна дека секое изговарање на зборот „Северна“ одзема барем илјада гласови од контото на владеачката партија а секое одбивање да се изговори додава барем толку, опозицијата игра една пеколна игра. Нејзините поддржувачи кај интелигенцјата, не кријат дека темата не е веќе водовод и канализација туку „предавството“ кое го направил првиот човек на владата и на СДСМ. Утрово слушнав емисија во која водителот и двајцата соговорници, кои секој странски дописник би ги нарекол националисти, поведоа натпревар за оцрнување на „големата политика“на СДСМ, која нема никаква врска со локалните избори. Тоа го нарекувам „нефер“ поведение.
Разликата помеѓу „малата“ и „големата политика“ постои во сите држави.
Сигурно, постојат и злоупотреби. Но кај нас е многу опасно да сме невнимателни. Голема политика е кога вознемирена амбасадорка на Белгија ќе ви каже дека никој не може да ги одгатне настаните врзани за вооружената група од Косово уфрлена во државата, но дека се свесни за опасноста и за можните последици. Овој настан со огромни човечки загуби, да се потсетиме, се случи во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Што напишавте во вашата депеша до министерството, ја прашав амбасадорката акредитирана во Скопје со седиште во Софија. Дека е потребна брза интервенција на Западот оти она што изгледа волкаво, и покажа десетина сантиметри со рацете, може бргу да прерасне во волкаво, и ги рашири рацете.
Безбедноста е првата грижа за секоја власт, како и на секој човек поединечно. Проверивте дали влезната врата е заклучана сношти? Секако дека проверивте. Е, за безбедноста, за тоа „волкаво“ на амбасадорката на Белгија, за таа војна што не се случила, ви пишувам денес. Не знае никој. Зошто? Па затоа што не се случила војната. А зошто не се случила? Затоа што некој платил цена за мирот. Не се случила затоа што по интервенција на Америка двајцата одговорни за безбедноста на земјата поднесоа оставки истиот ден. Не се случила затоа што по смената на власта, новата власт на СДСМ го реши деценискиот проблем со Грција и ја внесе Македонија, сега веќе Северна Македонија, во НАТО, каде добивме осурителна безбедносна полиса.Затоа што отпочна еден деликатен процес на внесување некаков ред во безбедносните служби преку издавање НАТО сертификати за оние кои учествуваат или влијаат врз носењето одлуки за војна и мир.
Опозицијата и интелектуалците со таква леснотија зборуваат за „големата“ политика (Охрид, Преспа Бугарија, Албанците), небере е исто со неизградениот “Забавен парк“ во Скопје. Зарем толку не разбираат дека од таа „голема“ политика крвта треба да им се леди во жилите. Да се каже дека ваквото поведение на локалните избори е нефер е премалку. Ваквото поведение е проклето опасно.