Идејата на сокриените творци и ачик извршителите на аферата „Рекет“ да направат поголеми метежи во земјава спроти гласањето во Брисел за почеток на преговорите со ЕУ, се претвори во фијаско. Нервозната екипа пробува сега, со уште неоладен неуспех да создаде замена преку замрзнатите пари од аферата „Монако“ како „Рекет 2“ ама и тука е насетлив фијаското
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Веќе подолго време пропагандниот штаб на ВМРО ДПМНЕ се организира да ги претвора пресовите во Владата на РСМ во свое риалити шоу, кое обично станува своедна парада на невкусот, незнаењето и најлошата политичка пропаганда. Ова секако објаснува и од каде интересот на некои телевизии да ја прекинуваат програмата и да се вклучуват во своевиден директен пренос на ваквите настани, кои инаку, треба да имаат само за цел претставниците на седмата сила да добиваат информации по прашања кои се тематски издвоени од активноста која се одвива на Илинденска број 2. Во тие претстави учествуваат само неколку новинари кои имаат за цел со своите небулозни, запишани од некого на ливче или испратени преку пораки на мобилен, да поставуваат прашања од „централата“, да го задушуваат интересот на останатите новинари за темата и да ја дефокусираат клучната поента, доколку истата не е во интерес на луѓето од Белата палачинка, што најчесто и не е … Така партијата која едноставно испраќа готови материјали кон медиумите и кои најчесто се објавуваат како такви, без шанси да се поставувата прашања до оние кои „излегуваат на прес“ (а имаме само монолог), го замислува информативниот амбиент во државата, кога влијанието врз многу тв и радио станици, портали и весници едноствано се стопува во морето на невистини и искривени сознанија за стварноста. А се што ќе излезе од тој стеротип треба да се сосече во корен…
ИСЦРПУВАЊА НА ПАРИТЕ ОД ЗДРАВСТВОТО И една од последните прес конференции одржани во Владата само ја повтори, за жал, таа функционалност на искривеното огледало. Иако на истата првиот човек на Фондот за здравство Ден Дончев известуваше за многу факти и сознанија како луѓето од врвот на претходната власт го искористувале здравството за изнесување на државен, буџетски капитал надвор од земјата, за негово перење преку бројни, наводно странски компании и користеле лица кои практично ги позајмувале своите имиња за да се оствари таа цел, поголем дел од јавноста не дозна ни кои се тие лица, против кои веќе се води истражна постапка, кои биле патиштата и методите преку кои лесно стечениот капитал бил фрлан во „пералниците“ ширум светот и како се склучувале штетни договори на сметка на сите граѓани чија валкана содржина е видлива, што би се рекло – од Месечината!
Но, место таквото служење на јавниот интерес, медиумите кои работат во корист на ВМРО ДПМНЕ, заедно со шефот на партијата, во случајот со арамискиот однос кон парите на Фондот за здравство се фатиле за прашањето кое нема врска со темата – дали Дончев го знае Зоран Кичеец, лице кое инаку се наоѓа во притвор и кое во претходните децении, така да се каже до пред некоја недела, не излегуваше од штабот на црвено-црните, значи човек чие досие е едноставно залепено за партијата на Мицковски со туткал.
МИЛИОНИТЕ ОД МОНАКО Пресот на Ден Дончев е врзан за аферата „милионите од Монако“, позната адреса за кругот околу Сашо Мијалков и нему најблиските, во кои секако влегува и експремиерот Груевски а која стана позната по тоа што фирмата за дијализа „Диамед“ префрли 9 милиони евра во Монако, и тоа на Ристе Новачевски, кумот на Никола Груевски од првиот брак, кој преходно отворил сметка во ова место каде живее џет сетот. На прес конфренција ова го потврди Ден Дончев, директор на ФЗОМ а за тој факт веќе пишуваа некои македонски гласила, ама нивната содржина остана „вирго интакта“ за поголемиот број на нивни колеги од останатите медиуми.
