Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПРОСТО И СТРОГО

August 15, 2023 Filed Under: Ревија

Објавена книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски – ново исчитување на книжевното дело на великанот

ПОТПИС Овој потпис на Конески стоеше зад исклучително обемно дело

По повод 30 години од физичкото заминување на Блаже Конески, книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски. Книгата претставува ново исчитување на книжевното дело на великанот, при што во неа се отвораат прашања и се изнесуваат согледби и заклучоци и за некои помалку анализирани, афирмирани и вреднувани, а важни сегменти од опусот на Конески.

Според оцените на проф. д-р Димитар Пандев, во оваа книга, Антоновски прецизно го чита Конески и го чита тестаментално, како што се чита послание срочено од престижна јазикотворечка личност.

–  И ја доловува смислата на Конески, на која самиот тој толку инсистираше и не дозволуваше прашања. Но долг и право е на авторот следбеник на тие загатнати прашања да посочи одговор. Во името на егзактноста со која понира во пределните области на Конески, нагласува Пандев.

Со анализите, согледбите и заклучоците за книжевното дело на великанот, но и со научното опсервирање на претходните научни огледби од претходниците и современиците, книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски претставува нов влог во македонската книжевна наука. Како што констатира проф. д-р Владимир Мартиновски, не е воопшто лесно за Конески да се пишува „просто и строго“. Онака како што тој ги пишуваше и поезијата, и есеите, и научните статии. Но, Антоновски ни покажува дека денес, тоа не е само потребно, ами е и возможно.

– Научните статии и огледи од кои е сочинета книгата „Просто и строго – Конески“, со строга акрибичност, со прецизна научност, но и со топла непосредност ги истражуваат книжевните дела на Конески, помагајќи ни да ја насетиме нивната „скриена смисла“, посочува Мартиновски.

РОДНАТА КУЌА Ова е домот каде е роден академикот во селото Небрегово

Според него, со својата љубопитност, упатеност и посветеност, Антоновски ни помага да влеземе во авантурата која е бескрајно возбудлива: доисчитување и доистражување на опусот на Конески. Антоновски ни покажува дека колку повеќе навлегуваме во светот на Конески, толку повеќе ја чувствуваме актуелноста на неговото дело.

– Затоа, оваа книга на Антоновски, настанувана постепено, претежно преку учество на бројни научни собири по повод 100-годишнината од раѓањето на Конески, е одличен прилог кон одбележувањето на 30-годишнината од неговата смрт. Со оваа книга, Иван Антоновски, токму просто и строго, нè уверува во бесмртноста на делото на Блаже Конески, нагласува Мартиновски.

Иван Антоновски е млад, но искусен и докажан автор, асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Минатата година беше прогласен за најдобар млад научник од хуманистичките науки и од претседателот на државата му беше доделено признанието „Успешни млади“. Дел од научните трудови за кои го доби признанието се објавени и во оваа негова книга за Конески.

Со одбележувањето на 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески со објавувањето на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски, книгоиздавателството „Матица македонска“ продолжува со остварување на својата определба за вложување во афирмацијата и вреднувањето на делото на великанот, заради која и минатите години објави неколку книги кои се однесуваат на неговиот опус.

СЕМЕЈСТВО Блаже со татко му Ордан, мајка му Цака и бабата Дунавка

Книгата „Просто и строго – Конески“, веќе е достапна за читателите во книжарниците на „Матица македонска“ во Скопје, како и преку онлајн-книжарницата на книгоиздавателството.

Блаже Конески  почина на 72.години во Скопје во декември 193 година. Беше македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар,

филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој беше и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност..

Filed Under: Ревија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet