Сакаме да сме островче или океан од можности, му порачаа социјал-демократите на Мицковски по неговиот митинг во Кичево, каде тој и неговата партија никако не успеаа да го спојат наративот „сме за НАТО и ЕУ“ со она „Договорот од Преспа е предавнички“
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Митингот кој го одржа лидерот на ВМРО ДПМНЕ во Кичево, веројатно во партиската географија е „највмроовски град“. Има необична симболика во позицијата на тој град со ситуацијата со земјава, името, идентитетот, меѓународната позиција пред се. За оној кој сака да се вози со воз, кога е тоа можно, како потписникот, овој град завршува како ќорсокак, заради фактот дека во времето на последната Југославија, делумно и заради некои надворешни околности, но и заради други лошо распоредени коцки, не стана интернационална пруга, која по логиката на сообраќајните стратези завршува кон пристанишен град, во случајот во Драч.
ОТПОР Опозицијата која покажува отпор кон прифаќањето на Преспанскиот договор а со тоа и кон наша отворена порта кон евроинтеграциите, на чие чело формално е професорот Мицковски, одржа минатиот викенд протестен собир токму таму, со што симболички покажа што таа во мигот нуди – едно големо ништо, едно туркање кон сопирање на било каква интерна енергија за развој и комплетно затворање на нашите комуникации со светот. За да биде ситуацијата комплетна се погрижи и самиот Мицковски, со говор во кој не кажа ништо. Просто да ги жалиш оние кои му ги пишуваат говорите: тој треба да биде против нешто, ама да не се знае зошто, да не даде одговор на клучната дилема – што да прават неговите следбеници на референдумот (да гласаат или не, потоа како да гласаат, ако гласаат…Наследникот на Груевски едноставно е на истата позиција на која беше на 30 јули, и наназад односно на 30 мај … со што само се доведе во позицијата сопствената збунетост од ситуацијата во која е доведен (да зборувам ама да не бидам одреден за ништо) да ја претвора во некаква доблест со обично детско инаетење (сакате да ви кажам, ама нема!).
Околу ова ситуација имаше многу коментари. Според медиумите позицијата на Мицкоски личи на „јас работам како возач, ама не смеам да возам“, според комуникологот Арсовски. „Потребен е алгоритам за да дознаеме за што ќе ги повика своите следбеници“, искоментира професорот Спасов. Испратени се „дифузни пораки“ вели Катерина Блажевска, мислејќи на она „народот сам да реши“ за референдумот, а потоа го повикува народот „следете ме во борбата“…,
Колку за Глобус ова со говорот во КИчево секако не е за изненадување. Митингот беше закажан порано, односно токму во мигот кога одлуката за однесување на партијата требаше да биде донесена односно октроисана од Фамилијата. А таа значеше дека Апелација во двата дена на својата одлука (30/31 август) требаше веќе да пресуди за она за што правосудството веќе беше донесено до ѕид, кога се работи за тоа дали експремиерот конечно ќе оди во затвор или не!? Имено, Апелација требаше во состав од петмина судии или да ја потврди одлуката на првостепениот суд во случајот „Тенк“ (тоа значеше две години затвор со почеток на служење од 20 септемри), или да ја врати пресудата назад, на повторно судење со некоја забелешка (вистински земјотрес за СЈО, но и за земјава) и како трето, да ја промени истата (на што типуваа некои, тврдејќи дека Груевски ќе добие само шест месеци покус затвор – само година и пол зад решетки).
Но, адвокатите успеаја да ја одложат таа одлука со одолговлекување на стартот. Беа ангажирани четворица, за секој од нив да има „своја причина“ да бара изземање на некој од судиите. Необично беше што една од судиите во меѓувреме се разболела, Лидија Чачева, за што и нам нешто ни блесна во главата, како и на јавноста, а место неа е ангажиран Зоран Димитриевски. Тој ден имаше четири барања за изземање а Врховниот суд ги одби сите барања. Но, судењето на почна првиот следен работен ден, туку е закажан за средина на неделата. Велат дека е сеедно, дури сега судиите нема да бидат „сентиментални“ кон обвинетиот.
На Фејсбук беа изразени некои дилеми од наши читатели дали сепак судот „веќе бил сентиментален“ веќе со одлуката да ја направи седницата јавна? Имено, се вели дека Цветанка Периќ како претседател на совет на Апелација за случајот Тенк „очигледно свесно ја одолговлекува постапката затоа што за одржување на седницата не е потребно присуство на обвинетиот, адвокатот, ниту на обвинителот…“.Па така, по нив, седницата на Апелација за Тенк требаше веќе да биде завршена и одлуката донесена. Се потсетува дека против Цветанка Периќ веќе се води постапка за разрешување во Судот, велат тие, заради опструкции на предметите на СЈО, кај притворите. Значи, нешто се движи и во Апелација, внатре, па можно е процесот да заврши на било која хипотетичка разрешница!
