Обвинетите за тој чин изјавиле во судот дека не го добиле обвинителсткото обвинение. Сусдењето се одложи. Од Анима мунди бараат поостра казнена политика за оние кои мачат и убиваат животни

Во Основниот кривичен суд Скопје минатиот вторник се одложи судењето за кучето Феликс кое поради тешки повреди нанесени од двајца соизвршители почина на 7 јануари. Судењето се одложи бидејќи еден од обвинетите и неговата одбрана го немаат примено обвинителниот предлог, ниту пак решението за одлука за предложената мерка за обезбедување присуство.
Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Зоран Здравев. Судењето е одложено за 13 март.
Обвинетиот Крстевски е 61-годишен скопјанец од Ново Село, кој работи на едно од складиштата во Момин Поток. Тој е човекот кој со десетици удари по глава го претепа кучето Феликс а потоа животното кое беше во коматозна состојба, со сајла го влечеше по бетонот. А1он прв ја објави морничавата снимка од безбедносната камера на која се гледаат и други луѓе кои сведочат на настанот, но не преземаат ништо.
Ова, 61-годишниот човек, според извори на А1он, го направил затоа што бездомното куче извршило нужда пред капијата, а кога тоа почнало да бега, тој зел метална шипка и почнал да го брка, додека кучето не паѓа, а тој почнува да го мава по главата. Оваа грозоморна случка наиде на бројни реакции на социјалните мрежи, многу осуди но и многу апели за да се помогне на кучето и случајот да се истера докрај.
Обвинетите Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски се товарат за убивање и мачење животни, според член 233, став 1 од Кривичниот законик, кој гласи „тој што ќе усмрти животно без оправдана причина или грубо го злоупотребува или го изложува на непотребни маки, или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години”.
Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ на протестот што се одржа пред Кривичниот суд побараа зголемување на санкциите предвидени со член 233 (Убивање и мачење животни) особено по правно лице.
Столе Велковски од „Анима мунди“ рече дека поднесуваат Иницијатива за измена и дополна на Кривичниот закон до Владата, премиерот Христијан Мицковски, министерот за правда Игор Филков и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, со внесување нови прецизно дефинирани категории – нови квалификувани форми на кривично дело мачење животни.
„Покрај зголемување на казните, бараме воведување на посебни кривични дела и тоа борби со животни, напуштање на животни и воведување на засебна безбедносна мерка – забрана за чување и стекнување животни, која може да се изрече за најтешки случаи на злоупотреба на животни кога околностите на извршувањето упатуваат на опасност од повторување на кривично дело“, рече Велковски.
Од „Анима мунди“ велат дека нивните барања се базирани на успешни европски примери во законодавството, при што се водени од примерот на националното кривично законодавство на Република Хрватска и други земји од ЕУ.

„Тоа се земји каде што казнените дела се третираат со висока свест за меѓусебната поврзаност и условеност помеѓу заштитата и благосостојбата на животните и заштитата и благосостојба на луѓето. Веруваме дека надлежните институции ќе ја разберат и прифатат оваа Иницијатива, дека конечно ќе имаме соодветни законски одредби кои го превенираат и најстрого казнуваат мачењето на животните“, додаваат од Здружението.
Како што информираше Велковски, во последните 10 дена добиле бројни пријави за екстремна суровост кон животни, кои вклучуваат исцрпен коњ принуден да влече товар, застрелана мачка закачена на возило како трофеј, куче со скршен череп кое умирало без никаква полициска интервенција, обесено куче кое служи за вежбање на друго куче, два обесени волци и за борби со кучиња кои се промовираат и одржуваат онлајн и во урбани средини.
На денешниот протест, активистите, од кои некои пред судот беа дојдени со своите миленици, во име на кучето и на сите останати како него, пред Кривичен извикуваа „правда за Феликс“ и „затвор за убиецот“.
Инцидентот со бруталното насилство врз уличното куче предизвика жестоки реакции во јавноста откако се појави вознемирувачка видеоснимка на која се гледа како лицето го извршува грозоморниот чин. Шеесет и едногодишниот насилник беше повикан на разговор во полицијата, по што беше ослободен, но против него полицијата поднесе кривична пријава за мачење животни, кривично дело за кое следува парична или казна затвор во траење од шест месеци.
Од Основното јавно обвинителство на 16 јануари информираа дека е поднесено обвинение против две лица за кривичното дело – убивање и мачење животни

Од Обвинителството рекоа дека имајќи ја предвид пред сè вознемиреноста што во јавноста ја предизвика видеоснимката од мачење куче во Момин Поток, веднаш по поднесувањето на кривичната пријава биле преземени дејствија и го прибрале целокупниот доказен материјал.
Како што рекоа од Обвинителството, двајцата соизвршители на 19.11.2024 година го изложиле на непотребни маки и му нанеле непотребни болки, изложувајќи го на страдање кучето Феликс, мажјак со црна боја, на возраст од околу една година.