Неодамна во Берлин Мицковски и неговата министерска екипа беа потсетени да се вратат на една од преземените обврски на РСМ како држава. Не може повеќе кон изградбата на меѓународните коридори што минуваат кон земјата што се смета за крстосница на регионот да се гледа од позиција на пешак или коњоводец. И кон таа проблематика кусогледо да се застапува некаков поситен од јавниот интерес
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Дали би сакале да патувате со воз до Софија – гласеше едно од прашањата кои беа дадени за гледачите на ТВ Телма неодамна кога одново, по кој знае кој пат се актуелизираше прашањето за изградбата на пруигата кон Бугарија преку Ѓуешево. Јас лично би одговорил – да. Ама потоа таа пруга би ја искористил да патувам и понатаму, до Букурешт на пример или до Кишињев а ако дојде до мир во Украина и да ја почувствувам одблизу митската Одеса. И да не заборавиме дека оттаму, од таа станица, ќе можете да патувате, јасно ако има мир, се до Кина и да завршите во „ќорсокакот“ наречен Сајгон (Виетнам).
Оваа пруга недостасуваше како воздух кога земјава ја доживеа првата блокада на јужната граница и кога свативме дека токму трансверзалата исток – запад ни недостасува за да може да се фалиме дека сме крстосница на Балканот. Не, во одредување на вредноста на таа централна позиција не одлучува географијата, туку инфраструктурата.
ПРВАТА ГОЛЕМА КРИЗА НА НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА Драч, со својот скромен приемен потенцијал на пристаништето, беше блиску до нашата граница а сепак далечен без пруга; а истокот остана достапен само преку мачните тури со цистерни полни со нафтата која беше неопходна за економијата и граѓаните кои чекаа во редици пред бензиските пумпи. Ниту патот до Ќустендил преку Деве Баир не беше сосема во ред а ниту денес не е тоа, згора што железницата со својот потенцијал, пред се мислам за товарниот сообраќај, остана нереализиран сон.
Овој народ веќе е хронично заборавлив на сопственото непосредно минато, научил повеќе да живее со интерпретациите за претхиодните векови низ приказни што не можат да се проверат, ама што му даваат слободна на импровизацијата. Она што му недостасувало или го загрозувало не така одамна веднаш се закаопува длабоко, до неспоменување.
Но, да се вратиме на колосекот што треба да не одведе до Ѓуешево и неговата огромна станична зграда, сосема несосодветна на фактот дека е своевиден ќорсокак, среде осогоговско село кое одвај да има неколку стотини жители. Таа зграда очевидно е готвена да одговара на идната улога на интернационална чекална, опремена со соодветен број на државни службеници. Тоа не се остварило ниту во 1942 година, ниту во време на одличните односи во димитровска Бугарија, ама и тогаш кога ние буквално имавме, простете на изразот – зорт, во почетокот на 90-тите. Значи во екот на нашите проблеми со Грција, пред тие да бидат разрешени со приемот на земјава во ОН (8 април 1993 година) со привремената референца ПЈРМ и продолжени со изместување на знамето од Вергина пиедесталот со сегашното (5 октомври 1995 година) нашиот тогашен премиер Црвенковски добил понуда од еден турски бизнисмен тој со свои финансии да ја изгради пругата Куманово – Ѓуешево. Повеќе детали не можев да добијам преку Интернет, иако мислам дека го знам името на бизнисменот, но не можам да се заколнам а податоците што тогаш ги имало во повеќето медиуми просто се избришани од електронската меморија. Дали заради големото чистење на содржини што настана после затворањето на голем дел од пишаните текстови по распадот на „империјата“ на НИП-от или на МПМ на Срѓан Керим или заради други причини (кај телевизиите на пример немаше такви хаварии) требаше денес да можеме да ја вратиме сликата на една великодушна понуда од Станбол. Пругата што би јас изградил странскиот инвеститор, кој би дал тогаш околу 500 милиони долари, би ја експлоатирал 10 години и потоа би ја подарил на земјата, односно одбраното јавно претпријатие!
ПОЧЕТОК СО СВОИ ПАРИ Како што не дала судбината да сме гадливи кон било чија великодушност освен ако не се работи за трговски центар или пак идиотски облакодери, поставени во сериозно опасно сеизмолошко подрачје, се тргна кон изградба на пругата со сопствени средства. Што тогаш се направи се виде низ прозорците на автомобилот кога се одеше на пат кон Крива Паланка или Кратово – вијадукти, мостови, импозантни бетонски докази за самопрегорот што потоа останаа нешто налик на карпестиот туристички епицентар Куклице, каде камените„ кукли“ се плод на разни фантастични приказни. Само што овие нови градби сведочат за изгубениот здив на ивеститорот, кој решил да ги совлада најтешките пречки за идните локомотиви ама ја изгубил по пат амбицијата. Макар и што беше кажана високата цена за одржување на изграденото – конзервацијата е често поскапа од основната намера на неимарот.