Но, да се вратиме на темата – ако Судот донесеше одлука Мицковски ќе имаше „дозвола да ја искористи возачката“. Значи ќе пресечел: или ќе дозволел нивните гласачи да излезат на референдумот и да се изјаснат, со што дефинитивно би имало кворум. Или, доколку имало осудителна пресуда – би се одело на задолжителен бојкот. Јасно, не може да се очекува дека ВМРО ДПМНЕ во никој случај нема да влезе во коперникански пресврт и да побара „во интерес на евроатланските интеграции…“ да се прифати Преспанскиот договор, кој веќе е дефинтивно „погребан“ како нели – предавнички. Тука за вмроовскиот врв веќе нема назад.
И така одлука на Судопт немаше а Христијан Мицковски си остана со возачката во џебот. Па затоа и рече „кој е Христијан Мицкоски да му каже на народот што треба да прави? Кој ми го дал мене тоа право? Не може за национално прашање политички елити да одлучуваат. Нема партиите да одлучат. За национално прашање ќе одлучи нацијата и на нејзината одлука ќе биде конечна за сите партии и за сите политичари. И сите заедно ќе излеземе ден потоа пред нацијата, и ќе се поклониме каква и да биде таа одлука“, порача Мицкоски, во некаков миг на очај од позицијата која му е дадена. Јасно, тој не би бил истиот ако во истото обраќање испрати и друга порака. „Само оваа можност ја имаме – нашата борба. Таа борба не е лесна, ниту ќе биде, ниту некогаш била лесна. Но, ви ветувам дека кога се ќе заврши, не толку далеку од сега, иако поткинато, иако исцрнето од виорот на борбата, нашето знаме највисоко ќе се вее затоа што од секој од нас зависи крајот на таа борба“ … , повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, без да појасни за што ќе се борат неговите следбеници во таа битка.
Конфузијата затоа ќе продолжи се до одлуката на Апелација. Прашањето дали судиите ќе останат независни од околностите во кои работат на случајот Тенк, и дали ќе можат да се концентрираат на предметот не е сосема јасно. Одлуката седницата да биде јавна секако е веќе некаков попуст кој ги даде предностите за одбраната. Од друга непопустливоста на Врховен покажа дека одбраната на Груевски не е така неприкосновена како порано а тоа е порака и до оние кои треба да донесат одлука во Апелација.
„Без да се навлегува во прашањето дали Мицкоски воопшто се доживува себе си за лидер или не, кога вели дека не може да им каже на своите членови став за референдумот, повикуваме уште еднаш, сите да се обединат за клучното прашање за иднината на државата и да се приклучат. Наместо Македонија да ја гледа изолирана, како ‘остров’, како што самиот вели, Мицкоски треба да ја гледа како океан од можности, интегрирана со демократскиот свет, напредна, просперитетна, сигурна и стабилна“, му порачаа социјалдемократите.
Професорот и амбасадор, Ѓорги Спасов, смета дека Мицкоски не е баш матемематички прецизен во одговорите до сопартијците во врска со референдумот. „ Според него. нејасно е дали ќе ги повика да гласаат за членство во ЕУ и во НАТО и за поддршка на Договорот со Грција, дали ќе им рече да останат дома и да бојкотираат, или да излезат на гласачките места и да пишуваат на гласачките ливчиња: Ние сме за ЕУ и НАТО но, сме против Договорот. Или ние сме против Договорот, а сме за Македонија – како што гласеше паролата во Кичево.
„Ако им го препорача ова последното, ќе го обезбеди потребниот цензус и ќе мора да ја почитува одлуката на мнозинството кое гласало ‘за’. Ако им каже да гласаат ‘против’ ќе види дека нема мнозинство со кое може да го отфрли веќе потпишаниот Договор. А, ако отворено повика на бојкот, нема да биде до крај јасно дали повикува и на бојкот, и против членството на Македонија во ЕУ и во НАТО. Оттука, во стилот на некој кинески мудрец, од Кичево порачува: ‘Кој е Мицкоски да му кажува на народот што треба да прави? Кој ми го дал тоа право?’ Со оваа формулација тој одговорноста за исходот од референдумот ја симнува прво од свој грб. Но, ја симнува и одговорноста од неговата партија“, оценува професорот.
Тој смета дека Мицкоски веројатно има многу малку прочитано за политиката, лидерството, политичките битки, победи и порази, а уште помалку за техниките на убедување на масите.
„Во својство на недоволно образован популист ја издига улогата на народот во врвен судија, при што на таквиот народ при донесувањето на важни одлуки не му се потребни ни лидери, ни партии, ни кампањи, ни дебати, за или против одлуката што треба да ја донесе. Таквото ласкање на народот од страна на Мицковски не оди истовремено со некои негови омилени цитати, како оној што го кажа на протестниот марш во Кичево: ‘Не можам, а да не се потсетам на еден цитат, историски врежан во меморијата на сите оние на кои Македонија и ВМРО им е при срцето: Ако водам – следете ме, ако се двоумам – поттурнете ме, ако ве предадам – убијте ме’. И остана нејасно: Дали треба да го следат? Дали е време да го поттурнат? Или, не дај Боже, да се определат за последната опција“, реторички прашува Спасов во текст за Дојче Веле.
Одоворите на дилемите на Мицковски се гледаа на празните перони на кичевската железниќчка станица. И во фактот што таа завршува кон -никаде!