Во третирањето на Западот како свој древен и морално изопачен сосед, кремљовскиот автократ заборави дека историски ниту Исоткот не му бил наклонет. Традиционално оттаму, пред се од Кина, му се заканувала филозофијата на чекање на соодветен момент. Дали посетата на Кси Џипинг на Москва неодамна е само илустрација на оправданоста на таквата источничка стратегија?
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Кога од „некаде на небото“ некогашните руски цареви и советски раководители би ја следеле посетата на кинескиот лидер Кси Џипинг на Русија, веројатно последниве денови би колнеле. Какво понижување за генералната стратегија на држење на сувереноста над Сибир на она што Москва го одржувала со векови наназад. За светот посетата на Кси на Москва е поважна од аспектот на можното ново азиско стратешко партнерство (со Индија и Иран) на антизападна основа. Но за традиционалистите – главни поддржувачи на путиновските наративи, огромно мнозинство на руското јавно мислење – ова е сериозна загроза на клучните вредности на кои се потпирала моќта на Москва: воена, демографска, пред се економска…
ПРВ СУДИР МЕЃУ ИДЕОЛОШКИТЕ БРАЌА За на читателите да им биде појасна симболиката на посетата за која станува збор односно за констатацијата дека таа е коперникански пресврт во однос на стратешките судири кои опстојувале меѓу Пекинг и Москва со векови, само да потсетиме дека тие кулминираа со отворен воен конфликт во 1969 година; во истиот судир Југославија напраи свој значаен камбек во Кина, каде и беше признаена далекугледоста во идеолошките конфликти меѓу социјалистичките земји! Судирот околу островот Дамаски (на кинески Женбао) не беше само идеолошки, имаше таков предтекс, туку е одраз на фактот што долгорочно Кина во сибирските пространства гледаше клучен излез за сопствената демографска експлозија, на својата хронична глад по суровини и можности за развој и едноставно, како што бива во вакви случаи, во отстранување на „историските неправди“.
Ова беше прв судир меѓи „идеолошки браќа“, згора обете нуклерани сили. Првите разидувања меѓу Пекинг и Москва настанаа по доаѓањето на Никита Хрушчов во 1954 година на чело на СССР, што за Мао Цетунг беше недозволено расчистување со сталинизмот. Дотогаш двете земји водеа една значајна задничка војна против Западот во корејската војна (1950-53), практично неиобјавена меѓу големите сили, но тоа „братство по оружјето“ се стави во искушение особено откако Варшавскиот пакт ја окупираше Чехословачка во 1968 г.. Пекинг свати дека и тој може да биде загрозен и за прв пат главната „ревизионистичка земја“ – Југославија одеднаш во очите на Мао (почина во 1976 г.) стана земја која навреме ја воочила таквата опасност по својот интегритет!
РУСИЈА КАКО НОВИОТ „РЕВИЗИОНИСТИЧКИ АГРЕСОР“ Пекинг дури изгради и своевидна теорија за советската агресивност, која ја објаснуваше историчарот Ксијаобинг Ли дека САД се суперсила во опаѓање поради нивниот неуспех во Виетнам и дека затоа улогата на главната закана за Кина и „империјалистичкиот агресор“ во регионот е преземен од страна на Советскиот Сојуз, потврдено со нападот врз Чехословачка (1968). Но и претходно, на идеолошки план со почетокот на т.н. Културната револуција во Кина во 1966 година, антисоветските чувства почнаа да добиваат насилен карактер, што се манифестираше, на пример, во нападите врз советската амбасада во Пекинг. Овој бран на насилство набрзо се проширил на советската граница, каде што започнале престрелки меѓу кинеските и советските граничари. Да не должиме – оторениот воен судир настана околу споменатиот остров на реката Усури, на точка која е 400 километри северно од Владивосток! Советите го назначија генерал полковник Владимир Толубко, поранешен заменик-командант на стратешките ракетни сили, за врховен командант на Далечниот источен воен округ. На крајот на август 1069 г., во Пекинг набрзина беа подготвени засолништа за цивили, а властите ги охрабрија граѓаните да ги соберат основните прехранбени производи за опстанок. Кинезите почнаа да работат на сопствен план за одвраќање кој се потпираше на конвенционални асиметрични методи, бидејќи, нивниот нуклеарен арсенал беше премногу рудиментиран за таков вид на одвраќање. Од друга страна, Советите многу се плашеа од можноста за масовна кинеска инвазија на важните точки на Транссибирската железница и Владивосток, што би можело да го заплетка СССР во долготрајна, исцрпувачка војна со бројни противници. Поинакво размислување во однос на актуелно Путиново, нели!?
За разлика од денес мирот е склучен брзо и во директна средба меѓу завојуваните страни – на 11 септември 1969 година, советскиот и кинескиот министер Косигин и Џоу се состанаа на аеродромот во Пекинг за да преговараат за примирје. Според тогаш потпишаните меѓудржавните договори меѓу Кина и Русија спроведени од 1991 до 2005 година, повеќето од спорните територии и беа предадени на Кина. За сето ова инаку пишува во своите сеќавања Богдан Орешчанин, кој станал прв амбасадор на Југославија во Кина (1970 – 73 г.) генерал полковник и несуден министер за одбрана на СФРЈ (https://scindeks.ceon.rs/article.aspx?artid=0354-32932002145A)
откаско Кинезите се согласиле на обнова на дипломатските односи. Тој деновиве доста беше цитиран бидејќи од неговите разговори со пекиншките врвни раководители сватил дека на Кина не и требаат само мали островца на некои реки, туку целиот сибирски простор кој би бил решение за најголем дел од нивните демографски и економски проблеми. Особено демографски – пренасеелена земја гледа со широко отворени очи кон бесконечен празен простор на северот. На амбасадорот Орешчанин му било речено дека Кина нема намера да отвора голема војна за да ја оствари таа своја цел, туку дека, во рамки на своите традиции, ќе чека трпеливо и долгорочно „пленот да им падне сам во рацете“.
