И заедничката прошетка меѓу зачудените погледи на бадијалџиите на Широк сокак се случила. Обичниот сограѓанин наеднаш станал „оној кој се возеше во пајтон со агата“: сите врати во вилаетот му се отворале, неговата реч не се порекнувала, си добивал човекот лесно и на вересија… Ова се случило во давнина ама суштината на тргувањето со влијание што го прават многу измамници денес има поголема публика и може да носи поголема корист а искористените често и да не се свесни за фотографијата или видео снимката
ВМРО ДПМНЕ очевидно и преку постојани прес конференции настојува едноставно да ја искористи аферата Ракет, согласно на планот смислен порано, за да спречи преточување на СЈО во правосудниот систем. Обвинителството за гонење на организиран криминал пак продолжува конечно со активностите, барем оние видливите, најпрвин со испрашување на обвинители на СЈО. Ова беше причина да дојде до уште подлабок расцеп меѓу специјалните обвинители, заради тоа што од одмор се врати и Јанева, која манифестира нервоза со наредбата за претрес на предметите со кои нејзините вработени влегуваат во канцелариите на Рузвелтова или излегуваат од таму. Повиците за сведочење на некои од нив кај Русковска, како што напоменавме, се секако поводот да се види раседот кој се јавува меѓу оние кои сакат да останат во професијата, покажувајќи ја својата чесност и лојалност кон оваа земја и оние кои, како што вели главното обвинение, тргувале со влијанието.
Дека оваа трговија не е нова појава на ова тло говори и приказната која ја чув деновиве. Имено, во време на последните децении од присуството на Портата во Македонија, во битолскиот вилает постоел еден ага која многу сакал да ја манифестира својата положба на моќен и наперчен големец. Веројатно дека за своите современици, пред се за рајата и бил опасен, па додека со пајтонот минувал низ Широк сокак тие станувале од масите каде пиеле кафе и со благ наклон му ја покажувале својата почит.
Еден итар жител на Битола дошол на идеја да ја искористи таа прошетка на агата, која имала две епизоди – одење на големецот со пајтонот низ улицата до џамијата и потоа, како втор чин, неговото враќање по истиот пат, само во обратна насока. Тој преку некои луѓе кои имале допир со чардакот каде си седел големецот, предложил, за пари, да може да се качи и да седне на пајтонот и да направи рандеву со агата до џамијата или обратно, сеедно, демек како пусти мерак за возењето со така голем човек и убаво украсен пајтон.
По многу натегнување од типот може – не може, агата, потценувајќи ја платежната моќ на човекот од рајата, побарал 20 златници за да дозволи таков припадник на понискиот слој да биде макар и за половина час негов сопатник. Но, бранителот веднаш одлучил да брцне во џебот и да ја плати бараната сума.
И заедничката прошетка меѓу зачудените погледи на бадијалџиите на Широк сокак се случила. Обичниот сограѓанин наеднаш станал „оној кој се возеше во пајтон со агата“: сите врати во вилаетот му се отворале, неговата реч не се порекнувала, си добивал човекот лесно и на вересија…
Тоа е еден вид на пратрговија со влијание – со пари се купувало практично секакво извишување во хиерархијата во општеството. Оваа епизода покажува дека и порано си постоеле типови како што е сега обвинетиот Боки 13 и Зоран Кичеец, ама биле – што се вели народски – поотракани, иако не студирале комуникологија, ниту поседувале медиуми.
Индикативно е дека кај нас тоа влијание главно се купува со фотографирање на итроманците со некој моќен политичар и тие големци се ловат насекаде каде ќе поминат. Важно е да се знае дневната агенда на оние кои нешто значат на политичката сцена во земјава, во кои кафеани одат, што сакат да ручаат, како се забавуваат…
Се сеќавам како во времето на „првото ВМРО“, кога власта беше во рацете на лидерот Љупчо Георгиевски, неговата десна рака беше сега покојната Доста Димовска. Таа секоја вечер, според моите колеги кои го сакаа „нејзиното мени“ одела во ресторан во локалитетот „Три бисери“, каде се служеле специјалитети од дивеч. Во текот на долгата вечера почестените биле викани на нејзината маса на „баци рака“ – тие и ги кажувале своите желби и амбиции, или се жалеле на постапки на власта. ама дамата со апетит обично знаела да биде и добро расположена.
И за Катица Јанева се кажува дека додека престојувала во своето дувло („Ден и ноќ“, во близина на „Систина“) во друг близок и познат ресторан ручала или вечерала. Таму биле видени многу познати новинарски имиња, професори од факултети, кои биле во своевидна чекална, па молеле да им дојде редот во очите на шефицата на СЈО. Сигурно за да дојдат до таму тие морале да го имаат нејзиниот „шифрарник“ ама дел од нив денес се меѓу нејзините критичари!
Обвинетиот Кичеец, своевремено, го имаше ресторанот „Арабеска“, каде чекалната за да се дојде до познатите фаци од „второто ВМРО“ беше поголема а така и профитот за сопственикот. На ресторанот како да му падна „фирмта“ кога зечестија инцидентите меѓу оние кои таму требаа да бидат „турскиот ага“. Најпознат беше скандалот со претепувањето на градежниот могул, Азманиов, кој излезе од „Арабеска“ искрвавен, претходно претепан од сега „рекетираниот“ Орце Камчев. Потоа се пишуваше дека настрадал и сопственикот Кичеец а Мијалков, кој отпривин седел на страна во конфлитот, но потоа застанал зад Камчев, како што пишуваа медиумите. Колку да не се заборави – ова се случило на 29 октомври 2013 а можело да се случи и деновиве.
Ова е секако доказ дека тргувањето со туѓ улед или мож не е секогаш препорачливо или безболно. Во случајот „Рекет“ се треба да се одвива преку механизмите на правната држава, затоа е поспоро и изгледа покомопликувано и лесно подложно на извитоперувања. Нема да има крвави носеби, но треба да следуваат затворски решетки.