Од првите три дебати за уставните амандмани е јасно дека противниците на Преспанскиот договор, со мали исклучоци, одбегнуваат стручни дебати. И оние кои се јавија за збор очевидно најмалку понудија стручни аргументи
ЕКИПА НА ГЛОБУС
На првата јавна дебата за четирите нацрт-уставни амандмани што се одржа во Владата на Република Македонија беа презентирани повеќе предлози и забелешки од страна на експертите од научната јавност и невладиниот сектор.
Премиерот Зоран Заев истакна дека постои отвореност и позитивни размислувања за прифаќање на одредени предлози изнесени на собраниската Комисија и на пленараната седница. Повтори дека амандманите нема да станат дел од Уставот доколку Грција не го усвои Договорот од Преспа и Протоколот за зачленување на Македонија во НАТО.
Во нацрт – амандманите, како што потсети синоќа Заев, се вградени предлози на осумтемина пратеници и посочи на одлуката уставните измени да стапат на сила само доколку Грција ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за наше членство во НАТО.
-Ние треба да побараме како Република Северна Македонија од грчката страна ратификација на протоколот од НАТО оти така е опишано во самиот договор, а во суштина ние ќе бидеме Република Северна Македонија за меѓународна употреба, откако Грција ќе го ратификува и Договорот и Протоколот од НАТО, рече Заев.
Грција мора, истакна тој, во ист ден или заедно паралелно да ги ратификува конечната Спогодба за решавање на спорот со името и протоколот за нашето членство во НАТО.
-Ова секако е дополнителна заштита за нас. Секако доколку Грција не ги исполни своите обврски тогаш нема да важат измените на Уставот односно нема да стапат на сила и автоматски ќе се поништат, рече Заев.
Според Заев се повеќе граѓани го прифаќаат овој процес, но треба да им се објасни што после промената на името.
-Во овој процес нашиот народ се повеќе и повеќе се охрабрува во поддршка на преспанскиот договор и рефлексијата од самиот договор односно процедурите коишто се случуваат во Парламентот, рече премиерот.
Професорот Љубомир Фрчкоски смета дека амандманите не ја загрозуваат граѓанската основа на државата, дека се прифатливи од аспект на идентитетските прашања и дека притоа некои делови се зајакнуваат дури и кога се споменуваат други етнички заедници, како и дека решенијата се во рамки на уставно-правните стандарди.
– Ако се остави зборот Македонија во членот 36, тоа има консеквенци, рече професорот додавајќи дека можеби треба да се размисли за терминот национално ослободителни војни за независна македонска држава.
Во однос на Преамбулата, според Фрчкоски, дилемата останува дали да остане само да се наведе Прогласот, бидејќи тој на некој начин го опфаќа Манифестот, или да се оди на конкретно набројување на документите, што би биле екстензивно, но можеби треба да се расправа.
– Но не може да се реферира во Преамбулата на Уставот од 1991 година. За прашањето како ќе биде ставен Охридскиот рамковен договор, не е спорно дека тој конститутивно го менува политичкиот систем и го зацврстува, тој треба да биде ставен, но како, прашува професорот. Според него, треба да се раздвои реченицата на историските конститутивни акти, и временски се случува по Уставот од 1991 година.
Фрчкоски во однос на амандманот 36 предложи првиот став да гласи: Републиката да го штити и гарантира идентитетот и негува историското и културното наследство на македонскиот народ. Во третиот став да стои: Републиката се грижи за дијаспората…Се знае, вели тој, што е дијаспора.
Професорот Владо Поповски изнесе свој предлог на Преамбулата на Уставот.
– Мислам дека треба да се задржи од претходната пристапот: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ“ бидејќи на таа основа укажуваме на еден битен факт дека граѓаните на Република Македонија, поединечно како историски субјект не се националниот државотворен субјект на македонската држава, туку тие граѓани секогаш се јавуваат здружено преку одредени организации водства и се јавуваат како колективен субјекти кој се бори за своја држава, рече професорот Поповски.
