Десетина познати писатели, издавачи и уредници од регионот, докажани творци како Каракаш, Жакељ, Алексиева, Бајац, Грлиќ, Османли…беа гости на десетото јубилејно издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“, што се одржа од 18 до 21 септември во Скопје.
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Промовиран некаде на почетокот на март 2013 година со идеја публиката да ги запознае своите литературни херои и да го чуе нивниот глас, да се воспостават поблиски книжевни и човечки врски и да се засили пожелуваната културна регионалната поврзаност, во Скопје веќе цела една декада се одржува и се извишува Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“. Станува збор за случување кое се избори не само за својата традиција туку и ги надмина рамките на уште на една книжевна, па дури и слична културна понуда. Едноставно манифестацијата во оваа безмалку цела една деценија, не само што се справи со желбите да биде позиционирана повисоко од условите во кои вирее и се развива, од општествените (не)прилики кои никогаш не и оделе од рака на културата, туку и се наметна како една од ретките која го следи, ако не и диктира, пулсот на времето во кое живееме овде и сега – на овој од дамнина поделен Балкан, ова „буре барут“ или уште поубаво и покорисно „азното со различности што треба да не приближуваат, спојуваат, красат“. Како мост кој ја слави силината на зборот и умно не упатува едни на други, оти поинаку и не бидува. Овде и сега. Уште повеќе – утре , а зошто да не и задутре.
И, кога ова веќе го имаме пред себе, тогаш радува моментот кога треба да биде кажано дека, од 18 до 21 септември, на нашата книжевна сцена и воопшто на македонската, па ако сакате и регионалната културна сцена, им се случи десетото јубилејно издание токму на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“. И, на него, освен македонската писателка Оливера Николова, годинашната добитничка на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, имавме можност да ги видиме и чуеме и нејзините колеги Дамир Каракаш, Броња Жакељ, Владислав Бајац, Елена Алексиева и Томислав Османли. Нивното творештво беше промовирано на отворањето на манифестацијата, што се одржи во Даут-пашиниот амам, во Националната галерија.
Во рамки на фестивалот се одржа и разговор со хрватскиот режисер и сценарист, Рајко Грлиќ, чиј филм „Караула“ беше прикажан на 21 септември во Кинотека. Разговорот со него се одржа во кафе-книжарницата„Буква“ каде, пак, од 21 часот Бранислав Николов или ако милувате Пијан Славеј одржа уметнички перфоманс како дел од промоцијата на неговата трета поетска книга, „Полиграф“. Во рамки на 10-то издание на „Про-За Балкан“ се одржа и тркалезна маса на тема „Литература/општество/критика (литературата и критичкото препрочитување на општествените процеси).
Конечно на третата фестивалска вечер, повторно во преубавиот амбиен на Даут пашин амам, свое видео обраќање имаше годинашната добитничка на наградата „Прозарт“, Оливера Николова, а писателите пред публиката читаа извадоци од своите актуелни дела. Во сеќавање на неодамна починатиот академик Луан Старова, се прочита и извадок од некој од неговите романи објавени во последниве неколку години.
– Идејата за фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ се наметна бидејќи Скопје беше еден од ретките главни градови без достојна прозна манифестација. И бидејќи гостувањата на странски писатели се броеја на прстите од една рака. Со Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Никола Мадешовски решивме да ја започнеме авантурата, и еве, ја пораснавме до десетта година. Во Скопје дојдоа речиси стотина писатели и издавачи од Европа и светот. Имавме и имиња како минатогодишниот лауреат, Мирча Картареску, кој деновиве ја доби наградата на Саемот на книга во Гвадалахара во вредност од 150.000 евра. И издавачи како Зуркамп, или оваа година Галимар. Врвот во Европа. А можностите за развој… Знаеш, овие десет години се време кога кучињата стивнаа, а карваните си врват. Во секој случај, за мене најважно е тоа што писатели како Јерговиќ ни гостувале повеќе пати. И тоа што фестивалот цела деценија го работиме со речиси истиот тим, – вели Дејан Трајкоски, писател и еден од идејните творци на фестивалот „Про-За Балкан“.
