„Родина“ најпрво ги нападна вакцините против ковид-19 како извор на „зомбирање на човештвото“, ама затоа кога се појави руската ввакцина таа доби поддршка (!), за разлика од оние на „глобалфашистите“
ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
Игнорирајќи ги сопствените тврдења дека пандемијата е креирана, дека „нема вирус“ и дека ќе покрене процес за кривична одговорност за „вештачки фабрикуваната криза околу вирусот”, „Родина“ го сподели на „Твитер“ текстот „Русија во Август со одобрена вакцина против ковид-19! Пропаѓа планот на Гејтс за зомбирање на човештвото?“.
По „антиваксерските“ дезинформации, „Родина“ практично ја промовира руската вакцина, оцрнувајќи ги западните вакцини на „глобалофашистите“, кои имале цел „зомбирање на луѓето“:
Активисти на „Родина“ не беа само организатори на протести против ковид-мерките, туку и главни говорници и главни извори на дезинформации, како за поврзаноста на корона-вирусот и 5Г-технологијата, така и за пандемијата и вакцинацијата. Официјално најголем донатор на Родина во 2021, и дел од претседателството на партијата, е „антиваксерката“ Гордана Гоџо, која ширеше заплашувачки дезинформации за вакцините и против тогашниот министер за здравство, како и QАnon теории на заговор (Профилната слика на Гоџо на нејзиниот твитер-профил е голема црвена буква Q со мали сонциња на вергина). Нејзината партија „Родина“ ѝ овозможи видеоплатформа за дополнително ширење дезинформации и теории на завера за пандемијата и вакцинацијата. Во едно видеоинтервју, Гоџо и нејзината гостинка од „суверенистичката дијаспора” на Србија, ширеа дезинформации дека „вирусот е измислен” од организирани злосторници – „банкарски лопови, фармакомафија, сатанистите на светот”. Преку истото видео, партијата „Родина“ практично ширеше теорија на завера против Бил Гејтс како „најголем монструм” на денешниот фашизам, оцрнувајќи го како „болен човек со некрофилски карактер, кој ужива во редуцирањето на популацијата и во убивање луѓе”.
РУСИЈА ДА ГО МОНИТОРИРАЛА ПОПИСОТ „Родина“ ја напаѓаше и „криминално-пучистичка власт креирана од надвор“, обвинувајќи ја дека „идеално одговара на агендите за депопулација со големи бројки на смртност, одродување со трансродово сексуално образование и со демакедонизирање со дивата Северџганија“.
„Родина“ го користеше и претходниот попис, а и пописот во 2021, како повод за ширење дезинформации за бројноста на етничките Албанци во Македонија, објавувајќи во јавноста различни податоци. На пример, дезинформацијата дека во Македонија „Албанците моментално се 14%, со фалсификуваниот попис под диктаторство на американската амбасада…“, очигледно беше во контекст на намерата да се креира паника за бришење на Македонците, за идна федерализација, па дури и поделба на земјата како во времето на германско-италијанската фашистичка окупација. Во друга објава, „Родина“ тврдеше дека се крие реалната бројка која ние отприлика ја знаеме, околу 10 а максимум 15%, а во трета дека „Родина Македонија има проверени и многу прецизни информации кои велат дека во Република Македонија живеат од 16,3-17,7% граѓани со албанско етничко потекло“, повикувајќи ја „целокупната Македонска нација да не ги признае резултатите од пописот доколку на него фигурираат повеќе од 18% граѓани со албанско етничко потекло“.
Пописот во 2021 беше претставуван како „повторен обид за бришење на македонскиот народ“, а партија агитираше со слоганите „Кажете му НЕ на #етноцидот“, и за неучество во наместен, режиран и нелегитимен попис. Проруската „Родина“ пропагираше дека народот може да прифати „Само попис организиран од ОН, а мониториран од Русија и Кина“, дека „нема да дозволиме нов геноцид врз нас“, и дека мкедонскиот народ нема да ги признае „резултатите од пописот организиран од окупаторот“. „Геополитичкиот проект Попис 2021“ беше делегитимиран како „воден од западните стратешки гробари на Република Македонија и нивните регионални измеќари“, како попис за зачувување на власта, како попис за иредентистички цели – голема Албанија, како класична местенка за ЕТНОЦИД на македонскиот народ („ВАМПИРИЗАМ кон Македонија и Македонскиот народ“), како „последниот чин на уништување на Македонија и тоа преку фингиран попис“. „Родина“ агитираше дека „Македонците мора масовно и здружено да го бојкотираат овој попис, како што здружено и братски го бојкотиравме референдумот“, повикуваше да не се учествува во фалсификатот, етноцидот и релативизирањето на цела една нација-Македонската и тврдеше дека ПОПИС ЌЕ НЕМА!
