ДЕНКО МАЛЕСКИ
Има теми кои не се изнесуваат на референдум. Теми за кои, во една претставничка демократија, избраниците на народот мораат на себе да ја земат одговорноста и да поведат. Владата, претседателот на државата, министерството за надворешни работи, парламентот се институциите каде што се правата тие анализи и се конфронтираат мислењата до финалната одлука за која гласачите ќе пресудат на избори
Расте протисокот за промена на надворешната политика на Македонија. Партијата на македонските националисти бара вонредни избори кои, воедно, би биле референдум за „францускиот предлог“. Народот да ја определи надворешната политика на државата? Тоа е демократија, вели едeн дежурен тв коментатор со цинична насмевка на лицето. Реалистите како Џорџ Кенан, Волтер Липман или Хенри Кисинџер би се ужаснале од таа констатација.За нив, надворешната политика е сфера која и припаѓа на „мислечко малцинство“ составено од еден вид модерни педагози, тутори на јавноста кои компетентно ги објаснуваат сложените теми од меѓународната политика. Нејбоур ги нарекува „пророчко малцинство“. Имено, надворешна политика е комплексна стратегија на една влада во однос на другите држави заради оставрување на националните цели, која треба да биде формулирана од експерти со што помалку мешање од граѓаните и оние во власта кои го немаат тоа знаење. Нашата трагедија е во отсуство на такво мислечко малцинство а не во „демократизацијата“ на надворешната политика. Имено, центрите за стратешки истражувања лоцирани во научните и политичките институции на земјава, одбиваат да се променат триесет години. Во служба на лична промоција на нивните раководства, тие практично не функционираат.
На идејата да се нападне СССР со нуклеарно оружје врз кое, во првите години по Втората светска војна, Америка има монопол, и се спротиставува Џорџ Кенан со својата теорија за „ограничување“ на ширењето на моќта на Русија чии внатрешни противречности, предвува тој , со време, ќе предизвикаат имплозија на системот. Кога Мао Це Тунг имал дилеми за кинеската надворешна политика по воените сукоби со СССР долж заедничката граница, тој побарал од неколку генерали, на по еден лист хартија, да му понудат решение. Едниот генерал го предложил незамисливото: добри односи со Америка. Кога Хенри Кисинџер , професорот од Харвард, како министер за надворешни работи на Америка, предлага воспоставување на дипломатски односи со комунистичка Кина, се раководи од сознанието дека светскиот мир е безбеден само кога сите големи сили се задоволни од статус квото а не од антикинеското расположение на гласачите. „Францускиот педлог“ е на ранг на такви одлуки за нашата држава.
Некогаш, надворешната политика била во рацете на монарсите и аристократијата. Нивните опоненти, републиканците, верувале дека демократијата ќе промени се. Кант ќе напише дека кога граѓаните ќе одлучуваат за војна и мир, оската околу која се врти надворешната политика, ќе завладее мирот. Зошто? Па обичниот човек кој бил „топовско месо“ во сите дотогашни војни, никогаш нема да гласа за нова војна. Не испадна така. Се појави национализмот, таа екстремна форма на патриотизам кој не гледа потака од сопствениот интерес, и со безумниот слоган „Со мојата земја кога е во право и кога греши“ ги построи народите на Европа под националните знамиња и со звуците на националните химни ги поведе во уште пострашни војни.
Не е лесно да се води надворешна политика во услови на демократија. Дури и кога се работи за демократии со длабоки корени. Што мисли обичниот човек, гласачот, го прашувам мојот американски пријател? Мисли како да обезбеди пита од јаболка на масата и да гледа бејсбол, ми вели. За тоа што мисли обичниот Македонец, ни кажуваат последните анкети. Тој мисли дека е погрешна државната политика кон Украина. Дека е погрешно да и се испраќа воена помош на држава која е нападната од голема сила. Мисли дека е погрешен „францускиот предлог“ и дека треба да се оди право на избори за опозициската партија да го поништи. Така мисли и затоа што се и под влијание на оние кои ја играат пеколната игра со патриотските нчувства на граѓаните на начин на кој сите националисти ја играле низ целата историја: татковината и нацијата се загрозени, ќе пропаднеме! И со исти цели: власт, привилегии и лична промоција.
Има теми кои не се изнесуваат на референдум. Теми за кои, во една претставничка демократија, избраниците на народот мораат на себе да ја земат одговорноста и да поведат. Владата, претседателот на државата, министерството за надворешни работи, парламентот се институциите каде што се правата тие анализи и се конфронтираат мислењата до финалната одлука за која гласачите ќе пресудат на избори. Што ќе беше ако Макрон, наместо решение за почеток на преговори со Македонија и со Албанија, распишеше референдум? Ако политичарите на земјите членки на ЕУ побараа од своите гласачи да одлучат за интеграција на Балканот во ЕУ или за кандидатски статус за Босна и Херцеговина, најавен за идниот месец? Или за Косово, колку утре? Променетата геополитика во светот и во Европа предизвикана од руската агресија врз Украина, како никогаш порано, бара од европските политичари водство кон забрзана интеграција на Балканот во Унијата. Истата геополитика го бара истото од македонските политичари. Манипулацијата со национализмот, таа форма на екстремен патриотизам кој не гледа потака од сопствениот нос, може да не симне од возот кон Европа уште кај Зелениково.