Некои луѓе мислат дека може да направите договор со ѓаволот, и постојат книги за пазарење со ѓаволот, дали треба да се пазариш. Нелсон Мандела велеше дека всушност може да се пазариш со ѓаволот, Винстон Черчил велеше дека не можеш. Значи, ова се двете крајности – коментира овој професор
Проф. д-р Витис Јурконис е директор на канцеларијата на Фридом хаус во Вилнус, каде што води проекти фокусирани на демократијата, човековите права и граѓанското општество во регионот на Источното партнерство и пошироко. Од 2006 година, тој, исто така, предава на институтот за меѓународни односи и политички науки на универзитетот Вилнус, споделувајќи ја неговата експертиза со студентите и научниците.
Познат по неговото длабинско познавање на Белорусија, регионот на Источното партнерство, Русија и литванската надворешна политика, д-р Јурконис има дадено значаен придонес во разбирањето и решавањето на предизвиците со кои овие области се соочуваат. Неговите професионални напори се протегаат надвор од академските и политичките истражувања, опфаќајќи го искуството на терен преку мисии за откривање факти и сесии за обука за активисти на граѓанското општество и бранители на човекови теправа во земји како Авганистан, Бурма, Куба, Грузија, Молдавија и Украина.
Пред да се приклучи на Фридом хаус, д-р Јурконис го водеше Одделот за анализа на политики и истражување при Центарот за источноевропски студии, истакнат тинк-тенк со седиште во Вилнус. Тој, исто така, служеше и как национален истражувач за „European Foreign Policy Scorecard“, проект на Европскиот совет за надворешна политика кој го оценува ангажманот на земјите членки на ЕУ со глобалните и регионалните предизвици.
Учесник во престижната програма за лидерство на меѓународни посетители на Стејт департментот на САД, д-р Јурконис дополнително го збогати неговото разбирање за глобалните прашања за човековите права преку академски постигнувања, вклучително и експертска диплома од Институтот за човекови права на Правниот факултет на универзитетот Комплутенсе во Мадрид.
Со неговото големо искуство како во научното истражување, така и во практичната теренска работа, д-р Јурконис останува почитувана личност во меѓународните односи, човековите права и анализата на политики.
Имавме привилегија да се сретнеме со д-р Витис Јурконис на Форумот на високо ниво против авторитаризмот – Иднината на демократијата, што се одржа во Вилнус на 7-8 ноември. Организиран од страна на министерство за надворешни работи на Литванија, настанот обедини истакната група политичиари, дипломати и пратеници од целиот свет.
ЏАБИР ДЕРАЛА: Зборувам со професорот Витус Јурконис, кој предава политички науки и меѓунардони односи на универзитетот Вилнус и би сакал да започнам со прашање за постојаната поддршка на Литванија за украинската борба за слобода против руската агресија. Како е да се биде во Литванија, речиси на границите со Белорусија, која практично е во војна со Украина, како сојузник на Русија, и на границата со Калининград, што е на територија на Руската Федерација. Како е? Каква е ситуацијата сега, особено во однос на последните случувања на светската сцена, вклучително со изборите во Соединетите Држави?
ВИТИС ЈУРКОНИС: Па, има неколку точки. Една точка е дека треба да продолжиме да ја поддржуваме Украина, да бидеме сигурни дека таа е способна не само да се одбрани и да ја победи оваа војна, затоа што оваа војна против Украина е против меѓународното право и регулативите, тоа е инвазија без никакво, какво било оправдување. И секако ,не се само воените жртви, туку Русите и Кремљ ја бомбардираат цивилната инфраструктура, цели градови во Украина се збришани , а секако Украина е драг пријател. Литванија е во контакт на повеќе нивоа, на владино ниво, на парламентарно ниво, на ниво на граѓанско општество, луѓе со луѓе, академска експертиза, што уште не. Значи, постои некоја заедничка историја со Големото Војводство Литванија, каде како и Украина, Литванија беше во заедничка држава во одреден момент. Така што има многу историско, емотивно, соседско однесување.