„Родина Македонија“ заедно со други организации и партии се приклучи на кампањата преполна со дезинформации „НЕ ОТВОРАМ ВРАТА“, што резултира со намалена бројка на етнички Македонци во резултатите од пописот. Потоа, „Родина Македонија“ не ги призна резултатите од ФАЛСИФИКУВАНИОТ ПОПИС и ширеше теорија на заговор дека пописот во 2021 е „геополитички криминален Попис од страна на западните сили и албанската иредента во Владата, како и македонската петта колона, каде Македонецот е избришан во својата матична земја во една криминално мафијашка геополитичка операција“. Исто така, „Родина Македонија“ дезинформира и заплашуваше дека целта на пописот била „качување на бројката на Албанците на сметка на Македонците“, што во суштина било „продолжување на долговековната западна политика“.
Ваквите дезинформации и теории на заговори за „Голема Албанија“ и за „бришење на Македонецот од неговата етничка територија“ не се ништо ново, туку продолжување на мрачни геостратешки теории на заговор со привикување на „Голема Албанија“ од време на политичката криза во 2015-2017, како и за време на „Преспанскиот договор“ и зачленувањето во НАТО, се обидуваа да предизвикаат меѓуетничка нетрпеливост и омраза.
ПРЕД ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ „Родина Македонија“ настапи за прв пат на локалните избори 2021 година со свои кандидати за градоначалник во Берово, Центар и Град Скопје, и со свои советнички листи во 9 општини и Град Скопје.
Во прв план на кампањата во Скопје не беа локални теми, туку обиди за мобилизација на граѓаните што не сакаат да се вакцинираат или се против ковид-мерките. „Родина“ упати повик до „слободарска Македонија“ „да го сопреме дивеењето на вакцина лобито и бизнис интересите на фармацевтската мафија, како и фашизоидната агенда на неолибералната глобална елита“.
„Родина“ бараше укинување на ковид-фашистичките мерки, а во своето видеообраќање, кандидатот за градоначалник зборуваше за „повампирен фашизам“, „ковид фашизам“, Скопје како голем концентрационен логор, каде што на граѓаните што ја одбиваат вакцината им се ограничува слободата на движењето како во „еврејско варшавско гето“. Носителот на советничката листа за „Скопје“ се залагаше за „Скопје со Македонци, без Авгани, без косовизација“.
На локалните избори 2021 „Родина“ беше една од партиите што отворено ширеше хомофобија и трансфобија. Претходно, „Родина“ се залагаше за Подршка на традиционалното Македонско Семејство и заштита од манипулативните програми на западот за негово растурање, пропагираше против ЛГБТ и педофилска идеологија, и се спротивставуваше на „воведувањето на овие извитоперени, изопачени ‘вредности’‚ наметнати од европската блудница“. Во текот на кампањата за локални избори, кандидатите на „Родина“ ветуваа заштита на децата од „психопатските невладини здруженија“, забрана на „монструозното сензитивно сексуално образование на Мила Царовска“:
Актуелната градоначалничка на Скопје, како кандидатка беше оцрнувана како „личност што директно работи за глобалистичките проекти, Climate change, спонзориран од фондацијата Бил и Мелинда Гејтс и проектите на СЗО за ресет на економијата од ковид-пландемијата“. И покрај тоа, „Родина“ ги повика своите гласачи во втор круг да гласаат за неа, а против власта, која била помалото и поголемото зло.
Иако „Родина Македонија“ оствари скромни резултати (кандидатот за градоначалник на Скопје имаше само 0,76% од гласовите, а другите кандидати уште помалку), оттаму не може да се извлече заклучок за тотален неуспех на „руското влијание“ на локалните избори 2021, кое видливо се остваруваше и преку други политички актери, што е тема за дополнителна анализа
(крај – илустрациите се на Глобус)