Во 2003 година низ Ѓуешево и околината поминале и тројца највисоки политичари од Македонија, Бугарија и Албанија – претседателите Борис Трајковски, Георги Прванов и Алфред Мојсиу од Албанија. Проектот добива официјално име Коридор број 8, станува европски приоритет.
Во тоа време еден хроничар на овој приект Ангел Џонев
https://tatkovina.info/2021/04/27/ангел-џонев-во-кој-правец-патуваме/ во еден прилог на БТВ ќе покаже колку се сторило од двете страни на границата. На пример од југословенска страна е направена пругата Куманово – Бељаковце, пракрично првата фаза од идниот проект и таа беше отворена за локален сообраќај во 1950 година. Од бугарска страна најпрвин пругата е доенсена до Ќустендил и Ѓуешево па почнато е копање на тунелот што ископан во една третина од вкупната должина (2,5 километри). За споредба тунелот над Богомила е долг 2,2 километри, за да сватиме дека тоа не е импресивна должина од денешен аспект и дека со современа техника побрзо се прави тунел отколку пруга на отворено. Од репортажите од таму се гледа дека тунелот на бугарска страна служи со децении за одгледување на печурки и дека тоа е најпрофитабилна локална економија.
РЕД СЕ РЕДАТ НЕВИСТИНИ Владата на премиерот Груевски ја обнови идејата за пругата а се сеќавам, кога сум пишувал за тој проект дека нагло скокна цената на крајпружното земјиште и селаните трлаа раце од можната ненадејна добивка.
Оваа актуелна влада пак ако во нешто се разликува од онаа на Груевски е што настојува по секоја цена да се ослободи од обврската со која е врзана низ пари дадени како наемски заеми (па донации) пред се од ЕУ. При тоа се служи со низа невистини.
Првата лага е во тврдењето на двојката Мицковски – Николовски дека пругата завршува во некаков имагинарен ѕид и дека Бугарите за возврат не направиле ништо!
Пред сe’ нашите партнери дури после 1940 година ја изградиле пругата кон Ѓуешево од Софија (во должина од 139 километри) и ископале 30 тунели и не довршиле само еден дел од граничниот тунел. Мотивите за тој напор се една работа, но изградените километри се друга и непобитна вистина. „Општо земено, тој проект за железничка линија во голема мера покажува какви се бугарско-македонските односи“, констатира историчарот Ангел Џонев во прилогот емитуван во октомври 2017 година како дел од серијата репортажи за дамнешната идеја за поврзување на Скопје и Софија со директна железничка врска.
Во разговорите што ги имав со поранешниот секторски директор на МЖ Љубо Танеловски, која имаше интензивни средби со бугарската страна околу целиот проект, тој дури ми рече дека македонската страна, по свои наоди и аргументи предложила должината на пругата да се скуси по три километри од обете страни со копање на нов тунел, со убеденост дека тој ќе биде постабилен и дека ќе ги намали трошоците заради новата должина на трасата. Вппрочем, ЕУ и дава пари и на Бугарија затоа што и таму има работа вонаредните години.
Унијата за финансирање на бугарските пруги дава 1,6 милијарди евра во тотал а тука влегуваат и пари за изградба и рехабилитација на железничката пруга што од тунелот кај Ѓуешево на македонско-бугарската граница оди кон Ќустендил, Перник и Радомир се до Софија.
(https://meta.mk/bugarija-kje-dobie-1,6-milijardi-evra-za-dovrshuvanje-na-prugata-od-gjueshevo-sofija/). Таа сума би изнесувала околу 200 милиони евра.
КОЈ СПОМЕНА ПРЕНАМЕНА Втората лага е дека тие пари наменети за пругата кон Бугарија можат да се пренаменат! Би оделе кон модернизација на пругата Табановце – Гевгелија, значи одново кон релацијата север – југ.
Да не одиме подалеку, да се задржиме на 2018 година (првата цела година кога СДСМ ја прерзеде ефективно власта!) и да споменеме дека министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, во интервју за Радио Слободна Европа, најави дека обезбедиле пари и тогаш проектираше дека пругата ќе биде готова до 2025 година.
