Пролетните средби со препорака за пристап до Линијата за претпазливост и ликвидност на Меѓународниот монетарен фонд. Станува збор за финансиски инструмент кој ММФ го доделува единствено на земји со здрава економија,
Влијанието нa конфликтот во Украина врз економијата во глобални рамки, како и ценовната и енергетската криза беа главните теми на кои се разговарашеа на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, кои се одржуваа во Вашингтон, а на кои учествуваше делегација од РС Македонија, предводена од министерот за финансии Фатмир Бесими и гувернерката на Народната банка на РС Македонија Анита Ангеловска-Бежоска.
Во рамки на средбите во Вашингтон министерот оставари повеќе состаноци со високи претставници од овие меѓународни финансиски институции, меѓу кои со извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, шефот на Мисијата на ММФ за РС Македонија Бергјот Бјорнсон Баркбу, регионалниот претставник за Западен Балкан Штефани Ебле и директорот на Одделот за Европа на ММФ Алфред Камер, како и со извршниот директор на Светска банка Кун Давидсе, потпретседателот на Светска банка Ана Бјерде, регионалниот директор за Западен Балкан Линда Ван Гелдер и директорот на Светска банка за земјава, Масимилијано Паолучи.
За време на престојот во Вашингтон, министерот Бесими се сретна и со заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, а имаше состаноци со претставници на Трозорот на САД.
ПРИОРИТЕТИ Министерот за финансии на средбите ги истакна клучните среднорочни приоритети на Владата насочени кон остварување одржлив раст и реформите што се преземаат во таа насока, но и краткорочните, кои произлегоа од актуелната ценовна и енергетска криза, засилена со конфликтот во Украина и евентуалните потреби за поддршка.
Приоритетите на РС Македонија годинава се насочени првенствено кон обезбедување ценовна стабилност со цел одржување макроекономска и финансиска стабилност. За оваа цел беше донесен сет од 26 мерки во вкупна вредност од 400 милиони евра насочени кон поддршка на животниот стандард на населението, ликвидност на компаниите и финансиска поддршка на компаниите преку Развојна банка. Иако, кризата наметна краткорочно потребите да се насочат на одговор на ценовната и енергетската криза, на среден и долг рок останува определбата за фискална консолидација, во насока на намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и остварување стапки на економски раст, кои поради кризата претрпуваат надолна ревизија, но важно е дека остануваат позитивни. Во вакви кризи од големо значење се темелни анализи и да се дизајнираат мерки што ќе одговорат на она што е итно и структурни реформи на среден рок со цел во иднина да се обезбеди постабилен раст на економијата и да се создаде механизам што ќе овозможи полесно надминување на евентуално нови кризи, кои бараат одговор во краток рок.
ХИБРИДЕН ФОРМАТ Овогодинешните средби, првпат по две години се одржуваат со физичко присуство, односно во хибриден формат, и на едно место ќе бидат присутни министри за финансии, гувернери на централни банки, претставници на бизнисот, невладиниот сектор и експерти кои ќе дебатираат на актуелни прашања што се од интерес за целиот свет, предизвиците со кои се соочува и можностите за нивно надминување.
Министерот за финансии Фатмир Бесими ги заврши Пролетните средби со препорака за пристап до Линијата за претпазливост и ликвидност на Меѓународниот монетарен фонд. Станува збор за финансиски инструмент кој ММФ го доделува единствено на земји со здрава економија, кои имаат позитивни оценки за економските политики и очекувања дека тие ќе продолжат и во иднина, вклучително и макроекономска и финансиска стабилност.
Во услови на глобални предизвици, кога како резултат на војната во Украина, растат ценовните притисоци, а се намалуваат очекувањата за раст на светската економија, овие средства ќе бидат значајна ликвидносна поддршка за нашата економија која има здрави перформанси. Со нив ќе се пружи поддршка за стопанството и граѓаните, односно ќе се насочат кон решавање на ценовната и енергетската криза, поддршка на стандардот на граѓаните и на економијата.
Обезбедувањето на оваа линија е и во насока на заложбите на Владата за финансирање по најниски можни трошоци.
РЕСТРУКТУИРАЊЕ НА БУЏЕТОТ За време на Пролетните средби Бесими најави дека ќе се направи реструктуирање на буџетот. Министерот истакна дека се уште не е дефинирана прераспределбата на средства, но едно е јасно, дека тие ќе се насочат за поддршка на граѓаните и стопанството за надминување на предизвиците кои ги наметнуваат глобалните движења.
Конечните проекции за БДП за 2022 ќе се знаат по завршување на анализите на Министерството за финансии, на кои се уште се работи. Во новите проекции ќе се земат предвид и најновите пролетни проекции на ММФ, кои излегоа пред неколку дена.
Бесими посочи дека на среден рок фокусот ќе биде кон постигнување одржлив економски раст, енергетска сигурност на долг рок, засилени инвестиции во човечкиот капитал, како и спроведување на структурните реформи.
Бесими, во рамки на Пролетните средби, имаше средби со високи претставници на Светска банка и ММФ, како потпретседателката на Светска банка Ана Бјерде и директорот на ММФ за Европа Алфред Камер, но и со Габриел Ескобар, заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, и високи претставници на Трезорот на САД. Во рамки на овие средби беше истакнато значењето на евроинтегративниот процес за понатамошниот развој на нашата земја, но и за стабилноста во регионот, како и за можноста за продлабочување на економската соработка и реализација на нови проекти во соработка со УСАИД и со Амбасадата на САД во земјава.
Министерот на средбата со претставниците од Трезорот на САД ја истакна и важноста од потпишувањето на Договор за заедничка промоција и заштита на инвестициите, со којшто би се овозможило зголемување на приливот на странските директни инвестиции од САД во нашата држава.
СТАБИЛНОСТ НА ДЕНАРОТ Не треба да постои никаква загриженост во однос на стабилноста на курсот на денарот. Централната банка веќе повеќе од две децении успешно ја одржува стабилноста на домашната валута во однос на еврото, вклучително и во многу кризни епизоди, низ кои поминала земјата и економијата. Ова е јасна потврда за капацитетот и адекватниот инструментариум којшто го има нашата централна банка, истакнува во интервју за Гласот на Америка, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка во ВашингтоН.
„Глобалниот економски раст по солидната стапка на раст од 6,1 отсто лани, оваа и наредната се предвидува на 3,6 отсто, што е значајно успорување. Во однос на бројките за нашата економија, исто така се прави надолна ревизија од 4,2 проценти на 3,2 отсто за оваа година, а за наредната 2,7 отсто. Овие бројки се слични и со регионот на Западен Балкан. Во тек се макроекономските проекции, коишто ги изготвува централната банка. Ние со последниот сет на макроекономски проекции, коишто датираат од октомври минатата година, очекувавме раст од 3,9 отсто за оваа година, но со оглед на новонастанатиот шок и ризиците поврзани со тоа, тековно работиме на нови проекции, и постои голема веројатност дека ќе има надолна ревизија “, посочува гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката истакнува дека од големо значење во овој контекст е што банкарскиот сектор има капацитет и стабилност да го поддржи економскиот сектор. „Банкарскиот сектор има доволен капацитет и да ја задржи својата стабилност и да му помогне на економскиот сектор за полесно да се справи со последиците од овој шок. Кредитниот раст изнесува 9 проценти, при што кредитната поддршка на корпоративниот сектор е 10 отсто, а на населението некаде околу 8 проценти. Важно е во вакви ситуации кога глобалната и домашната економија се соочуваат со ваков шок, банкарскиот сектор за остане здраво ткиво во економијата “, вели Ангеловска-Бежоска.