Овој функционер практично потврди дека зад фирмата Диамед, каде што формално стои извесна Вера Иванова, која се прикажува како сопственик, стојат токму Новачевски и Груевски, за што Обвинителството за организиран криминал води истрага.
„Почнавме да вршиме ревизија и дојдовме до сознанија дека е направен криминален тендер и злоупотреба на службена положба на одредени лица, кои, можеби се кријат зад тој што се прикажува за вистински сопственик. Сознанијата се дека зад фирмата се кријат Ристо Новачевски, кум на Груевски и брат на неговата лична секретарка и Груевски“, рече Дончев на таа прес конференција.
Тој ги отфрли обвинувања од Вера Иванова и нејзиниот адвокат дека тој и министерот Филипче не дозволувале влез на шведската фирма Диаверум која потоа ја купи „Диамед“. Тој презентираше документи и ја објасни хронологија од моментот кога на тендер била доделена концесијата на Диамед и на „Систина“ за кои вели дека, обете, држат монопол над дијализата во државата.
СПРОТИВНО НА ЕУ РЕГАЛАТИВИТЕ Најпрвин, да се потсетиме на тој случај, сега потврден и од Дончев, Диамед и Систина имале ексклузивен договор, спротивен на одредбите од ЕУ регулативата и на Европската повелба за права на пациентите (за правото на избор). „На овие две приватни фирми им се гарантира минимална цена од 90 евра по дијализен третман. Сетот за дијализа денес изнесува само 25 евра по третман, иако секако дека има и дополнителни трошоци. Двете фирми ја превземаат дијализата од јавното здравство и функционалната опрема за дијализа без никаков надоместок. Ги превземаат и постоечките пациенти за дијализа, доделени на двете фирми по градови“, рече Дончев. Договорот кој е потпишан пред пет години е потпишан со две фирми добиле здравствен бизнис со минимално претходно искуство, со минимални сопствени инвестиции, со гарантирани пациенти, со гарантирана цена и приход и огромен профит. Тогашното раководство на Министерство за здравство се согласило во случај на спор местото на арбитража да биде Париз, а доколку во случај, „од кои било причини” Министерството за здравство предвреме го раскине договорот, државата е обврзана да исплати казна од 28 милиони евра. Така тие се го заштитиле својот монопол, благодарејќи на тоа што бизнисот го кројат лица од самиот врв на тогашната државна апаратура!
Наспроти огромниот профит, вели Дончев, единствена финансиска обврска на концесионерот „Диамед“ била да му плаќа месечен надоместок од 7.500 денари, односно симболични 125 евра на Министерството за здравство. „Диамед“ започнал да работи од 1 февруари 2014 година, а до крајот на 2018 Фондот за здравство на оваа фирма исплатил вкупно 42,5 милиони евра.
Поради, како што рече, криминалниот тендер за концесија и поради сомнителните трансакции, ФЗОМ и Министерство во ноември 2017 година, започнале да ги разгледуваат условите и околностите под кои била издадени концесиите за дијализа.
„Истовремено, имавме информација дека на Ристо Новачевски, кум на некогашниот Премиер Никола Груевски и воедно брат на неговата лична секретарка, „Диамед Македонија“ во периодот 2014 до 2017, му исплаќа вкупни износи од:
– плата од преку 10 милиони денари;
– исплата на надоместоци околу 17 милиони денари;
– разни готовински исплати од речиси 9 милиони денари;
– преку картичка на „Диамед Македонија“, лицето подигнало 12 милиони денари, кеш пари од банкомат;
И заради овие околности, но и заради комплетниот договор во ноември минатата година македонските власти, по барање на Основното јавно обвинителство за организиран криминал, ја блокирало сметката во Монако. Тогаш лицето Вера Иванова тврдело дека таа е единствениот сопственик на Дијамед.