„За втората делница знаете дека е завршена проектната документација и обезбедени се 145 милиони евра, од кои 70 милиони евра се грант, а пред неколку дена заврши изготвувањето на проектната документација за третата делница од Крива Паланка до бугарската граница, каде што согласно програмата се обезбедени 60 милиони евра ИПА средства“, рече Сугаревски пред две години. Значи ем има грант ем заем од ИПА како добиени (ветени) средства! (https://www.slobodnaevropa.mk/a/pruga-bugarija-tender/33011047.html).
Патем, една година подоцна, во 2019, Николо Бертолини, шеф на одделот за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје најави можно губење на парите кои ги спомена Сугаревски. „Ние дадовме 70 милиони евра преку ИПА за да се комплетира железничката пруга од Скопје до Бугарија. И ова уште не е имплементирано. Згора на тоа, дадовме уште 60 милиони евра за истата пруга да продолжи, но оваа програма не напредува како што треба. Ние ризикуваме многу, да ги изгубиме овие фондови доколку нема напредок до крајот на проектот“, рече Бертолини.
И тогашниот премиер на Бугарија Борисов неколку пати нагласи дека и тој притискал во Брисел за да има пари за коридорот осум, за што стана збор на средбата со Заев во Струмица, (https://www.slobodnaevropa.mk/a/30087067.html кога се повтори дека се обезбедени предства од во висина од 580 милиони евра, од кои 65 милиони евра се од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, 60 милиони од ИПА 2 програмата, како и од кредити од Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициски банка.
ВМРО МОРА ДА Е ВРЗАНА ЗА СЕКОЈ СКАП ПРОЕКТ Она што е фасцинантно е дека еден министер се согласил да се прави недоветен и да не знае што се тоа наменски средства и што се тоа потпишани договори со јасни облигации! Згора, што се работи за министер кој се наоѓа во ресор каде инвестициите, пред се странски, си имаат карактеристики што би биле јасни и на мало дете.
Просто се работи за процес на поништување на се’ што е направено со инвестициите во претходните периоди а каде некој од оваа партија немал конкретен пристап во определувањето на условите за градба во сите сегменти – проекти, изведувачи, кредитори…
Да не заборавиме дека доцнењето на автопатот Охрид – Кичево е во осниова масло на двоецот Груевски – Јанакиевски и на нивните марифети во сите фази погоре наброени а завршуваат со она „да барем три или пет проценти“. Ова не се споменува и за сето асторномско доцнење се обивнува СДСМ која навистина тука ниту „лук јала, ниту лук мирисала“.
Индикативни се зборовите за актуелниот министер Николовски дека претходната власт го темпирала огласот за јавната набавка за, како што вели, најскапата пруга во светот, да се реализира во период кога новата власт нема да може да направи некакви измени.
(https://www.slobodnaevropa.mk/a/pruga-bugarija-tender/33011047.html)
Да споменеме колку требаше да се доцни со доградбата на започната траса на автопатот Миладиновци – Свети Николе кој го започна владата на Груевски и по сите предуслови (проекти, изведувачи…) а која двојно поскапе во режија на споменатиот двоец (https://fokus.mk/kako-avtopatot-miladinovtsi-shtip-poskape-dvojno/). Кој е мајстор за инвестициони далавери е веќе доволно познато. Ако го нема сличното присуство како финансиска контрола кај споменатата пруга треба да се најдат начини да се креаира целосно нова ситуација, односно да се оди на нов почеток (пренамена на парите во случајот).
Гледано низ градска призма тоа е случајот со Универзална сала која ја режира министерот Љутков во моментот! Прво се вели дека пренамената на проектот не била законска (она кога закочената обнова на објектот од атаррот на импотентното градско раководство отиде на товар на РСМ) а потоа ќе биде законска кога новиве ќе го поништат градењето и ќе почнат по свое по сите основи!
СЕ СПОМЕНА И ПОТКУП Третата лага е дека на премиерот и министерот им бил понуден поткуп! Дали е тоа можно? Имено, ова не е проект кој се прави со кинески пари туку е со европски – тука контролата ќе биде ригорозна. Затоа и дел од моќниците во земјава упорно сакаат да се завртиме кон недефинираните меѓународни асоцијации како БРИКС каде кинеските интереси се без контролни пречки а се засновуваат и на подмитување. Имено, ако во толку причини што се наведоа за одустанување од проектот со пругата кон Ѓуешево во еден миг се наѕре корупцијата причина, тоа лесно се надминува. Чесноста на проектот може да се обезбеди со некои нови, додатни контролни механизми што Унијата секако би ги прифатила.
