ЉУБИША НИКОЛОВСКИ
На Бугарија и треба едно историско прочистување, соочување со самата себе или да го наречеме тоа една историска лустрација. Лустрација на историската вистина
Кога Бугарија влегуваше во ЕУ, никој не ја условуваше да ја преиспита својата сопствена историја, ниту и наложи да се извини за тоа што за време на Втората Светска Војна беше соработник на Хитлер.
Таа имаше среќа што ЕУ тогаш ја „погали” и пред останатите нејзини соседи стана европска членка. Но таа никогаш не се издигна во европска држава со европски вредности, подготвена за искрена соработка со земјите од Балканот, каде припаѓа и покрај членството во ЕУ.
Тој чин им ја запечати судбината на балканските држави (пред се на Македонија) кои сега го плаќаат цехот на комплексот на Бугарија како држава заробеник на сопственото минато. Тоа е микс од срам од тоа што била во нејзината понова историја – геостратешки и цивилизациски, но и гордост од тоа што сакала да биде во нејзиното дамнешно минато.
Оттаму на Бугарија и треба едно историско прочистување, соочување со самата себе или да го наречеме тоа една историска лустрација. Лустрација на историската вистина.
Бугарија тоа не успеа да го направи изминативе децении од внатре, иако таму има исклучително слободоумни интелектуалци, професори и научници. Политичкото влијание и таму како и тука е преголемо, за да можат индивидуалните изблици на поинаква вистина од официјално наметнатата за себе самите, да надвладее во општественото едноумие.
За воља на вистината ниту Република Македонија, низ сите нејзини општествено политички трансформации, не успеа да се одлепи од симетричноста со бугарската методологија и грчевито се држи до единствената вистина презентирана во школските учебници по историја која е ортодоксно креирана да го јакне патриотизмот кај младината.
Можеби ќе звучи чудно, но токму Протоколот, по кој сега се фрлаат дрва и камења, ќе биде првиот обид од надвор да се ре-цензура бугарската историја и нејзината јавност да се соочи и со „другата”, македонската вистина за исти историски настани.
Тоа бездруго се однесува и на Македонија која треба преку заедничката Комисија да “придонесе за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори кои се базирани на докази“.
На македонската историографија на овој начин и се дава единствена шанса да направи баланс на фактите со кои располага, со оние од бугарската страна, а за кои Бугарија самоуверено тврди дека се на нејзина страна.
И сето тоа повторно ќе се случува токму во учебниците.
„Двете држави ќе ги усогласат, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, методолошките упатства, учебниците и други релевантни учебни материјали, соодветно со препораките на Комисијата, во период не подолг од две години по нивното одобрување од Заедничката комисија по чл. 12.
Оттаму, Протоколот може да ја заврши работата што не можеа да ја постигнат ниту серија академски расправи организирани од МАНУ или БАН во годините наназад.
Ако симетричноста во Протоколот го овозможува тоа, значи дека школската младина во Бугарија за прв пат ќе учи за Гоце, за Јане, за Илинденското востание и за други историски личности и настани и на поинаков начин од оној на кој ги воспитувале нивните родители.
Секако дека нема да биде лесно, дека Комисијата ќе има тешка задача, но вреди да се почне и да му се даде шанса на францускиот предлог, вклучувајќи го и Протоколот.