Од сега во водоводната мрежа на регионалниот водовод во Гевгелија тече вода за пиење од новиот водоснабдителен систем. Со тоа од денес сите граѓани пијат здрава и квалитетна вода
„Слободно пијте вода од чешмите, затоа што водата е целосно квалитетна и здрава за пиење“ – oва го препорача неодамна градоначалникот Сашо Поцков до граѓаните на Гевгелија објавувајќи дека од тој ден низ новиот цевковод тече вода од новите бунари кај Мрзенска ада, кои со трите последователни анализи покажаа дека нема арсен.
Долгогодишниот проблем со небезбедната вода со отровниот арсен е завршен.
„На 7 ноември минатата година, како што знаете, го предадовме во употреба новиот водоснабдителен систем. Притоа, нагласивме дека системот ќе профункционира по завршување на сите неопходни технички испитувања и анализи“, истакна Поцков на последниот прес со медиумите и додаде:
Во оваа прилика сакам да ја известам јавноста: дека од денес во водоводната мрежа на регионалниот водовод во Гевгелија тече вода за пиење од новиот водоснабдителен систем. Со тоа од денес сите граѓани пијат здрава и квалитетна вода.
Имено, анализите на физичко-хемискиот состав на водата за пиење од овие бунари, направени од Институтот за јавно здравје на Република Македонија покажуваат и потврдуваат дека во водата воопшто нема арсен и дека водата одговара на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри за физичко-хемиска анализа.
Изработените биолошки анализи на водата за пиење од новите бунари, а последната е направена на 21 јануари годинава, го потврдуваат високиот степен на здравствена безбедност на водата“, нагласи Поцков на отворениот прес за јавноста.
Градоначалникот Поцков истакна дека определбите на Општината за здрава вода за гевгеличани останува:
– Уште еднаш ќе нагласам – дека не се откажуваме од водата во бунарите кај Моин, за што во тек се испитувањата на најповолната постапка за деарсенизација – рече тој.
Тој ги предочи најновите технички предности што ги поседува новиот водоснабдителен систем, кој располага со три бунари, во областа „Мрзенска Ада“, со пумпни станици со вградени пумпи и дополнителна хидромеханичка опрема. Во нивна непосредна близина е изградена хлорна станица за гасно хлорирање, која ќе се користи за управување и мониторинг со целиот систем за водоснабдување. Хлорираната вода од изворите преку новоизведениот потисен цевковод, во должина од околу 1500 метри, се складира во новиот Резервоар, од каде што преку доводниот цевковод, во должина од околу 2.200 метри, истекува во постоечката градска водоводна мрежа.
Целокупното мониторирање и управување со системот е автоматизирано, и го вршат обучени лица од комуналното претпријатие, кои посетуваа посебна обука.
Поцков не го криеше задоволството од можноста да им ја упати посакуваната порака на своите сограѓани дека слободно можат да пијат вода од нивните чешми дома зошто водата од новиот водоводен систем е без арсен, квалитетна и здрава за пиење.