БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Што би рекол Басара: не можете да имате слободни медиуми ако немате слободни граѓани. Во случајов со нашава тема таа максима би гласела: не можете да немате говор на омраза ако немате пристојни граѓани во јавната дебата
Чувствувам дека пак ќе имам проблеми, но морам да кажам дека наспроти хистеријата што се крева околу говорот на омраза, Македонија е прилично упристоено општество.
Говорот на омраза не е ниту на десет проценти од капацитететите што му ги дава јавниот дискурс исполнет со огромни количествата на примитивност, глупавост и неписменост.
Простоќата е нашиот основен проблем, а не говорот на омраза. Во таква ситуација битката против говорот на омраза е речиси бесмислена.
Втората страна на тој медал е фактот дека на јавната сцена се пуштени, не од вчера, многу поединци и структури кои не се важни толку според говорот на омраза, туку според предизвикувањето на ситуации и ефекти кои предизвикуваат омраза. Не говор на омраза туку омраза. И тоа како знак дека човекот што тие ликови и ситуации ги мрази е се уште нормален и морален, значи, како добар знак за човекот и лош знак за општеството. Така што со оглед на тие перформанси може да се каже дека нашиот говор на омраза е како Фиќо во споредба со Ламборѓинито со кое можеме да си ебеме мајката и кое ни стои на располагање.
Јас сум жртва на говор на омраза и на реална омрза и истовремено, сум обвинуван за говор на омраза. Дури, за антисемитизам. Немате подобар доказ дека овој инструмент на упристојувањето во рацете на неписмениот човек во Македонија се претвора во парада, во инструмент за притисици и манипулации.
Што би рекол Басара: не можете да имате слободни медиуми ако немате слободни граѓани. Во случајов со нашава тема таа максима би гласела: не можете да немате говор на омраза ако немате пристојни граѓани во јавната дебата. И ако немате ситуации и поединци што не би ги мразеле. Во такви услови ние немаме говор на омраза за каков што одработуваме. Не говорот на омраза, туку реалните општествени ситуации, структури и поединци кои се емисари и продуценти на злото и на омразата треба да се предмет на нашата борба. Потребна ни е вредносна, духовна, морална и културна обнова.