Очевидно некој смета дека медиумите не треба да се забранат во име на слободата. Дури и кога тие исти медиуми се слепи послушници на еден режим кој без било каква размисла ги затвора медиумите во својот двор!
Европската унија забрани емитување и дистрибуција на содржини на Спутник и РТ во ЕУ. Претходно Гугл Дискавер (Google Discover) и Гугл Њуз (Google News) го ограничија прикажувањето на материјали од сите ресурси на медиумската групација Раша Норт („Russia North“), а компанијата „Мета “ (Фејсбук) ги исклучи апликациите во сопственост на оваа група. Медиумската група „Русија север“ е претставена со информативни ресурси: во странство – тоа е меѓународна новинска агенција и радио Спутник, во Русија – РИА Новости, Прајм, ИноСМИ, Украина.ру, Балтњуз и ТОК.
Здружението на новинари на Македонија, Синдикатот на новинари и медиумски работници и Советот за етика во медиумите на Македонија се приклучуваат кон ставот на Европската федерација на новинари(European Federation of Journalists – EFJ) дека затворање на руски медиуми или препорака за прекин на нивно емитување може да биде контрапродуктивно и дека не е вистински начин за борба против дезинформациите и пропагандата.
Како што наведе генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Ricardo Gutiérrez „затворањето на еден медиум не ни се чини како најдобар начин за борба против дезинформации и пропаганда“.
„Овој чин на цензура може да има целосно контрапродуктивен ефект кај оние кои ги следат овие медиуми. Подобро е според нас да се спречи дезинформацијата на пропагандистичките медиуми преку изложување на нивните погрешни факти или лошиот квалитет на нивното новинарство, преку докажување на отсуството на нивната финансиска и оперативна независност, преку укажување дека се во служба на владините интереси и дека го презираат јавниот интерес“, додава Европската федерација на новинари.
Според Елида Зилбеари, проект лидер на Метаморфозис, Фондација за Интернет и општество и главен и одговорен уредник на порталот Порталб препораката за затварање на руските медиуми и во Македонија е оправдана.
– Тоа е обид за запирање на ширењето на лагите и пропагандата на Русија која преку медиумите се обидува да ја оправда агресијата која ја врши кон Украина. Ова не е секојдневна ситуација, не и текнало на Европа и на другите земји одеднаш да забранат некој руски медиум без причина, туку се работи за медиуми кои без филтер, еднострано, непрофесионално и без проверка на фактите го пренесуваат лажниот наратив од Русија во време кога оваа земја убива цивили и деца. Исто така, препораката е во усогласеност со членот 10 на Европската конвенција за човекови права, во која се вели дека слободата на говор носи одредени обврски и одговорности. Значи, слободата на говор не е слобода за ширење лаги. Нашите анализи во Фондацијата Метаморфозис докажуваат дека руската пропаганда за време на македонските политички кризи се зголемува токму преку овие канали, со помош на српските медиуми. Нашето општество е плодна почва за подлегнување на руската пропаганда, не случајно сме на дното според индексот на медиумската писменост, изјави Зилбеари за „Слободен печат“.
Големо мнозинство на новинарите во земјава се чини не стојат зад своите здружение и т.н. етички комитет. Едноставно како ставот да е препишан или е резултат на поединечни влијание на можниоци во овие новинерски асамблеи. Тоа се виде и на тематската трибина во студиото на ТВ 24 каде водител беше претседателот на ЗНМ како и членот на Етичкиот комитет Мирче Адамчевски, кои просто беа торпедирасни со ставовите на другите учесници кои јасно ставија на знаење дека тука нема потреба од никакво глумење на демократија кога се работи за војна која ја води еден крајно недемокњтски режим и кога судбината на светот е во прашање.
Имаше интересна реакција и од колумнистот Орданоски кој меѓу другото напиша – „Русија, и пред да биде несомнен агресор во овој крвав обид да ја пороби Украина, не беше и уште помалку е сега демократска држава. Тоа значи дека, и кога би сакале, од Русија не можеме да ’увеземе’ избалансирана медиумска слика за тоа што се случува во таа држава како реакција на нејзините воинствени операции. Во традиционална медиумска смисла, оставени сме само на најофицијалната пропагандна машинерија на рускиот режим, во кои во ’извозна’ смисла највлијателни се токму Раша Тудеј и Спутник. За поинакви ставови од нивните во Русија се апси и се затвораат медиуми (тоа е случај со сите такви месдиуми! – н.з.). Орданоски укажува дека рестриктивни мерки против каналите на руската државна пропаганда се преземени во Полска, Австралија, Словачка, Чешка, Канада, Естонија, Литванија, Латвија, Бугарија и Германија. Тој список на земји секојдневно расте, покрај британскиот регулатор Офком кој има отворено 15 нови истраги врзани за проверка на објективноста на Раша Тудеј што се емитува во Британија.
Понатаму Орданоски констатира дека „лесното, туку-така изедначување на ’западната пропаганда’ и ’источната пропаганда’ за агресијата на Русија врз Украина – читам и разно-разни нијансирани ставови од видни колеги во нашето новинарство – како рамносилно злонамерни и манипулативни (демек, ’сите се исти’, во универзумот на Трамповите фејк-њуз медиуми!), е грубо фалсификување на медиумската реалност и во професионална и во морално-политичка смисла. Во нашата новинарска професија во светот нема наивни и морално-политички невини, но точно се знае кој спроведува со децении континуирано ’семејно насилство’ врз својата публика.
Колумнистот Арсим Зекокли го анализира феноменот на опасната руска пропаганда „Неодамнешниот напис на Вол стрит џурнал за напливот на стотици илјади лажни коментари и украдени или измислени профили објавени на страницата на американската Сојузна комисија за комуникации по повод иницијативата за интернет неутралност, дојде како навремен потсетник дека епидемијата на лажни вести не е феномен на минатото. Туку напротив, дека еволуира во попрактични и подеструктивни форми на влијание врз јавноста, политиката и финансиите, создавајќи паралелен универзум на лажно мнение, тотално спротивно од волјата на реалноста на живите битија. И повторно, информацијата дека 400.000 коментари објавени на страницата на Комисијата потекнуваат од иста адреса, лоцирана во Русија, укажува дека проблемот со лажните вести е значајно поголем од грст велешки палавци и некадарници. Туку дека метастазира од првичната форма на обликување на изборното мнение и еволуира и пенетрира во сѐопфатна кампања по прашања од сферата на регулирање на финансиите, економијата и воопшто општеството“.
Инаку во време на проверка на тоа дали руските канали беа симнати од провајдерската понуда немаше некаков потврден резултат.
(Р.Г.)