Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПРОМЕНА НА УСТАВОТ: НЕ ЗА ШАНСИТЕ, ТУКУ ЗА ВЛОГОТ

May 2, 2023 Filed Under: Колумни

ДЕНКО МАЛЕСКИ

Оние, од политиката, невладините и интелигенцијата, кои се изјасниле против „францускиот предлог“ и промена на уставот, не се ангажираат во суштинска дебата, оние кои се изјасниле „за“ гледаат како да „спасат глава“ од нападите за „предавство“

Како што ни кажува нашиот триесетгодишен „пат кон Европа“, не е доволно само да си на правиот пат – мораш да се движиш со брзина која се бара од тебе. Како да се постигне европската брзина во случајот со задачата која е пред нас: промена на уставот со дветретинско мнозинство од пратениците? Така што ќе престанеме да дебатираме за шансите за такво мнозинство и ќе се средоточиме на влогот, европската иднина на нашата држава. Ако, во нашата политичка дебата, ја загубиме од вид суштината и ако се се сведе на сензации и спекулации, народот и државата ќе загубат.

Дека не може да се постигне единство меѓу политичките партии по ова прашање зашто стана „изборна тема“, е јасно како ден. Не помагаат ниту апели за еднинство.Такво единство немало ни на почетокот од независноста, кога државата сеуште не беше меѓународно призната па политичарите ризикуваа да ја загубат, а камоли сега кога сме членка на ОН и на НАТО и си замислуваат дека е вечна. Значи, она што се очекува од претседателот и од владата е заеднички да се борат, така да кажам, до последен здив, за она што веруваат дека е исправно. Своите убедувања треба да му ги објаснат на народот а не да ни кажуваат колку е тоа невозможно. Потребно е да зборуваат за влогот а не на шансите за мнозинство. А влогот е огромен и не смееме да го прокоцкаме. Оти, ако дозволиме уште еднаш, како пред три години, да западнеме во ќорсокак,во ново вето, опасно ќе заглавиме. Претставниците на големите сили, кои ја држат рамката на светската политика, тоа јасно ни го кажуваа и во Скопје: ако не ја исполните зададената задача ние не можеме веќе да ви помогнеме. Преговорите ќе се прекинат а прашањето ќе се одложи за идни времиња.Што ќе значи тоа за државата? Што добиваме а што губиме? Ете тема за политичка дебата. Држејќи се за суштината, секоја страна во македонската политика може детално да објасни каков е влогот: и оние кои мислат дека ништо нема да се промени со запишувањето на бугарското малцинство и оние кои сметаат дека со неговото запишување во уставот се загрозува македонската нација.

Вака, целата дебата е: владата мисли дека ќе има мнозинство, претседателот се сомнева, а опозицијата вели дека нема да гласа и не сака да разговара на темата. Така, во македонската политика се се сведе на идното гласање во собранието, процес кој го турка владата и верува во бројката, додека претседателот е скептичен и не верува во бројката. Во исчекување на исходот од гласањето настана молк. Оние, од политиката, невладините и интелигенцијата, кои се изјасниле против „францускиот предлог“ и промена на уставот, не се ангажираат во суштинска дебата, оние кои се изјасниле „за“ гледаат како да „спасат глава“ од нападите за „предавство“.

Од ставот на копретседателот на историската комисија, дека не е работа на историчарите во комисијата да го утрвдуваат идентитетот на Гоце Делчев станува јасно дека тука веќе не треба да се бара решение. Нивната задача, ни беше кажано, е да ги поправат учебниците. Станува се појасно дека македонско-бугарскиот спор можат да го решат само државници од двете страни на границата.

Filed Under: Колумни

КOГА ЈАГНИНАТА ЌЕ СТИВНАТ, ВОЛЦИТЕ ПОБЕДИЛЕ
ФРЧКОСКИ: ВТОРИОТ ФРАНЦУСКИ ПРЕДЛОГ Е ПОДОБАР ОД ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ВО 2019 ГОДИНА
БЕЗ НИВ СЕ’ ЌЕ СЕ СРУШИ: БРИТАНИЈА И МИГРАНТИТЕ
MАЛА ФОРМА, ГОЛЕМА ПРЕТСТАВА: БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ ЗА МОЌТА НА МОНОДРАМАТА И СИЛАТА НА ЕДЕН АКТЕР
ЗОШТО СИТЕ ПУКААТ ПО ПП-ДБ?

Најново

  • КOГА ЈАГНИНАТА ЌЕ СТИВНАТ, ВОЛЦИТЕ ПОБЕДИЛЕ
  • ФРЧКОСКИ: ВТОРИОТ ФРАНЦУСКИ ПРЕДЛОГ Е ПОДОБАР ОД ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ВО 2019 ГОДИНА
  • БЕЗ НИВ СЕ’ ЌЕ СЕ СРУШИ: БРИТАНИЈА И МИГРАНТИТЕ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet