Проруската партија „Родина Македонија“ беше извор на дезинформации за Украина уште пред започнувањето на воената инвазија од страна на Русија. Претходно, партијата ширеше дезинформации кои поттикнуваат омраза за НАТО, ЕУ, Договорот од Преспа, ковид-19 и вакцинирањето, пописот и локалните избори, пишува „Вистиномер“’
ЖАРКО ТЕРАЈАНОВСКИ
Проруската партија „Родина Македонија“ беше извор на дезинформации за Украина уште пред започнувањето на воената инвазија од страна на Русија. На 20 јануари 2022 „Родина Македонија“ организира протест пред украинската амбасада против „глорификацијата на нацизмот во Украина”, теза што беше демантирана од украинската амбасадорка Наталија Задорожњук, која посочи дека „Во Украина не се глорифицира нацизмот, земјата изгуби над 8 милиони луѓе во Втората светска војна“. Еден ден по инвазијата на Русија врз Украина, проруската партија ѝ овозможи на познатата новинарка Мирка Велиновска, која има добиено медал од Путин за пропагандни заслуги, да ја оправдува „воено-техничката интервенција“ во Украина како зауздување на вознапреднатиот процес на „планетарна фашизација“ преку т.н. „постмодерен либерално-демократски нацифашизам“.
Партијата „Родина Македонија“ е една од неколкуте антизападни партии што му даваат отворена поддршка на Путин за „дефашизација“ на Украина и кои повикаа на протест „НЕ ЗА РУСОФОБИЈАТА!“. На 12 март 2022, со скандирање „Путин, Путин…“ пред руската амбасада во Македонија, претседателот на партијата „Родина Македонија“ даде „јасна поддршка за Русија и рускиот народ“, кои биле „исправени пред налетот на нацифашизмот во Европа“. Десет дена подоцна „Родина Македонија“ се пофали дека одржала средба со рускиот амбасадор на која била искажана „голема благодарност од руската страна за јавната поддршка на македонскиот народ кон Русија и рускиот народ за специјалната операција за денацификација и демилитаризација на Украина“.
Проруската „Родина Македонија“ се појави на македонската политичка сцена во текот на 2019, прво на социјалните мрежи, а во 2020 и како регистрирана партија, со три основни ориентации: „НЕ за Преспанскиот договор; НЕ за Европската Унија и НЕ за НАТО!“. Оваа партија која се претставуваше како „Единствената суверенистичка опција на Македонскот Народ“ и борец против „глобалофашизмот“, се јавува како извор и проширувач на бројни дезинформации и теории на заговор, кои поттикнуваат недоверба кон демократските институции и процеси. „Родина Македонија“ заговараше бојкот на претседателските избори во 2019, делегитимирање и спречување на парламентарните избори во 2020, ја искористи пандемијата за ширење дезинформации и пропагирање „антиваксерски“ пораки, го саботира и бојкотира пописот на населението и водеше ултранационалистичка, потпалувачка и хомофобична кампања на локалните избори во 2021. Иако на локалните избори „Родина Македонија“ постигна скромни резултати, нејзините пропагандни пораки заслужуваат анализа, во контекст на широкиот дијапазон на стратегии за руско влијание во Македонија.
Како главни иницијатори и идеолози на партијата „Родина“ (претставувана како „отпаднат дел од Единствена Македонија“) се појавија имињата на Зоран Јованчев и Горан Шумкоски. Зоран Јованчев е застапник на здружението „Македонија и Русија (МиР)“, соработник на сесловенското движење „Русов“, и гласноговорник против Западот, ЕУ, НАТО, а за рушење на „Преспанскиот договор“. „Суверенистот“ Горан Шумкоски е познат геополитички пропагандист и идеолог на „Вистински Македонски Пат, застапник на контрахегемонија на Балканот, следбеник на геополитичките конспирации на Дугин. Јованчев тврди дека Дугин бил донесен во Скопје „преку нашите пријатели во Белград“, неговите пропагандно-милитантни текстови се преведени на партиското гласило, а цитиран е и на партиската страница кога го сатанизира Западот како „самиот ѓавол“.
„Идеологот“ Шумкоски беше активно вклучен во движењето Бојкотирам и во ширење руски дезинформации и антички митови не само преку неговиот портал „Коложег“, туку и преку глобалните проруски пропагандни канали, каде што објавува антиглобалистички и антизападни написи. Во почетокот на 2018, на протест пред Собранието, Шумкоски зборува против „фашистичката глобализација на Сорос“ и повикува на скандирање против „Нато-фашисти“. Иако Јованчев и Шумкоски заедно излегуваа во јавност како иницијатори и основачи на „Родина Македонија“, Шумкоски подоцна е сменет како претседавач, а дел од неговата група „пучисти“ е исклучена од партијата.
Проруската ориентација на „Родина Македонија“ се огледа и во статутот, каде што како цел на членовите меѓу другото, е да се градат блиски односи со словенските земји и Русија, врз основа на припадноста на заедничката словенска култура и цивилизација. Меѓутоа, се чини дека главните активности на „Родина“ се поскоро пропагандни, насочени против Западот и против Преспанскиот договор, отколку за промоција на нивните позитивни програмски цели.
На првите јавни собири, иницијаторите на „Родина” ширеа дезинформации и страв за исчезнување на Македонците и прогласија дека „не сакаме да влеземе во вашите сојузи ЕУ и НАТО и било кој друг, каде Македонците и македонската држава веќе не постојат“. Наместо „угнетувачот“ ЕУ, и „фашистичкото” НАТО (кое било на „смртна постела“ и „нефункционален сојуз со поминат рок на употреба“), во првите јавни настапи иницијаторите на „Родина“ се залагаа за „мултиполарен свет“ и ја промовираа идејата за Евроазија од Владивосток до Лисабон.
Негативната пропаганда против НАТО ја продолжија со осуда на „одроденото Собрание“, кое гласало за НАТО, со прогласување на НАТО за фашистички окупатор и сите 114 пратеници кои гласале за ратификација за влез во НАТО како „предавници”. „Родина“ мобилизираше основачи на партијата со говор на омраза кон западните „терористички орди кои убиваат и живо и мртво под закрила на сатанизираната држава на Американците“, оцрнувајќи ги пратениците кои гласаа за ратификација на протоколот за НАТО како „измеќари во служба на демонот“. „Родина“ го осуди прелетот на авиони на НАТО како „чин на агресија“, а ширеше и теории на заговор за НАТО, 5Г-интернет, и „Голема Албанија“.
„Родина“ се обиде да го искористи македонско-бугарскиот спор за да ја оцрнува ЕУ како фашистичка творба, ширејќи дезинформации дека се бара „капитулација на македонскиот народ“ и агитирајќи дека затоа треба да се откажеме од барањето за влез во ЕУ.
Со антизападниот и квазиантифашистичкиот дискурс против дволичните и антинародни политики на НАТО и ЕУ, „повампирената Европа“ и „повампирениот фашизам”, „Родина“ се обидуваше да поттикне нетрпеливост и омраза не само кон Западот, туку и кон прозападните политички противници. Не само кон најголемите две „предавнички партии”, туку и кон „изродите предавнички“, кон „домашните предавници на власт” (‘„ГОЦЕ Делчев да беше жив, со кама ќе им пресудеше на предавниците“!), кон „северџанија“, „Северџански марионети”, „окупациската северџанска хунта” итн.
Веднаш по формалното основање, „Родина” ширеше теории на завера против Вашингтон, како наследник на Рим, тврдејќи дека „Нашиот македонски народ веќе 2000 години е на удар на Рим и неговите наследници и слуги”. Наместо НАТО, кое „ги разделува Словените”, Родина пропагира Економски и воен сојуз со „братска Русија” и „Евроазиската економска унија“, а нејзиниот основач во интервју за руски медиум тврдеше дека „првиот Евроазиец од овој регион е Александар Македонски“.
И пред прогласувањето на пандемијата, „Родина” ги поддржуваше „родителите што започнаа да одбираат своите деца да не ги вакцинираат”, ширејќи дезинформации за вакцините. По прогласување на пандемијата со ковид-19, „Родина” во своите објави дезинформираше за „вештачки креиран вирус – еквивалентен на варијација на грип”, и „вештачки креирана пандемија и фабрикувана паника” како дел од „грозен тоталитарен план” на „глобалофашистите” и „сатанизирани белосветски, а оцрнети организации и институции“.
„Родина“ ја негира пандемијата („не се работи за пандемија, туку за малку поопасна варијација на корона-вирус“) и високата смртност, дезинформирајќи дека се воведува Вонредна состојба за сезонски вирус (сезонскиот фабрикуван вирус, вирус што по сите светски здравствени статистики е во рангот на сезонски грип).
„Родина“ ширеше и Застрашувачка теорија на заговор и дезинформации за поврзаноста со вирусот, 5Г-технологијата и чипот на Бил Гејтс:
Иако вакцинацијата против корона-вирусот е планетарен процес, „Родина Македонија“ ја прогласи за „ненаучно базирана вакцинација на македонскиот народ, која е побудена исклучиво од ниските страсти за финансиски лични интереси и краткорочните политички потреби на предавничката Хунта!“
(продолжува во следниот број – илустрациите се на Глобус)