Четврта лага е дека Албанија не се притиска за изградба на пруга кон Македонија. Јас имам држано проспект во рацете на кој се пропагира излет со воз од Тирана до Подградец. И во рзговор со службеници на МЖ ми е потврдено дека алчбанската страна има пруга до Ќафасан, на границта со Македонија. Една италијанска стручна екипа која дошла во обиколка на пругите во тој дел од идниот Коридор 8 констатирала дека пругата од Елбасан до Ќафасан треба да се рехабилитира (не може да се користи со современи и брзи превозни средства) за што секако е неопходна инвестиција ама истата би била лесно добиена. Едно е кога се гради пруга од нула а друго кога пругата треба да се рехабилитира.
Но јасно е дека нема прострр да се тврди дека пруга во Албанија нема.
Следна невистина (петта) што за кусо време се истопорчува е дека проектот е прескап, небаре сме направиле нов проект. Имено, не може сега да се говори за ова освен ако во меѓувреме не дошло до поскапување на одредени влезни сегменти кои не смеат да бидат пречка.
ШТО ГО ПОСКАПУВА ПРОЕКТОТ Проектот го поскапе самото одложувањата во градбата. Најпрво убеденоста на премиерот Црвенковски дека просто веќе започната градба треба да се напушти и да се бара некаков друг „спектакл“ во мигот кога се ближеа изборите во 1998 година. Владата Георгиевски – Тупурковски просто немаше доволен и конкретен интерес за оваа делница и покрај хипотетичките симпатии на едниот фактор во власта за посилни релации меѓу Скопје и Софија. Можеби честите посети на вториот фактор на екслузивните хотели на Ситонија покажуваше поинакви генерални ориентири. Доцнењето и незаинтересираноста продолжија и во време на груевизмот кога парите во буџетот се трошеа на комплетна промена на националниот идентитет (аннтиквизацијата) а Коридорот 8 почна да се споменува под меѓунариоден притисок.
Пак да се потсетиме – инфраструктурниот проект почна да се гради во 1993 година, потоа го имаше во програмите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и за овие избори. ВМРО-ДПМНЕ ветуваше завршување на изградбата на пругата Куманово- Бељаковце, со што, како што пишуваа „ќе бидат реализирани двете фази од железничкото поврзување со Бугарија“. За ова партијата си даде рок до 2022 година. Во однос на пругата Бељаковце- Крива Паланка- Деве Баир, ВМРО-ДПМНЕ вети дека таа ќе биде изградена до 2024 година. Уделот на одложувањето на изградбата во времето на Заев беше објективно спречено со епидемијата од короната (декември 2019 – 2021) кога огромни средства одеа на справување со неа и она што злото значеше и на економски план. Затоа и опомените и заканите од меѓународниот фактор (Бертолини) престанаа. Но трошоците за конзервирањето (никогаш непресметани) и каматите на парите што дури и не се повлечени ревизорите ги проценуваат на 4,6 милиони евра. Впрочем, ако Николовски споменува дека нема проекти (мисли да вработи некого на правење на нови!) како ја знае цената на тој проект или само – што се вели во народот – тресе од ракавот?! Неговата партијата ја знаеше цената на изградбата и никогаш не спомена отстапување од проектот „Пруга за Бугарија“ или не даде оценка за евентуалната скапотија. Од каде сега поривот да се јави пишманење од таков обем? Одговорот лежи само во фактот што сега дојде нов тим најнапред во партискиот штаб а сега и во владата.
КРАЈ НА ИГРИТЕ Со оваа теза одат и обидите за забошотување во насока на изместување на пругата на други релации. Една е за отворање на делница Кочани – Благоевград а втората за делницата Радовиш – Струмица – Петрич, за што како чекори ниту имаме согласност од другата страна а ниту постои пресметка или проект, освен ако не се претура по архивските документи на цар Борис Трети од 1941 година.
Целата таа конструкција е изнедрена само за да се бара додатна причина пругата кон Паланка и Ќустендил да не се гради.
Добро е секако што неодамна во Берлин присутните од македонската влада беа седнати на маса и си ги презедоа старите обврски кон овој проект. ЕУ има право на таков чекор бидејќи е заинтересирана страна
која несебично го поддржала овој проект и не сака да дозволи некакви недоветни игри – поставување на прагови и шини не е игра со лего коцки!
Јасно е дека актуелната влада се обидува, малку пост фестум, да активира некои свои курири кои пред камерите ќе говорат дека пругата за Ѓуешево била НАТО идеја односно интерес (Страшо Ангеловски од МААК на пример) ама на ВМРО ДПМНЕ после берлинската епизода во нејзината надворешна политика и претстои само јавно посипување со пепел.