САД веќе ги зголемија царините за кинеска стока а Кина се готви тоа да го стори. Дали големата војна со последици по светската економија е веќе започната?
Од петокот американските казнени царини на увоз од Кина за стока во вредност од 200 милијарди долари ќе се зголемат од 10 на 25 проценти.
Министерството за трговија во Пекинг веднаш најави „неопходни контрамерки“, но не наведе детали како тие мерки би можеле да изгледаат. Кинескиот вицепремиер Лиу Хе сеуште се надева на „разумна и отворена размена на мислења“ за проблемот. На почетокот на дводневните разговори во Вашингтон тој вчера јасно стави до знаење дека се надева на наоѓање решение. Зголемување на царините, според него, не е решение.
Преговорите во Вашингтон засега не дадоа резултат. Американскиот ополномоштеник за трговија Роберт Лајтхајзер и американскиот министер за финансии Стивен Мнучин вчера имале консултации со американскиот претседател Доналд Трамп околу натамошните постапки. Потоа Лајтхајзер и Мнучин имале средба со кинескиот вицепремиер Лиу, но за резултатите од тие разговори нема информации.
Трамп во своите последни изјави околу трговскиот конфликт рече дека е можно тој да биде решен уште неделава. Американскиот претседател нагласи дека од кинескиот претседател Ши Џинпинг добил „убаво писмо“. Во писмото Ши напишал дека треба да се соработува и да се најде начин за надминување на проблемите.
До претходниот викенд сѐ укажуваше на тоа дека ќе се најде излез од трговскиот конфликт. Меѓутоа, потоа изби жесток судир околу формулациите во предлог договорот помеѓу двете страни. Американски владини службеници објаснија дека Кина се повлекла по речиси сите точки. Во речиси 150 страници обемниот предлог договор Пекинг систематски ги отстранил сите суштински барања на американската страна, како отворање на кинескиот пазар, подобра заштита на интелектуалната сопственост и помала принуда во делот на трансферот на технологија во Кина.
„Повторно сме среде трговска војна” е коментарот на еден трговец со акции од изутринава. Проценката на Томас Алтман од компанијата Кју Си Партнерс особено наидува на одобрение на берзите во Азија. Во Шангај берзанскиот индекс падна за речиси 5,6 проценти што е најголем дневен пад од февруари 2016.
Индексот Шензен Композит падна за 5,8 проценти, а Ханг Сенг во Хонг Конг за 2,9 проценти. Во Франкфурт не беше ништо подобра ситуацијата со Дакс индексот, само неколку минути по отворањето на тргувањето на берзата минусот беше 1,7 проценти.
Преговорите за постигнување трговски договор му се одвивале многу бавно, пиша Доналд Трамп на Твитер како образложение за новите царини. Кина се обидувала да одолговлекува, а тој тоа немало да го дозволи. Тој во изминатите недели повеќе пати го пофали текот на преговорите со Пекинг за можен трговски договор. Пресвртот затоа дојде неочекувано. Пред само неколку недели во Пекинг се одржа нова рунда преговори кои требаше да бидат продолжени неделава во Вашингтон. Дали тоа ќе се случи, сега веќе е неизвесно, бидејќи, Кина со оглед на новите казнени царини размислува за прекин на преговорите со САД. Кон средината на неделата кинескиот вицепремиер и главен преговарач Лиу Хе требаше да допатува во Вашингтон со 100 – члена делегација. Тоа било „мошне неверојатно”, пиша главниот уредник на весникот „Глобал тајмс” чиј издавач е владеачката Комунистичка партија.
Официјалниот став на Пекинг е дека кинеската страна работи на тоа да ја сфати ситуацијата, изјави портпарол на министерството за надворешни работи во понеделникот. Сепак кинескиот преговарачки тим се подготвувал „да отпатува во САД за преговори”. Портпаролот не прецизираше дали во патувањето ќе учествува и главниот преговарач Лиу Хе.
„Трамп буквално ја пукна тиквата”, оценува аналитичарот Џефри Хели од финансиската куќа Оанда во Сингапур. Цената на нафтата на почетокот на неделата паднала за повеќе од 2 проценти, додека пак кинеската валута Јуан за еден процент во однос на доларот.