И, по ваквото појаснување по некој збор за писателите на чие присуство на претстојниот десети Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“ му се радува публиката.
Дамир Каракаш, кој пред неколку дена ја доби книжевната награда „Меша Селимовиќ“ во Тузла, е еден од водечките современи автори во регионот. Тој е наградуван автор и неговите дела се преведени на арапски, француски, германски, чешки, словенечки, македонски, италијански јазик… Има објавено многу книги, од кои „Прослава“, „Blue moon“ и „Сјајно место за несреќа“ се објавени на македонски јазик. Некои од нив се инсценирани или снимени. Режисерот Далибор Матаниќ снимил филм според книгата „Кино Лика“, кој добил повеќе награди во Хрватска и во странство.
Броња Жакељ е словенечка авторка и новинарка. Нејзината прва книга „Бело се пере на деведесет“ ја освои наградата „Кресник“ за најдобар роман на годината и од неговото објавување во 2018 година тој е препечатен безброј пати. До денес, продаден е во близу во 20.000 примероци и е преведен на бугарски, хрватски, македонски и италијански јазик, а претстои и српскиот превод.
Владимир Бајац, инаку првиот лауреат на наградата „Прозарт“, после десет години повторно се враќа на Фестивалот како писател, но и како издавач, основач на легендарната српска „Геопоетика“. Тој е познато книжевно име на Балканот, добитник на дваесетина релевантни награди и десетина номинации, меѓу кои и наградата „Балканика“ во 2008 за романот „Амамот Балканија“. Неговите дела се преведени на дваесетина светски јазици и многу од нив се адаптирани за театарски претстави. На македонски јазик се преведени повеќе негови книги, како „Книга за бамбусот“, „Друидот од Синдидун“, „Бегство од биографија“, „Европа експрес“ и други.
Елена Алексиева е авторка на 15 книги, меѓу кои и романите „Витезот, ѓаволот и смртта“, „Нобеловецот“ и „Светиот волк“, добитник на наградата „Роман на годината“ на Националниот фонд за донации „13 векови Бугарија“ и на националната награда за белетристика „Перо“ на Националниот центар за книги. Нејзините книги се преведени на француски, шпански, руски и српски јазик. Била соработник на бројни периодични публикации и антологии на англиски, француски, германски, полски итн.
Нејзината последна книга „Разбивањето на Самсара“, збирка раскази (2021 година), е добитник на националната награда за збирка раскази „Јордан Радичков“, како и на националната награда „Перо“.
Томислав Османли е македонски сценарист, драматург, теоретичар на медиумите, писател, критичар, новинар и есеист. Тој твори во повеќе дисциплини. Автор е на 31 објавени книги: проза, драми, сценарија, теорија и есеистика. Автор е на четири романи преведени и во странство, десетина драмски текстови и повеќе сценарија за телевизиски, документарни и еден игран филм.
Со години се занимавал со филмска и театарска критика и публицистика, како и со теорија на драмски затемелените вербо-визуелни медиуми. Објавувал публицистички и теоретски текстови во речиси сите македонски и во голем број ексјугословенски списанија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на македонскиот ПЕН клуб, повеќе пати избиран во неговата Управа. Член е и на новоформираниот Аромански ПЕН центар со седиште во Белград.
Пијан Славеј е музички перформер, автор и пејач во групата „Фолтин“. Како дел од групата, зад себе има девет студиски изданија, музика за преку триесет театарски претстави и неколку филмови, меѓу кои, кандидатот за наградата „Оскар“, филмот „Медена земја”. Надвор од работата во групата, одржал концерт со Македонската филхармонија, настапува како кантавтор и објавил две поетски збирки („Креветизам и хоризонтала“, 2018 и „Срчки“, 2020).