Во меѓувреме заради ниските температури цели квартови воМосква немаат топлинска енергија и топла вода
АЛЕКСЕЈ СТРЕЉНИКОВ
Системот за снабдување со топлина во Русија се истроши побрзо отколку што може да се модернизира. Но, лавовскиот дел од буџетот оди за воени цели, па несреќите и студот во домовите на Русите ќе се случуваат се’ повеќе и повеќе.
Продолжуваат несреќите во снабдувањето со топлинска енергија во различни региони во Русија. Појавата е сезонска за земјава, а годинава ја предизвика и рекордниот студ, објаснуваат експертите. Но, проблемот е системски и секоја година се влошува. За сериозната природа на несреќите сведочи и долгогодишната поправка на грејните цевки.
Во зависност од регионот, абењето на мрежите за греење во Русија варира помеѓу 30 и 70%. Во наредните години, лавовскиот дел од буџетот ќе се троши за воени цели, а трошоците за домување и комунални услуги ќе паднат на рекордно ниско ниво во последните шест години. Во исто време, оптоварувањето на топлинските цевки ќе се зголемува годишно, земајќи го предвид активното темпо на изградба на нови станови. Тоа значи дека во иднина земјава ќе се соочи со нови дефекти во комуналните системи.
УЛИЦИТЕ СЕ ПРЕТВОРААТ ВО РЕКИ СО ТОПЛА ВОДА Најголема комунална вонредна состојба во моментот беше онаа во Подолск, каде илјадници луѓе останаа без греење речиси четири дена. Топлината беше обновена на 17 јануари.
Во Новосибирск исто така се случи многу голема несреќа во која без греење останаа околу 400 домаќинства, но и болници, училишта, градинки… Пуканата цевка била поставена во далечната 1974 година, а несреќата претворила цела улица во река со врела вода. Сличен инцидент се случиЛ и во Нижни Новгород, каде што 16 луѓе изгореле дод врелата вода што ја поплавила улицата.
ПРОТЕСТИТЕ – „ЗАКАНА ЗА УСТАВНИОТ ПОРЕДОК НА РУСИЈА“
Во некои региони, незадоволството на преостанатите Руси без греење прерасна во протести. Во московскиот регион некои од нив палеа огнови на улиците и објавуваа видеа извикувајќи „смрзнуваме!“. Протестот брзо се здоби со популарност на социјалните мрежи и го привлече вниманието на надлежните – проблемот беше саниран и протестите завршија.
Активист во Новосибирск побара дозвола од канцеларијата на градоначалникот на градот да одржи митинг во врска со дефектите на комуналните услуги и општата состојба на домувањето и комуналните услуги во градот. Очекувано, тој беше одбиен, а официјалните лица го формулираа одбивањето сосема невообичаено: „мерката претставува закана за човековите права и слободи […] и јавната безбедност, вклучително и уставниот поредок“.
Дефектите на парното се меѓу сезонските проблеми на кои руското население делумно е навикнато, поради што нема многу протести, објаснува Владимир Гелман, политиколог и професор на Универзитетот во Хелсинки. Тоа најмногу се должи на фактот што властите во регионите се назначени од Москва и немаат обврска да известуваат пред жителите: „Тие немаат силни стимулации да се грижат за благосостојбата на граѓаните“.
Одвреме-навреме интервенира федералниот центар, демонстративно казнувајќи ги регионалните функционери, а Путин ја презема ситуацијата „под лична контрола“. Но, тоа не ја менува системската природа на проблемот, вели Гелман. Поради строгата вертикална хиерархија на власта, локалните функционери не можат да помогнат во доделување доволно средства за санирање на топлинската инфраструктура, заклучува политикологот.
МРАЧНИ ИЗГЛЕДИ ДО 2030 На состанокот одржан во 2022 година за „стратегијата за домување“ на Русија до 2030 година, беше забележано дека во 2021 година земјата достигна рекордна стапка на пуштање во употреба на нови згради – 92,6 милиони квадратни метри, од кои половина се станбени задруги.
Главен проблем, освен растечките населби, е и оптоварувањето на постоечките топлификациони мрежи, кои се дотраени. Предмет на замена се 50 од вкупно 167.000 километри топлински инсталации во земјава. Во просек, месечно има 6.600 несреќи. Во извештајот на состанокот се наведува дека состојбата ќе се влоши во наредните години. Амортизацијата опфаќа просечно 3% од инсталациите годишно, а средствата за поправки се достапни за не повеќе од 1-2%.
Во оваа ситуација, приватниот бизнис би можел да обезбеди поддршка преку модернизирање на капацитетите во форма на јавно-приватно партнерство. Сепак, бизнисот не е заинтересиран за модернизација на таквите капацитети – особено во населените места и малите градови.
