Кремљолозите тврдат дека ниту оние личности кои се сметаат за најблиски до рускиот претседател не можат лесно да се сретнат со него. Оттаму, може да се заклучи и дека никој не знае дали во неговата глава стои дека реката Дњепар можеби е точката до која престанува неговата империјалистичка амбиција
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Дали на повлекувањето на руските трупи на левиот брег на реката Дњепар (Днипро) е точката на која фронтот се претвора во некаква „Мажино линија“, влегува во статична фаза? Дали тоа не дава време за евентуалната инерција на мировниот ветер? Па, руската одбрана веќе мина на користење на теоријата на Кутузов (повлечи се и почекај зимата да го стори своето) ама тоа се смета како знак дека е време агресорот да ја преиспита целата своја историска грешка и да бара чесен мир, што и да претставува тоа за левиот брег на големата река. Но, дали автократот Путин, онака осамен во своите дворски одаи, е подготвен воопшто да го слушне зборот – мир?
Согласно неговите погледи кон историјата, да речеме кон Октимвриската револуција, онаа која му го даде образованието и неговата работа врзана за безбедноста на државата, се гледа дека тој повеќе ужива во историјата врзана за моќта на царска Русија. Тој, како што пишуваат многу извори (https://www.euractiv.com/section/global-europe/news/putins-world-selected-quotes-from-a-disturbing-speech/) односно (https://www.smithsonianmag.com/history/vladimir-putins-rewriting-of-history-draws-on-a-long-tradition-of-soviet-myth-making-180979724/) има различни погледи во однос на официјалната руска историја. Тоа секако не се базира на некаков објективен факт, туку ова истражувачите го поврзуваат со карактерот на Путин; претседателот не го сакал Ленин и сметал дека требало да се дозволи царската фамилија (Романови) да го продолжи своето учество во Првата светска војна и на крајот да учествува во пирот на победниците?! Ова произлегува од фактот дека Путин нема ни малку добро мислење за Брест Литовскиот договор со Централните сили, склучен од бољшевиците. Новиот, актуелен „руски цар“, според враќањето на сите манири од времето на Романови, смета дека споменатиот договор ја посрамил нацијата. Но, патем, не говори лошо за Сталин и договорот за поделба на Полска, со нацистите (во Пактот Рибентроп-Молотов), на пример, кој нанесе огромна штета за европската и светска левица. Од ова може да се извлече поука дека добри се оние договори кога некој зема туѓи територии а не кога дава, ама со цел да се спасат повредни нешта, како човечките животи, војската, економијата и системот, како што размислувал Владимир Илич. Не треба ни да имаме дилема за што би се одлучил рускиот претседател, кога би бил пред таква дилема.
Некои во овие околности, кога некој го избира „добриот Сталин“ не потсетува деновиве на наредбата 00447, потпишана од комесарот за внатрешни работи Николај Јежов, што беше почеток на Сталиновото „конечно решение за проблемот со внатрешните непријатели“. Стотици илјади луѓе беа убиени, некои говорат и за милиони, а жртва станал и самиот Јехов. Аналитичарот на тоа сталиново време – познатиот белградски интелектуалец Иван Ивањи, кој во време на Втората светска војна бил во нацистички логор како еврејско дете а после војната бил официјале преведувач на маршал Тито долги години, тврди дека Путин никогаш не го негирал она што се случи во времето кое некои историчари го нарекуваат „големиот терор“; затоа пак нагласувал дека Русија не смее да се чувствува виновна поради тоа – многу поважни се достигнувањата постигнати благодарение на Сталин. „Претпоставувам дека тој (Путин) исто така мисли дека неговата улога во обновата на Русија во светска сила е историски многу поважно од некое крвопролевање во Украина“ (види „Како Сталин го уби Троцки“ https://www.vreme.com/kolumna/kako-je-staljin-ubio-trockog-da-su-samo-drugovi-poslusali-druga-lenjina/).
Дали од тоа лесно може да се заклучи дека Путин никако не е тој кој би склучил мировен договор со Киев? На ова секако размислува и светската јавност во мигот кога Путин ја изгуби битката за Киев, потоа и за Харков, па неговитѕ дивизии се повлекоа во деловите на југ од Харков, во широка линија се до старата граница со Руската федерација (!) а сега еве, со бегството од Херсон добивме фил на победничката торта. За руските војсководци реката Дњепар, каде на југот на Украина е во мигот линијата на фронтот, претставува природна предност за оној кој бегаше во последните недели што официјалната власт во Москва го претставува како „стратегија на Кутузов“. Тоа е секако познато на пошироката јавност.
И значи дојдовме до прашањето дали ќе се потпише некако мировен договор, кој секогаш мора да биде целта на било каква војна?.
Споменувањето на Ленин, во овој контекст веројатно е непријатно за Путин, иако тој навистина не успеа во својата империјалистичка замисла: ја изгуби војната во Чеченија (онаа втората, првата ја изгуби Елцин) и мораше својот главен непријател да го „купи“ со давање на севластие во Кавказието и да го направи свој сојузник. Тука никако нема место за себеодликување, секако. Во масовниот напад на Украина се покажа дека со гладни војници (корупција во магацините), со лажни информации за своите борци кои не биле подготвени да пукаат на своте довчерашни браќа и така натаму, да не го анализираме видливиот дебакл на Москва, се покажа големата разлика меѓу замислената големина и трулата војничка реалност. Јасно, Ленин не се мислел дали некој е вештачка нација – сите етноси имаат право на свои административни граници и право на сопствена култура а згора не би ни помисли да нападне некоја од новите републики.
Зошто е потпишан Брест-литовскиот договор на 3 март 1918 година меѓу Централните сили (Германија, Австроунгарија, Бугарија и Османлиското Царство) и Русија? Со потпишувањето на договорот, Русија се повлекла од Првата светска војна. Впрочем, не може да се води Револуција и истовремено да се војува на фронтот заради царистичките амбиции и дадени зборови кон сојузниците!
Русија, веднаш по Октомвриската револуција, била без дилеми принудена да склучи мир по цена на значителни територијални, демографски и економски загуби. Како резултат на договорот, Полска, балтичките земји и Финска биле – според договорот – засекогаш изгубени за Русија, додека Украина, Белорусија и Кавказ преминале во германската сфера на влијание. Но, иако со овој договор победиле на Источниот фронт, Централните сили не успеале да се спротистават на Антантата и војната завршила со пораз во ноември 1918 г., по што Брест-литовскиот договор бил поништен. Москва била оставена на мир за да ги решава внатрешните, класни прашања. Се покажало дека тркалото на историјата ги донело назад, во новоснованиот СССР и Украина и кавкаските подрачја!?
Но, зошто на Путин му се допаѓа еден друг договор – меѓу СССР и нацистите, кој направи вистински дар-мар меѓу прогресивните сили во почетокот на Втората светска војна и борбата против фашизмот ја направи беззаба. Да се потсетиме дека Пактот Рибентроп-Молотов формално е пакт за ненапаѓање помеѓу нацистичка Германија и СССР, потпишан на 23 август 1939 година, додека во реалноста тоа било, во согласност со тајниот дополнителен протокол, додаток на официјалниот договор и вистинската цел на пактот – а тоа било поделба на териториите или наложување на автономност врз суверените држави: Полска, Литванија, Латвија, Естонија, Финска и Романија од страна на СССР и нацистичка Германија. Путин тука сака историјата да ја гледа во поширока временска димензија, ама не и кога се работи за договорот на Ленин кој секако е завртен кон внате, кон вредностите важни за негов ата земја!? Дали ова не отсликува како Путин би се однесуван во однос на евентуалниот прекин на огнот и седнувањето на маса на двете завојувани страни?
Во своето интервју за емисијата „Глобал фокус“ на телевизијата Н1
(https://rs.n1info.com/video/global-fokus/global-fokus-uloga-belorusije-u-ratu-u-ukrajini/) одличниот познавач на приликите во Кремљ – Максим Саморуков, шеф на Карнеџи фондот за Русија, додека истиот не беше забранет, вели: оние кои во неговата земја се за војна а не за мир се огромно малцинство, но се гласни и никој не им се спротивставува.
Постои огромна партија на мирот ама тоа не е битно во мигот, вели тој. И партијата на војната и онаа на мирот зависат од волјата на само еден човек – Путин. И двете страни внимателно наслушуваат каква е неговата волја.
Постои, вели интервјуираниот, политичар како Игор Стрелков кој е најизразит протагонист на партијата на војната, ама тој е маргиналец. Ониен кои имаат институционална тежина – Лавров, Петрушев, Субјанин, Козак, тие никогаш не биле дел од партијата на војната, но тие се плашат да говорат за мирот, бидејќи Путин лесно може да ги замени со помлади. Путин избра единствен командант на кого може да ја префрли сета вина за поразот (! )- Сергеј Суровикин и отсега па натаму тој ќе биде виновен за секој неуспех.
Путин не се гледа речиси со никого а блискоста со него е пак, тврди Саморуков, главен извор на власта. Медведев, Рогожин и сличните се маргинализирани и тие преку жестоки изјави, како и Кадиров, се обидуваат да дојдат со нивните изјави до ушите на Путин.
Главната дилема во мигот е – дали Русија сака мир? Дали раководството е повлечено во ќоше од каде нема излез?
Саморукин тврди дека Русија сега сака да паузира од воени дејствија, барем зимава. И треба обнова на економија, ново оружје што треба да се произведе, да се обучи нова војска – главните борбени единици ги нема, изгубени се…Вокабуларот со нуклеарните бомби се наменети за Вашингтон – таму се исплашат и да ја натераат Укриана на барање на мир, додека Зеленски изјавува дека не сака преговори, иако, треба да се нагласи, тоа не зависи целосно само од Украина?! Но, засега работите стојат на точката на пасифизација и на пролетна понатамошна екскалација, бидејќи засега никој јавно не побарува мир. (Сепак, Зеленски до Самитот г-20 поднесе мировен план во осум точки! –-н.з.)
Излез? Саморуиков мета дека излезот е еден – Западот да рече дејка веднаш ги симнува сите санкции кон Русија ако Путин абдицира. Со Русија нека раководи актуелниот Совет за безбедност ама како колективно тело тие би биле внимателни и не би се стрчувале или солирале како Путин. Русија, вели овој соговорник, ќе стане земја со порционални решенија.
„Кај нас во Русија се се’ случува во скалила. Ќе падне стандардот за неколку скалила и по некој месец луѓето се нвикнуваат. По некое време ќе се повтори истото и одново ќе има навикнување. Кога дојде до масовна мобилизација ситуацијата се смени, ама секој се спасуваше себе си – за да нема демонстрации, дури и ненасилни, власта ги пушти бегалците (700 илјади – н.з.) надвор од границите. Остатокот одново се смири…“.
Саморуков не гледа излез а засега и ниту желба Путин да престане со војната која ќе значи признавање за неговата голема грешка. Какви што Сталин, неговиот миленик, ги имал многу. А зад нив останувал долг, крвав траг.