ДРАГАН ПОПОВСКИ
Се сеќавате ли на слатката Ирма (,,Irma la Douce”, Ширли Меклејн, Џек Лемон)? Онаа девојка со зелени очи и зелени мрежасти чорапи од тротоарите на Пигал?
Чудно е како понекогаш си создаваме претстава за нешто само според една сцена од некој филм. Кога ќе го спомнат Пигал-ја гледам Ирма, а кога некој ќе ја спомне Ирма-го гледам Пигал. Добро, истата асоцијација ја имам и со Модиљани (,,Montparnasse 19″, Жерар Филип, Анук Аме), но тој Пигал е сив и тажен, а оној на Ирма е полн со бои и е весел! Впрочем, Модиљани беше еден и не би сакал да го споредувам ниту со еден друг. И одамна го нема, а Ирма ја гледате во секоја од девојките што провакативно шеткаат покрај вас додека го шмркате попладневното кафе на тротоарот пред некое париско бистро.
Проститутки. Девојки што го продаваат своето тело. Збор што, несомнено, звучи лошо, но во Париз го немате тоа чувство. Тие тука се дел од фолклорот париски, без нив и без Пигал Париз не би бил Париз. Убавици на денот (,,La belle de jour”, Буњуел, Катрин Денев), музи на Тулуз Лотрек и друштвото.
Сепак, сите сме свесни дека реалниот живот не личи на оној филмскиот и дека во тој свет не е ни малку толку романтично како што може да се заклучи од овие мои париски спомени. Во тој свет на општественото дно имамногу тажни приказни за отфрлени љубови, изгубени надежи, борба за егзистенција (сетете се на Едит Пјаф), желба за лесен живот, глупавост и што уште не. ,,Го сакате моето тело? Одлично. Но, тоа ќе ве чини пари (будали едни)!“
Но, сепак, основната идеја за ова мое пишување, всушност,и не се продавачките на тела (не би рекол продавачки на љубов), туку за оние мивки што си го продаваат духот. Скапо или евтино, сеедно. За проституицијата не како занает, туку за проституицијата како морална особина.
А се’ започна, се чини, со новокомпонираните турбо-фолк политичари. Тие го отворија „борделот“. Би можеломногу да се пишува за сите оние што ги продаваат своите политички убедувања, политички се проституираат, минуваат од една во друга политичка партија или коалиција почесто отколку што поминуваат во бања и секиј ден се прашуваат: „На која нога треба утрово да станам, лева или десна, на која опција денес ќе припаѓам“? Нивните имиња не ги спомнувам зада не го загадам текстов. Само тие и никој друг ги посеаја новите морални вредности и начин на делување во кои единствено мото е брзиот просперитет до парите. А потоа, јасно, доаѓа до метастаза.
(„Ајде, раскажи стари, како сте ја граделе татковината, науката, културата, раскажи за лукчето и за пивото што сте го таманеле за Први мај и за високите дострели на човековото достоинство; раскажи за точакот „Рог“ од подрумот што си го купил на кредит, ај потоа, дозволи и јас да ти раскажам дека достоинството е комуњарска категорија, лага за да се оправда сиромаштијата. А ти, само продолжи и натаму достоинствено да го гланцаш „Рогот“ и да мезиш лукче. Новото време, стари, бара нови визии. Навистина, малку ќе се поднаведнеш, акоимаш среќа некој ќе ти се најде во тој момент зад грбот и-чиста работа: отворени тендери, профити. Макијавели, стари, Макијавели!“)
Така е тоа. Држиш ли и малку до достоинството, добиваш етикета на губитник, наивен будала кој нешто „дави“ само поради тоа што „не се снашол“ во новото време на духовните проститутки. Всушност, проститутки на духот имало отсекогаш, но тоа сега се чини,станува почитувана вредносна категорија. И во време кога не задушува масовната невработеност и неможноста да се преживее , а камоли да се тежнее кон повисоки животни цели, ваквата проституција добива и морален кредибилитет. Или, барем, прагматичен. Длабоко во себе свесни за нивото на моралната кал во која пливаат, се обидуваат да ѝ дадат исчистена димензија, како морал на дваесет и првиот век и се обидуваат сите неистомисленици да ги вплеткаат со уцени или притисок во „новите“ трендови.
Сега можеби е појасно зошто во воведот на текстов зборував со симпатии за „дамите на ноќта“. И секогаш ќе мислам дека продавањето на телото е повисока морална категорија од продавањето на духот.
Но, да се вратам за момент на Пигал и да го цитирам одговорот на една од „дамите“ на моите збунети прашања: ,, C’est laa vie, monsieur!”
п.с. Ова е колумна објавена пред дванаесет години во „Утрински весник“, а гледајќи ги секојдневно „борците“ за Македонија поткрепени од илјадници „експерти“ заклучувам дека „проституткиве“ се’ уште се држат, машала.