Зошто граѓаните треба да протестираат укажува и тукушто објавената анкета на Детектор за мислењето на граѓаните за третата власт. Но самиот протест и говорите на учесниците во нив укажа и вината на оние кои вршат притисок врз органите на правосудството, во конкретниот слулчај и на родителите на осомничениот Јованов „кои не смеат да вршат јавни функции“
„Секој еден може да е следен“, „Сакаме правда“ се паролите на десетиците илјади граѓани кои протестираат денеска во Скопје на булевар „Партизански Одреди“ кај Универзална сала под мотото „Кој е следен?”. Протестот е реакција на случајот со Фросина Кулакова и инцидентите со неконтролирано возење и неказнување, кои резултираат со трагични последици.
„Да можат би го продале Бога, а ним само еден ќе им суди“, „Безбедноста е право, не луксуз“, „Ако корумпиран систем живее, народот умира“, „Денес правда за Фросина, утре за сите нас“, „Не е кобно местото, туку луѓето и системот“, „Her future stolen, his privilege exposed“, „Партизанска не е Формула1“, „Улиците не се тркачки патеки“ се дел од транспарентите, кои ги носат учесниците на протестот.
Илјадниците граѓани минаа протестирајќи пред Министерството за правда извикнувајќи ја познатата парола „Нема правда, нема мир“, потоа
беа пред Собранието на РСМ каде со запалени светилки од мобилните се одржа заеднички молк, се замина на Јавното обвинителство, а ќе заврши пред Основен кривичен суд Скопје.
Протестниот марш имаше за цел да адресира три главни проблеми: нефункционалност на системот за заштита на децата и младите кои се во судир со законот, недоволна безбедност во градовите и глорификација на девијантно однесување.
Во контекст на протестните маршеви да спомене и една анкета која ја направи Детектор а според која 62.6 проценти од граѓаните сметаат дека во Македонија не можат да добијат фер судење. Само 23.5 проценти велат дека можат да добијат фер судење, бројка која е благо зголемена споредено со 2023та година кога на истото прашање потврден одговор дале 19.3 проценти од испитаниците.
Дури 73.5 проценти сметаат дека правдата во земјава е селективна, бројка која е непроменета во изминатите две години. Во неселективна правда веруваат 19, 3 проценти од испитаниците.
Довербата во судството е зголемена од 5.3 на 8,4 проценти. Заедно со оние кои 18,4 кои велат дека донекаде му веруваат на судството, вкупно 26,8 проценти од испитаниците имаат позитивен став кон судската власт. 51,6 проценти одговориле дека воопшто не му веруваат на судството.
НА обвинителството му веруваат 5,8 проценти од испитаниците додека пак донекаде му веруваат уште дополнителни 20.5 проценти. Недовербата е измерена на 50,5 проценти.
Довербата во полицијата е повисока- 19 проценти велат дека и веруваат а дополнително уште 29,8 велат дека донекаде и веруваат на полицијата.
Да споменеме дека 77.2 проценти од испитаниците сметаат дека постојат надворешни влијанија врз правосудството, додека 10.8 проценти сметаат дека е независно.
Значајно е дека 64.4 проценти сметаат дека поголемиот број на процеси во изминатите години против поранешни и актуелни функционери не биле фер и праведни.
Големо е мнозинството на граѓани кои сметаат дека Судскиот Совет и Советот на јавни обвинители треба да бидат распуштени. 57.8 проценти од испитаниците велат дека треба целосно да се распушти Судскиот Совет а 54.6 сметаат дека треба да се распушти Советот на јавни обвинители.Да се вратиме на поводот за протестите и да се потсетиме дека Фросина Кулакова (22) од Неготино на 29 јануари годинава беше прегазена додека поминуваше пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје. Таа беше прегазена од Васил Јованов (20) од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин. За него подоцна беше објавено дека 157 километри на час и дека бил под дејство на алкохол, но и дека има и товар од претходни докажани кривични дела.
На осомничениот му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога. Имало и едно сомнително повлечено обвинение од ноември 2024 година, што тешко го товари Обвинителството.
Мирен собир се одржа и во Неготино, родниот град на Фросина, како и во Кавадарци, објави МИА. Граѓаните во Скопје одржаа мирен собир и во петокот, кога запалија свеќи и положија цвеќе пред фотографијата на Фросина. Преку написите како „Врските не враќаат човечки живот“ и „Не е несреќа, туку убиство“ тие маршираа до Собранието на РСМ и Кривичниот суд и побараа одговорност од институциите за Фросина и за сите жртви во сообраќајни незгоди. Масовниот протестен марш, на кој се побара правда за загинувањето на младата Фросина Кулакова, заврши пред Кривичниот суд каде што илјадници граѓани извикуваа „Убијци“. Претходно пред Собранието, таткото на Фросина, Тодор Кулаков, одржа говор во кој рече дека оној што ќе плати повеќе мито, тој добива, а по правило добиваат криминалците и нивните адвокати
„Се работи за систем и антисистем. Од една страна системот ни создава универзални вредности, правила базирани на длабоки и цивилизациски коректни начела, каде што децата се учат во домовите, школите и црквите. Затоа некои од нив, поради таквиот хуманистички пристап, стануваат херои на нашето време. Дозволете ми Фросина да ја сместам во тие херои на нашето време. Другите, оние што се задоени со чемерот на антисистемот, претворајќи се во наркодилери, насилници, убијци, заедно со тешко потплатени судии, обвинители и други, кои судии, обвинители, проценители и извршители направија балкански дуќани, друштва за наддавање како аукциски куќи – кој ќе плати повеќе мито, тој добива, а по правило, без исклучок, криминалците и нивните адвокати добиваат“, рече Кулаков. Тој имформираше дека увидниот обвинител бил сменет пред да дојде на местото на настанот со друго лице, сомневајќи се во тоа дека имало инструкции кои се добиени претходно!
Ваквите информации предизвикаа незадоволство кај граѓаните кои прво се собраа на масовен протест во петокот кој почна на местото на кое загина Фросина, а заврши пред Кривичниот суд. Протест беше одржан и во родниот град на Фросина, Неготино. Граѓаните побараа одговорност и за судијката која многумина ја обвинуваат дека претходно го спасила од притвор проблематичниот возач.
Претходно денеска протест се одржа и во Кавадарци на кој сестрата на загинатата Фросина Кулакова, Росица, порача дека правда за Фросина мора да има и посака ваков случај никому да не му се повтори.
Таа својот говор го започна со зборовите дека општеството е огледало на вредностите што ги носат оние што го водат, а децата се најчистиот одраз на своите родители.
„Не може да се очекува чесно и одговорно управување од луѓе кои не успеале да ги всадат основните морални и општествени вредности дури ни во сопствениот дом. Доделувањето државни функции не смее да се сведува само на формални образовни критериуми. Јавните функции мора да ги извршуваат луѓе со интегритет, кои своите карактери и вредности ги покажале и во сопствениот живот. Како граѓани, како родители и како дел од заедницата, оној што не успеал да го воспита сопствениот наследник да ги почитува законите, да разликува добро од зло и да живее чесно, не може да бара доверба да управува со државата. Напротив, ваквите лица не смеат да добијат јавна функција. Тие треба да одговараат за своето дејствување, но и за криминалните постапки на своите помлади полнолетници“, рече сестрата на починатата
(Користени се материјали достапни во медимите. Фотографиите сена Драган Мишев / ЦИВИЛ Медиа)