Потпретседателот на американско-кинескиот Бизнис Совет, Џејкоб Паркер вели: „Тоа се многу реални и специфични негативни последици кои ќе влијаат на американската индустрија и ние сме многу загрижени за новата објава и можноста да се прекинат преговорите.”
Амриканскиот претседател пред десет месеци воведе казнени царини од десет проценти за увози на одредени производи од Кина чиј што волумен изнесуваше 200 милијарди долари и најави можно зголемување на 25 проценти. Минатиот декември двете страни на маргините на самитот на Г20 во Буенос Аирес се договорија на привремен прекин на трговската војна и отпочнување на преговори.
За дополнителен увоз чиј што волумен изнесува 50 милијарди долари веќе има царини од 25 проенти. Увоз на друга стока во вредност од повеќе стотици милијарди долари се спасија од специјалните царини. Но, тоа според Трамп наскоро ќе се променело. Кина увезува помалку производи од САД отколку обратно. Казнените царини во таа смисла се ограничени.
Причина за трговската војна е барањето на владата во Вашингтон Пекинг да дозволи поголема пенетрација за американски производи на кинескиот пазар. САД на тој начин сакаат да постигнат намалување на трговскиот дефицит и подобра заштита против пиратеријата и присилниот технолошки трансфер за америкаснки компании кои имаат бизниси во Кина. Конфликтот со месеци ја оптоварува светската конјунктура. Претседателот на реномираниот институт Петерсон за економско истражување во Вашингтон, Адам Поузен го критикува последниот потег на Трамп. „Мерките на Трамп нема да постигнат ништо, ниту пак ќе го зголемат трговскиот раст на САД или процентот на вработеност”, вели тој за весникот „Ди Велт”. „Наместо тоа американските домаќинства ќе бидат квази обврзани да плаќаат даноци.”
Зад тоа тврдење е фактот дека американските компании преку кои се одвиваат повеќето увози на кинески производи во САД повисоките царини ќе ги надоместат со повисоки цени за крајниот корисник. Па така на пример цените за машини за перење во САД за една година се зголемија за 12 проценти. Тоа го покажа истражување на американскиот конгрес во февруари годинава. Американскиот производител на трактори Дири според сопствени извори годинава смета со покачени трошоци од 100 милиони долари за суровини како последица на казнените царини. Компанијата затоа сака да ги намали трошоците и да ги зголеми цените. За американскиот буџет царините и де факто се дополнителен извор на приходи кои во октомври 2018 во споредба со истиот период претходната година биле зголемени за околу 40 проценти на 5,5 милијарди долари, известува весникот „Њујорк Тајмс”.
Кога новиот американски министер за одбрана Патрик Шенахан пред водечките личности во Пентагон зборувал за целите за оваа година, според американските медиуми, тој им дал еден совет: „Секогаш мислете на Кина, Кина, Кина!“.
Човекот е политичар во сферата на одбраната, а не американски преговарач за трговски прашања. Па сепак, овој цитат покажува колку работи од односите меѓу двете земји во моментов се на коцка. Се работи за трговски конфликт кој сѐ повеќе ја вовлекува во страдања и светската економија. Но, се работи и за глобална доминација.
На масата за преговори во Пекинг седеа водечките „харлајнери“ од американскатса влада. Американскиот ополномоштеник за прашања на трговијата Роберт Лајтхајзер е познат по својата длабока скепса во однос на Кина, а Трамповиот советник за трговски прашања Питер Наваро важи исто така за јастреб. На преговорите во Пекинг замина делегација под раководство на заменикот ополномоштеник за трговски прашања, Џефри Гериш.
Меѓународните финансиски пазари реагираат со загриженост на можните консеквенции од американско-кинескиот трговски судир за светската економија. Од почетокот на декември има големи турбуленции на берзите во Њујорк, Токио, Франкфурт и на други места.
Двете најголеми економии во светот со месеци си воведуваат меѓусебно казнени царини за редица производи. САД воведоа казнени царини за увоз на стока од Кина во вредност од 250 милијарди долари. Пекинг се реваншираше со одмазднички мерки, но не во иста вредност.