Тој во целост го презентираше својот предлог (амандман 33): Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои се дел албанскиот народ, турскиот народ, српскиот народ, влашкиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на заедничката татковина, еднакви во своите права и одговорни според идните генерации во согласност со традициите на Крушевскиот манифест и Крушевската Република и со решенијата на АСНОМ за негово прогласување за врховно, законодвано, извршно, народно, претставничко тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија…
На дебатата учествуваат пратеници, претставници на научната јавност, граѓански организации, новинари…Произлегоа дилеми во однос на прашањата дали треба да стои дијаспора или не, дали и Преспанскиот договор треба да стои во измените или, пак, дури и на Охридскиот рамковен договор да му се најде друго место во Уставот…Беа изнесени забелешки за членот 36, кој според професорот Гордан Калајџиев непотребно може да создаде правна конфузија. Професорот Блерим Река укажа дека е потребно да се затворат овие процеси поради политичките процеси и изборите во Грција следната година. Според, Ѓорги Спасов со јавната дебата треба да се растера стравот кај граѓаните и тие да се убедат дека имаме добар договор и дека амандманите не се ништо друго туку она што е договорено со Грција.
Следниот ден се одржа јавна дебата и на Универзитетот ФОН. Говорници беа ректорот на Универзитетот Нано Ружин и универзитетскиот професор Темелко Ристовски, додека дискусијата ја отвори и воведе деканката на Правниот факултет, Сејдефа Џафче. На дебатата учествуваше и премиерот Зоран Заев.
Со уставните измени во личните документи ќе може да се определи и етничката припадност. Премиерот Зоран Заев на денешната јавна дебата за уставните измени нагласи дека на тој начин би се отстраниле дилемите за националната припадност. Тој е убеден дека последната фаза од уставните промени ќе помине во инклузивен процес и оти уставните измени ќе бидат усвоени со парламентарен компромис.
Поранешниот амбасадор Нано Ружин, зборувајќи за важноста на Преспанскиот договор, истакна дека тој е единствената можност што на Македонија ù гарантира членство во евроатланските структури.
Дебатата беше фокусирана и на прашањето на идентитетот и културата. Некои од студентите пак, побараа договорот со Бугарија и Грција да бидат вклучени како документи во Преамбулата.
Граѓаните кои беа присутни на јавната расправа побараа одговор од премиерот Заев, дали со уставните амандмани се брише националниот идентитет и историјата. Дали е сигурен дека Грција ќе ги исполни своите обврски.
Премиерот Заев е убеден дека со уставните измени ќе се отвори патот на државата кон евроатланските интеграции.
На вториот ден од расправата беше побарано опозицијата да биде конструктивна при гласњето на третата фаза од уставните амандмани. Тестот може да претрпи одредени измени особено кај амандманот кој се однесува на грижата на македонскиот народ во соседните држави. Се предлага да стои зборот дијаспора за да не се чувствуваат занемарено и другите етнички заедници. Професорот Нано Ружин смета дека со договорот од Преспа нашата држава добива достоинствено име.
На Преспанскиот договор мора да се гледа низ призмата на евроатланските интеграции. Тој не е свршен, но со него дефинитивно земјава ќе може да фати приклучок кон ЕУ и НАТО. Ова го кажа академикот Таки Фити на третата по ред јавна дебата за предлог уставните амандмани, што се одржа во Амфитеатарот во МАНУ.
Фити има дилема и како ќе се именуваат дел од јавните установи, дали и на кои треба да се додаде придавката Северна, а како пример го наведе Институтот за македонски јазик
Министерот за надворешни работи Димитров, кажа дека без компромис со Грција, Македонија уште долго ќе останела изолирана држава.
Последиците од таа блокада, нема да ги трпи никој друг, туку македонските граѓани, смета шефот на дипломатијата.
Со ова јавна дебата заврши низата од три кои се одржаа во Скопје. Следните две ќе бидат во градови од внатрешноста, а до владата сметаат дека секој конструктивен предлог за подобрување на 4 амадмани ќе биде повеќе од корисно.
Предлозите и сугестиите, кои беа изнесени на тричасовната дебата, на која експертски осврти дадоа академиците Владо Камбовски, споемнатиот Таки Фити и професорот Светомир Шкариќ, како и други претставници на академската заедница, граѓански организации и граѓани, ќе бидат сумирани и поднесени до Владата, која ќе ги изготви заклучоците од серијалот јавни дискусии и ќе ги достави во Собранието.
Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи истакна дека Преспанскиот договор е историски договор, кој е постигнат како што рече во една историска година за нас и дека тој ќе отстрани товар, односно еден голем камен, кој не ја оставаше Македонија да оди напред.
Вицепремиерот Османи се осврна на позитивните аспекти на Договорот, кој рече дека гарантира членство во НАТО и ЕУ и обезбедува сигурна иднина и од економски и од безбедносен аспект за сите граѓани, посебно младите кои не би сакале да останат во државата, ако таа им нуди неизвесна иднина.