БУЏЕТ ЗА ОДБРАНА, НО НЕ И ЗА КОМУНАЛИИ Минатата година Државната дума го одобри буџетот на Русија, во кој воените трошоци ќе имаат најголем приоритет до 2026 година. За национална одбрана се планирани околу 30 отсто од сите расходи во износ од 10,8 трилиони евра. За прв пат вниманието кон социјалната и комуналната сфера ќе биде турнато во втор план. Се планира радикално намалување на станбените и комуналните трошоци.
Според пресметките на украинската верзија на Форбс, Русија во првите шест месеци од 2023 година потрошила околу 167,3 милијарди долари за војната. Истовремено, потребни се најмалку 570 милиони долари за реконструкција на топлинските мрежи на Санкт Петербург, кои, според експертите, се истрошени за околу 40%. Модернизацијата на котларната постројка чини околу 3 милиони долари – речиси колку еден противвоздушен ракетен систем С-300.
Впечатливо беше што во својот новогодишен говор Путин не ја спомна директно војната против Украина и што не се појави повторно меѓу војската, претпочитајќи да се појави на позадината на мирна и цивилна Москва. И не за џабе. Социолошките истражувања јасно го покажуваат заморот од војната на Русите. Ова се должи и на економските последици, коментира АРД.
Да не беа сеприсутните реклами на големите електронски билборди во Москва со кои се повикуваат луѓето да се пријават како војници со договор за „специјалната воена операција“, тешко дека некој би знаел дека се води војна. Но, тоа има своја цена. И тоа не се изразува само со бројот на убиени и ранети, кои Русија ги третира како државна тајна.
ДРЖАВНИОТ БУЏЕТ ВО НЕВОЛЈА „Ситуацијата со државниот буџет е несомнено комплицирана“, призна заменик-претседателот на Државната дума, Александар Жуков. Поради „специјалната воена операција“, ќе се потрошат многу сериозни средства за одбранбената способност на земјата, објасни тој. Во новиот државен буџет, всушност, е поставен рекорд – една третина од средствата ќе одат во државниот одбранбен и безбедносен апарат.
Западните санкции во значителна мера ја променија економијата на земјата, коментира АРД. И пред се, однесувањето на потрошувачите, особено на жителите на градовите. Помалку се автомобилите, филмовите, електрониката и козметиката од Запад. Тие се поскапи и мора да се увезуваат по кружни рути преку т.н паралелен увоз – без официјална согласност на производителите. Русија се обидува да најде замени, сопствено домашно производство и сè повеќе зависи од Кина.
Извозот на нафта и гас на Запад, толку важен за приходите на владата, исто така опадна. Русија се обидува да најде нови пазари. Претседателот Путин речиси пркосно повторува – вклучително и во неговото прво медиумско појавување оваа година – дека руската економија не може да биде уништена со санкции.
„Кога западните компании го напуштија нашиот пазар, се очекуваше колапс. Тие мислеа дека компаниите ќе банкротираат, а илјадници ќе останат невработени. И дека луѓето ќе излезат на улица да бараат леб и работа. Наместо тоа, имаме најниска стапка на невработеност во историја на Русија за 2,9 отсто“, објасни рускиот претседател. Според него, инфлацијата во земјава е висока, но била и под контрола.
Производството на руско оружје – тенкови, проектили, муниција – драстично се зголеми. Пораката зад оваа најава на Министерството за одбрана е: нема да ги исцрпиме нашите резерви. Големите, брутални напади со беспилотни летала и ракетни напади врз Украина во последните денови требаше јасно да го нагласат ова дополнително. Тие, исто така, покажаа дека нема да има знаци за промена на курсот на Путин во однос на војната против Украина.
Не е сигурно како точно ќе се развиваше Русија доколку не војуваше против Украина. Сепак, извесно е дека земјата ќе беше во многу подобра економска и социјална состојба, коментираат германските јавно-правни медиуми.
НОВАТА РУСКА НОРМАЛНОСТ Социолошките истражувања покажуваат дека заморот од војната кај луѓето се зголемува. Но, новата руска нормалност бара и ова да не ја критикува „специјалната воена операција“ – под закана од строги казни. Ова го отежнува оценувањето на вистинското расположение во земјата.
Во Русија нема критички медиуми во кои се водат отворени дебати за цената и целите на војната. Тие се забранети и протерани од државата. За неколку недели, на крајот на февруари, ќе започне третата година од почетокот на војната во Украина. И тој нема идеја како може да изгледа транзицијата кон мир.