„Јас, Вера Иванова сум единствена, стопроцентна поранешна сопственичка на Диамед Македонија, компанија која од 01.11.2018 е превземена од Диаверум од Шведска. Ниту едно друго лице, освен мене, во ниту еден момент, немало никаков удел во сопственоста, нуту во основањето на Диамед Македонија. Вистинитоста на ова мое тврдење може да се провери на едноставен начин во Централниот регистер на Република Македонија“, тврдеше тогаш Иванова.
Според Дончев сопственичката структура на фирмата била следна:
во „Диамед Македонија“, од нивниот почеток до април 2016 сопственици се Вера Иванова со 50 посто и Метромед ДОО со 50 насто. Сопственици на Метромед ДОО се повторно Вера Иванова со 50 посто и извесен Оливер Тодоров со 50 проценти. На самиот почеток „Диамед“ е 100 посто македонска фирма.
Во април 2016, кога започнува „Вистината за Македонија“ или објавувањето на „бомбите“, следи промена на сопственичката структура при што Вера Иванова префрлува 25% од нејзиниот удел за симболичен износ на компанијата „Смарт Холдинг Дубаи“. Сопственик на „Смарт Холдинг Дубаи“е „Генерал Солушонс Лимитед“и „Panama Trustee“ фирма која беше дел од скандалот„Panama papers“. До денеска не се знае кој е конечен сопственик на панамската фирма, рече Дончев.
Тој додаде дека кога шведската фирма „Диаверум“ ги известиле дека сакаат да ја купат „Диамед“, им било кажано дека имаат намера да започнат истрага и ревизија околу начинот на кој е приватизирана дијализата, вклучувајќи ги меѓу другото и времетраењето на концесијата, цената и местото на арбитража.
По ова, шведската „Диаверум“ се повлекла од намерата да ја купи „Диамед“.
„Диамед Македонија“ продолжува да функционира нормално, но на 2 јули 2018, Метромед ДОО го префрлува својот удел од 50% на Вера Иванова. Така, таа станува 75-постотен сопственик на „Диамед“, а „Смарт Холдинг Дубаи“ останува со 25% сопственост. Конечно, на 18 август 2018 се врши уште едно префрлување на удел при што „Смарт Холдинг Дубаи“ се стекнува со 75% сопственост во „Диамед“, додека Вера Иванова останува со 25%. Очевидно и за лаик тоа се необични игри со сопственоста на фирма која цело време ја заржува монополската позиција кај лекување на лицата заболени од бубрежна инсуфициенција.
Од денешен аспект, знаејќи дека за неполни седум недели по последниот трансфер на удел, 100% од уделот на Диамед се продава на Диаверум Шведска за околу 12 милиони евра, се поставува прашањето зошто Вера Иванова ги има правено сите овие трансакции при промена на сопственоста. Дали за да се избегне данок на капитална добивка или да се прикрие трагата на парите? Дали ова е направено со цел вистинските сопственици на Смарт Холдинг (панамската фирма) да можат да дојдат до парите без да се остави трага во Македонија на кој точно припаѓаат тие пари“, праша Дончев.
Истрагата која се води во Основното Јавно Обвинителство треба да ги утврди вистинските мотиви за овие трансфери на удели.
И покрај тоа во ноември минатата година „Диаверум“ повторно доаѓаат во Македонија и го известуваат Министерството за здравство и премиерот дека имаат намера да ја купат Диамед Македонија и дека таа одлука е веќе донесена.
Во ноември 2018 година Централен регистер уредно врши трансфер на сопственоста на „Диамед“од Вера Иванова и „Смарт Холдинг Дубаи“ на „Диаверум“од Шведска. „Диаверум“ префрлила 2,5 милиони евра на сметка на Вера Иванова во банка во Северна Македонија и 9 милиони евра на сметка на банка во Монако.
„Државата добива потврда од Монако дека истиот ден кога се префрлени парите на сметката во Монако, Ристо Новачевски на свое име отвора банкарска сметка во истата банка во Монако.