„Евроатлантската ориентација и стратешка цел, никогаш, ниту во најтешките моменти од живеењето на нашата земја, не беше доведена под знак прашање. Над 75 проценти од населението, независно од етничката или верската припадност, континуирано беа и останаа за членство во ЕУ и НАТО. Тоа е голема обврска за сите сериозни политичари, а ние се сметаме за сериозни политичари и ви ветувам дека со сите наши одлуки, сега и натаму, ќе го следиме масовниот глас на граѓаните“, рече Османи оценувајќи дека Македонија е единствена земја која покажа како на европски начин се решаваат балканските идентитетски проблеми.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека Македонија не може да ја смени својата географска положба, ниту својата историја која е важна и темел на нејзиното постоење, но, во денешнината како што истакна, може да влијае за иднината, со преземање на одговорноста и со донесување на одлуки како Договорот од Преспа и неговата имплементација.
„Најголемата штета од нерешавањето на спорот со Грција е врз нас. Не е ниту САД, ниту Русија, ниту Европа, ниту Германија, ниту, пак, Грција. Не е точна тезата дека другите имаат интерес да се реши овој проблем“, рече министерот Димитров посочувајќи дека штетата најмногу ја трпиме самите ние, кои сме надвор од НАТО и Европската Унија.
Димитров истакна дека со Договорот од Преспа и решавањето на повеќедецениското прашање се затвора и поглавјето на идентитетските прашања, кое заедно со членството во НАТО и ЕУ, се трите цели кои Владата сака да ги постигне со овој Договор.
Академик Таки Фити во своето излагање, да се вратиме на него, потсети на заклучоците од научната расправа на Академијата, која се одржа во септември, истакнувајќи дека имплементирањето на Договорот од Преспа ја обезбедува единствената алтернатива за Македонија, односно напредувањето во евроатлантските процеси. Академикот Таки Фити додаде дека договорот ги зајакнува и зацврстува идентитетските прашања, осврнувајќи се на потребата експертите да се изјаснат за да се изнајде решение за имињата на некои од институциите, откако ќе бидат усвоени уставните измени. Тој рече дека и во МАНУ нема едногласие по овие прашања, но оцени дека и тоа е легитимно, доколку за забелешките се понуди алтернативно решение.
Академик Владо Камбовски во обраќањето рече дека Договорот од Преспа е заснован на европски начела, вредности, почитување на трајното пријателство и човековите права, додавајќи дека уставните измени треба да се гледаат во контекст на елементите кои се содржани.
Камбовски се задржа и на, како што рече неколку императивни елементи, набројувајќи ја промената на официјалното име, решение кое го оцени како компромис кој ги балансира интересите на двете држави, а притоа не го оспорува националниот идентитет. Тука Камбовски подвлече дека во историјата, Македонија била и Демократска, Народна, Социјалистичка. Потоа, Академикот во врска со формулацијата за државјанство, ја оцени одредницата „граѓани на Република Северна Македонија“ како исправна формулација за уредување на статусот на граѓаните и особено дефинирањето на македонскиот јазик како официјален јазик.
Професорот Камбовски на дебатата ја начна и темата во врска со наоѓање решение, во случај да се јави ситуација како сегашната, кога Претседателот на државата не го потпишува Указот за Законот за ратификација на Договорот, кој веќе два пати е изгласан од пратениците и помина во Собранието на Република Македонија.
Професорот Светомир Шкариќ во своето излагање се задржа на предлогот, Договорот од Преспа да се смести во посебен амандман и да биде дел од уставниот поредок на Република Македонија, со што би се обезбедиле импликации врз уставните норми и правниот систем. Дел од сугестиите на Професорот се однесуваа на амандманот 34, предлагајќи одлуките на АСНОМ да останат такви какви што се и да се додадат зборовите „забележани или запишани во Прогласот“.
Според Шкариќ, уставните измени се многу полесни од тоа што изгледа и додаде дека тежината е поврзана со политичкиот процес, договорот на двете Влади.
На јавната дискусија, беа отворени и прашањата како да се регулираат интересите на македонските државјани во дијаспората, се слушаа различни мислења за тоа дали треба или не треба да се набројуваат другите етнички заедници по однос на дијаспората, како и прашања кои би се отвориле во периодот по стапувањето во сила на Законот за Договорот од Преспа, а кои се однесуваат на истражувања во научната дејност.
Дебатите за уставните измени, организирани од Владата како овластен предлагач на истите, продолжуваат во Штип и Тетово. На дебатите, со мал исклучок кај дебатат организиана на ФОН немаше многу спротивставени мислења, шпто не значи дека ги нема, но тие што ги промовираат одбегнуваат високонаулни дебати.