Моментално, имаме огромен бран на солидарност, граѓански иницијатви – собирање пари, стока, камиони, испраќање на сето тоа во Украина, до Украинците. Претходно, кога започна целсоната инвазија, вршевме многу евакуации, на Украинци, речиси 100,000 од нив завршија во Литванија. Литванските граѓани ги даваа своите домови, моите родители даваа една спална соба во нивниот стан на две Украинки со деца, кои беа засолнети речиси една година. оваа солидарност е огромна. Може да видите дека во Вилнус има многу украински знамиња. Понекогаш се чувствувате како да сте во Украина. Дури и претседателот Зеленски, за време на една од неговите посети, мислам за време на самитот на НАТО во Вилнус, дојде и рече „се чувствувам како дома“.
Но, не се работи само за емпатија, ова е многу сериозна работа, затоа што Литванија разбира како е да се живее во близина на агресивниот сосед, токму таму во близина, како ремљ, Русија. Ние ја имаме, како што спомнавте, границата со Калининград, која е силно милитаризирана, плус ја имаме Белорусија, каде војниците на војската на Вагнер беа распоредени, каде што се зборува и има гласини дека се распоредува нуклеарно оружје.
Не е само прашањето за целосната инвазија од февруари 2022 година. Литванија ja предупредуваше евроатланстката заедница за потенцијалната агресија на Кремљ уште многу порано, дури и пред анексијата на Крим во 2014 година, пред војната во Грузија во 2008 година.
Да се потсетиме дека во 2007 година, имаше приказна за „Бронзениот војник“ во Талин, каде што поради отстранувањето на советски споменик, Естонија одеднаш беше погодена од бројни кибер напади. Имаше некои младински групи кои ги кршеа прозорците, правеа нереди и сето тоа, што е хибриден напад. Така, на некој начин, зелените луѓе започнаа не на Крим, тука во 2007 година. За Литванија понекогаш велеа () пример „ ох тие се премногу емотивни, премногу чувствителнi во однос на советското минато.“ Но, всушност, кога се случи 2008 година, тоа беше повик за будење за некои земји. Тие рекоа можеби Литванците и Балтикот имаат нешто да кажат по тоа прашање.
А потоа, кога се случи 2014 година, тие рекоа, „да, можеби Кремљ е лош играч, можеби не треба да им веруваме толку многу.“ И потоа се случи ова незамисливо нешто во 21 век, целосна инвазија, се случува бомбардирање на мирно општество, со милиони Украинци кои ги напуштаат своите домови, мислам дека тоа беше повикот за будење дека треба да ја разгледаме целата соработка со Русија. Мислам, плус, треба исто така да признаеме дека Литванија многу често беше нарекувана, мислам, обвинета од страна на Кремљ, дека е русофобична, таква пропганда за нив.
Но, едно, Литванија не е русофобична, прво, затоа што ние не се плашиме од Русија. Ние сме почитувана членка на евроатланстката заедница, тоа е едно, ние се гордееме со нашата историја, знаеме што значи да се спротивставиш на советската окупација, мислам го имаме тоа во нашата историја, возвраќајќи под многу тешки услови. Второ, ние не сме русофобични, затоа што немаме ништо против Русите. Нашиот проблем се Кремљ и Путин и овој криминален режим, кој што не само ги бомбардира Украинците, не само што се меша во секакви внатрешни работи, било да е тоа на Балканот, во Европа или во Соединетоте Држави, туку и го угнетува сопственото население.
