Како дел на политичките јуноши од Македонија сегашната професорката влезе во Сојузот на реформски сили, потоа во Либералната партија, па стана министер без ресор во првата влада на Црвенковски … Ова е нејзин втор обид за поизложено влегување во политиката
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Деновиве доста се дискутира околу можноста Правниот факултет при УКИМ одново да даде кандидат за станар во претседателската вила на Водно, откако актуелниот Ѓорѓе Иванов почнува да си ги пакува своите лични предмети, заради завршување на претседателскиот мандат. Имено, се говори за тоа дека не само локацијата од каде се бира нов носител на највисоката функција во државата е истоветна на онаа од пролетта 2009 година, кога со потписи на своите колеги Иванов стана кандидат на ВМРО ДПМНЕ, туку дека сега ќе се јави своевиден копирајт во методот на кандидирање (https://www.dw.com/mk/рецептот-за-иванов-се-тестира-и-за-силјановска/a-47273023). Се собираат потписи на колегите на потенцијалната кандидатка – професорката по уставно право и професор на правниот факултет „Јустинијан Први“ Гордана Силјановска Давкова. Таа е наводно изненадена и трогната од кандидатурата и ветува дека ќе размисли.
Иако конкурсот на партијата ВМРО ДПМНЕ е практично затворен на 1 февруари а гласањето за кандидатите ќе биде тајно, во средината на месецов во Струга, јасно е дека Силјановска Давкова предолго е на браникот на политиките на оваа партија за да не биде фаворит, јасно, ако се кандидира. И овој пат, при можната кандидатура, како кај Иванов, би се оди на тоа дека потенцијалната кандидатка не е поврзана со политиката (!), па оттаму треба во гласачката јавност да се создаде слика дека се јавува како квалификувана личност која нема партиско минато.
Ова последното секако не е точно, бидејќи Силјановска Давкова во време на стартот на транзицијата кај нас, беше член на првата политичка влада на РМ, направена веднаш по кусиот опстанок на т.н. експертска влада на Кљусев. Во оваа политичка влада влегоа и некогашните членови на Младинската напредна партија (некогашниот Сојуз на социјалистичката младина), која се спои со Сојузот на реформски сили на Македонија на Стојан Андов а потоа станаа Либерална Партија (1990). Како и да е Силјановска Давкова доби министерство без ресор (1992 – 1884), но беше член и на телото кое работеше на Уставот на РМ (Уставна комисија на Собранието од 1991 г.).
Во она време а и сега се мислеше дека владата на Црвенковски ја прави шефот на државата – Глигоров и дека истата е „скопска“, односно дека министри станаа главно деца на негови политички пријатели (Крсте Црвенковки, Владо Малески …), во чиј круг може да се стави и снаата на покојниот социјалистички функционер Павле Давков (https://macedonism.org/Македонска-Енциклопедија/давков-павле/).
Силјановска Давкова по родителите потекнува од кичевското (Подвис), што изроди гласови за блискост со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски, но тоа никој не го докажал.
Професорката е родена во Охрид во мај 1955 година. Основно и средно образование завршила во Скопје, на Правен се запишала во 1973 година а истиот го има завршено во 1978 година. Нејзината прва работна функција секако е асистент на професорот Владимир Митков (https://mk.wikipedia.org/wiki/Владимир_Митков), по предметот Меѓународни политички системи.
Докторирала во 1993 година на Универзитетот во Љубљана. Основач е и на првиот Совет на европско движење во Македонија. Во периодот од 2012 до 2016 беше и член на Веницијанската комисија за малцински прашања. Денес е редовен професор на Правниот факултет во Скопје, во Институтот за правни и политички науки. Во официјалната биографија стои дека е автор на над 200 научни трудови од областа на уставното право, како и член на бројни домашни и меѓународни институти и правни асоцијации.
Нејзниот политички став стана погласен во многу прилики на почтокот на милениумот а особено во миговите кога беше против новата територијална поделба на Македонија (2004). Во основа текстовите што покажуваат наклонетост кон нејзината евентуална кандидатура главно ја третираат како еден од лидерите на професорскиот пленум (https://www.akademik.mk/gorda-sum-na-studentite-tie-se-nashata-energija-prof-d-r-gordana-siljanovska-ramo-do-ramo-so-studentite-na-protesti/). Таа беше дел и од протестот на професорите пред Собранието, каде одржа одличен говор зошто предложеното законско решение е погрешно, ја критикуваше затвореноста на министерството за образование кое не ги консултираше експертите, а не се сложуваше ниту со недостигот на концепт како да се развива факултетското образование.
Силјановска гостуваше во десетина емисии во кои цврсто застана против новиот Закон за употреба на јазиците со кој де факто се воведува двојазичност во Македонија на повеќе нивоа, вклучувајќи ги сите институции. Таа е еден од фронтмените на отпорот кон овој акт, заедно со професор Ванковска и академик Ќулафкова.
Секако, Силјановска Давкова се противеше на инсинуациите дека е „албанофоб“ и во своите настапи користеше исклучително правни аргументи, особено за постапката во која беше донесен законот со европско знаменце.
За неа Преспанскиот договор е неприфатлив и покажува дека Македонија е земја во распаѓање која се ставила во подредена улога на Грција со дозвола да и се мешаат дрско во внатрешните прашања и вели дека „покраината Македонија во Грција веќе го прогласи Солун како главен град на Македонија“ и тоа пред странски гости (на парадата во Солун на 28 октомври н.з.) и притоа истакна дека ние ќе го изгубиме најважното – придавката „македонски“.
„Оние пратеници кои утре ќе кренат раце за уставните промени ја фалсификуваат историјата и со тоа прават не само неморален чин, туку и низа кривични дела“ – изјави Гордана Силјановска Давкова, како гостин во „Отворено“ на Алфа телевизија (https://lider.com.mk/makedonija/siljanovska-pratenicite-koi-kje-krenat-raka-za-ustavnite-izmeni-kje-napravat-niza-krivichni-dela/
Нема сомнение дека проценката во ВМРО ДПМНЕ, кога таа би се одлучила за евентуалната кандидатура, оди на тоа дека за десничарското гласачко тело во Македонија пред се би било зад неа како осведочен и жолчен противник на Законот за двојазичност и Преспанскиот договор, без оглед на неговото усвојување и приемот во слободниот свет. Заради нејзиниот професорски статус и фактот дека припаѓа на понежниот пол може да влијае на неопределените, кои би и требале за да има позначајна гласачка „жетва“. За Мицковски таа како станар на претседателлската вила би била еден вид гарант дека позицијата и односот на Иванов кон совфемието ќе си имаат свој продолжувач.
Сопругот на професорката е адвокат и имаше приватен бизнис (оној со фри-шоповите своевремено дигна голем прав). Имаат две деца.