Брзо потоа, по барање на државните институции 2.5 милиони евра на сметката на Вера Иванова во Скопје и 9 милиони на сметката во Монако се замрзнати, бидејќи, се водеше предистражна постапка“, рече Дончев.
Тој тврди дека немало обид од државата да се блокира влезот на „Диаверум- Шведска“ во Диамед, а компанија веќе десет месеци стопанисува со „Диамед- Македонија“.
Дончев рече дека до завршување на истрагата дијализата ќе работи со постоечката концесија на двете фирми, „Диаверум“ и „Систина“ кои имаат идентитични договори за кои неколку пати нагласи дека се штетни за државата. Негираше дека се обидувал да внесе фирма од Албанија која би работела со дијализата во државата.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, денеска на прес-конференција, рече дека немало никаква злоупотреба во врска со шведската компанија „Диаверум“, за што пред два дена беа поднесени кривични пријави за спречување влез на странската компанија.
Кривичните пријави беа поднесени од поранешната сопственичката на „Диамед“, Вера Иванова што ја продала на компанијата на „Диаверум“, против Дончев и министерот за здравство Венко Филипче.
– Во интерес на пациентите, кои заслужуваат квалитетна дијализа, беше избрана компанија со најдобра понуда. Нема никаков криминал, ниту попречување за влез на компанијата „Диаверум”, со која не сум имал директен контакт, туку само две писма до шведската амбасада, рече директорот на ФЗОМ Ден Дончев на прес-конференција во Владата.
Дончев децидно отфрли дека поради други причини, освен предупредување до „Диаверум“ од Шведска за да се внимава со инвестицијата, бидејќи, против претходниот концесионер се преземени предистражни дејства поради нејаснотија во сопственоста на „Диамед“.
– Немаше никаков обид од Државата да се блокира влезот на „Диаверум Шведска“ во „Диамед“. Централниот регистар уредно го префрли уделот од Вера Иванова и „Смарт Холдинг Дубаи“ на „Диаверум“, а таа компанија веќе десет месеци стопанисува со „Диамед Македонија“ – рече Дончев, кој смета дека тврдењата на Вера Иванова дека е нанесена каква било штета кон државата или буџетот е небулоза.
– Единствени вистински добитници од оваа трансакција се Вера Иванова на чија сметка легнаа 2.5 милиони евра тука и 9-те милиони евра во Монако. Секако дека сите странски инвеститори се добредојдени во Република Северна Македонија. Но, треба да сме свесни дека во овој случај станува збор за трансфер на сопственост од македонски до странски сопственици. Притоа претходните сопственици на „Диамед“ се стекнале со концесија издадена под сомнителни околности на лица кои директно или индиректно беа во врвот на самата власт. Доколку судски се утврди ова, претставува злоупотреба на службена положба и овластување на некои од највисоките носители на тогашната власт – додаде Дончев.
Сето ова не беше интересна содржина на најгласните неколку новинари на пресот, кои како и лицата од медицинскиот бизнис, кои, за нив не се интересни, се оидувата да ги монополизираат ваквите настани со недугави и крајно нејасни прашања. Значи не е јасно како дошло до таков монополски договор (тука не смее да се исклучи и Систина на Камчев!), од каде се создала таква лесно профитна зделка без речиси никакво сопствено вложување, како се случувале оние „замешателства“ со сопственоста, која е таа Вера Иванова, колку данок плаќала на државата и што имаме ние од нејзиниот профит…
Проблемот со Мицковски и камарилата е секако во фактот дека по пропаста на клучните цели на „Рекет“ требаше да се отвори „Рекет 2“ и тоа токму со тужбата на спомената Иванова! После споменатиот прес таа трамбулина веќе е толку оштетена што се наѕира целосно ликот и делото на бегалецот од багажникот. А тоа е пак бумеранг што не смеел да се случи за било каква цена!