Знаете за голем број политички затвореници, знаете за некои опозиционери кои беа убиени, отруени и на крајот убиени, вклучувајќи и независни новинари. Значи, овој криминален режим не одговара пред сопствениот народ, тој всушност го казнува својот народ, а вие знаете и сте виделе на конференцијата на која присуствувате, дека има голем број руски и белоруски дисиденти кои нашле засолниште во Литванија, што само значи дека Литванија нема ништо против рускиот народ или белорускиот народ, но имаме многу против авторитарните режими, кои се обидуваат да направат хаос во меѓународните институции и општо во Европа.
Во дебатите низ Европа, вклучително и Форумот на високо ниво против авторитаризмот – Иднината на демократијата, чиј домаќин е Министерството за надворешни работи на Литванија, гледаме многу сомнежи и голема дилема: Што да се направи за да се одбранат демократските процеси, демократијата низ Европа и низ светот. И се чини дека има премногу оценки, но не толку многу понудени решенија. Дали можеме всушност да се вратиме на моментот кога литванската влада и интелектуалната елита и експертите на Литванија го предупредуваа Западот, евроатлантската заедница за растечката опасност од Кремљ? Одговорот тогаш беше слаб и речиси непостоечки. Кое би биле решението?
– Па, прво е итната работа, а тоа е што треба да ја поддржиме Украина. Разбираме дека има грубо кршење на човековите права. Тоа што се случува таму е воено злосторство. Гледаме дека се силува населението и сето тоа. Значи, прашањето е – што по ѓаволите прават Обединетите нации во врка со тоа!? Кои треба да обезбедат безбедност и сето тоа. Но, тоа е подолгорочна работа да се поправи нашиот меѓунарден систем и меѓународните институции. Другата долгорочна работа, ако не зборуваме за итната испорака на оружје за Украина и помагањето да се одбранат е- да се осигураме дека сме уверени. Се навраќаме на самите корени и основите на она што е Европа. А Европа е за слобода, демократија и човекови права.
Мислам, дека во одреден момент, многу Европејци станаа мрзеливи. Тие мислат дека човековите права се земаат здраво за готово, дека тоа ќе биде со векови и векови. Па дури и со изборите во Соединетите Држави, гледаме деке не е сé добро со здравјето на нашите сопствени демократии како такви. Да се разбереме, не е дека некој некому ќе му држи предавања за демократијата. Треба, исто така, да го поправиме нашиот систем одвнатре. Но, треба и да признаеме дека демократијата не може да се земе здраво за готово. Дека треба да ја браниме, да ја заштитиме, да се бориме за истата кога е потребно. Така, во тој однос, мислам и дека демократијата и човековите права треба да бидат во првите редови на нашите надворешни работи или на надворешните работи на евроатлантската заедница.
Во одреден момент, по оваа голема експанзија на проширувањето на ЕУ во 2004 година, ние некако го имавме овој тип на фукујамиско „крај на историјата“ размислување, дека како сé да се смени и сé ќе биде добро, во ред, виножита и пеперутки.
ДЕРАЛА: Да, и ја имаше и оваа изјава на рускиот диктатор Путин на конференцијата во Минхен (2007) кога рече дека можеби следниот самит на НАТО треба да се одржи во Москва, и видовте насмевки и сé таму.
– Имаше некоја наивност, ако сакате.
Дали беше само наивност или можеби и заштита на интересите на елитите?
– Да, мислам дека одговорот е сложен тука. Една работа што треба да ја признаеме, а ова е голем, голем разговор што треба да го имаме со нашето население. Нема ништо што е бесплатно. Нема ништо во светот што е евтино. Нема евтина нафта, нема евтин гас. Ако имате евтина нафта и евтин гас, некаде има експлоатација на природата, уништување на природните ресурси и нема евтини стока.
Да ја земеме Кина, ако има некои евтини стоки, најверојатно зборуваме за некакво модерно ропство каде што се овие евтини стоки. Некој е експлоатиран. Мислам дека треба да разбереме дека секој што работел со свои голи раце, како во градина, знае колку е потребно за да се одгледува растение, да се одгледува дрво и сето тоа.
(продолжува во следниот број)