ПРИЗНАВАЊЕ НА НОВАТА РЕАЛНОСТ Во времето на Горбачов се предадени некакви проблематични сегменти од границата со Кина на Пекинг а актуелниот претседател на Русија замина за време на Зимските олимписки игри лани да го извести Кси Џипинг за нападот врз Украина и веројатно да побара од него „чесен збор“ дека тој нема да ја загрози меѓусебната граница (долга 3.000 километри) за дел од своите сили да ги повлече на Запад.
Хрватскиот воен аналитичар Денис Авдагиќ на своето редовно гостување на хрватскиот N1 (https://www.youtube.com/watch?v=aFcV515AOxM)
во саботата попладне истакна дека во време на ладната војна светот имал две супер сили. Кина во тоа време била едно скалило подолу во рангирањето на моќта на државите. По распадот на СССР на тоа, да го наречеме – второ скалило на кое била Кина се придружила Руската федерација. Сега Кина се’ уште е на своето место, САД остануваат осамени на врвот а Руѕсја паднала на третото скалило! Оттаму таа станала полека вазал на Пекинг.
Терминот вазал отворено го користи за мене омилениот бугарски коментатор Евгениј Дајнов за да го објасни најновиот резултат ина средбата меѓу Кси Џипинг и домаќинот Владимир Путин. (https://www.dw.com/bg/vladimir-putin-vasalt-na-si-dzinpin/a-65119889
Тој најпрвин се потсетува на репликата „Восток – дело тонкое“ („Истокот – тенка работа“) од советскиот филм „Белото сонце на пустината“. Истокот е навистина тенок бизнис., констатира тој бидејќи „никогаш не е лесно да се знае за какви идеи зборуваат источните луѓе во тој миг – не ни е лесно да се разбере што всушност пренесуваат самите зборови“.
И продолжува со толкувањето дека во западните култури, јазикот е алатка за откривање – на светот, на човекот, на начинот на (неговото) размислување. Во источните култури, примарна функција на јазикот е да прикрие. Прифатено е дека прекумерната јасност го лишува говорникот од „лицето“ – го изложува на другите. Затоа на времето постоеше цела професија „кремнљолог“, т.е. специјалист за откривање на она што го прикривале советските комуникации. Советскиот официјален јазик беше чисто „источен“, обоен, фрлајќи магла над фактичкиот пејзаж. Во тоа време, на „источната“ компонента, советските лидери додадоа специфичен „марксистички“ пресврт, сугерирајќи дека ништо никогаш не е доволно за себе затоа што е заплеткано во сложени „дијалектички“ односи со сите други нешта.
ПОСЕГНУВАЊЕ ПО ЛИНГВИСТИЧКАТА АРХЕОЛОГИЈА Резултатот беше тој „дрвен јазик“ со кој западњаците се потсмеваа со децении. Истиот јазик, вели Дајнов, е оживеан во последното коминике од разговорите меѓу Кси и Путин. Во Кина, овој јазик никогаш не изумрел. Беше заборавен во Русија додека таа ја бараше својата европска душа и се опорави кога ја најде својата азиска суштина и ја прогласи Европа за развратна територија на хомосексуалци и полови изопштеници.
Значи, за да разбереме што се случило меѓу Кси и Путин, треба да спроведеме еден вид лингвистичка археологија: внимателно да го ископаме последното коминике, слој по слој, за да видиме што се крие внатре.
Недоразбирањето на Западот за потребата од таква археологија беше очигледно пред неколку недели, кога посетата на Кси на Москва сè уште беше нејасна најава. Во тоа време, новоименуваниот министер за надворешни работи на Кина, Чин Ган, предупреди дека односите со Америка може да достигнат „конфликти и конфронтација“.
„Кинезите ни се закануваат со војна“, реагираа многу американски аналитичари и новинари, бидејќи не сфатија колку е деликатен Истокот. А пораката на Кинг Ган всушност гласеше: „Ако работите продолжат вака, ќе завршиме со жестоки расправии, а можеби дури и гласни тепачки“. Не се зборуваше за каква било војна.
Во коминикето на Кси-Путин не се споменува никаква војна. Војната во Украина е спомната само на претпоследната страница од документот од 20 страници: еднаш како „прашање“ и трипати како „криза“. Еколошките и климатските прашања, на пример, се споменуваа многу почесто и им беше даден многу поголем простор во документот, констатира Дајнов.
Еве го првото нешто од коминикето: Кси не беше во Москва за да го поддржи Путин во неговата војна против Украина. Нема навестување за какви било идни заложби во оваа насока. А поставувањето на украинското прашање на крајот од документот ја покажува важноста што Кинезите му ја придаваат – нешто како лепенка сошиена во последен момент на главниот текст. Погубно за Русија е и тоа што Тајван се споменува експлицитно, но не и Крим или Донбас!
Зборот „санкции“ се споменува само еднаш, без да се поврзе со Русија, на самиот крај. Еве го вториот чекор: Кси не беше во Москва за да преземе обврски да му помогне на Путин да се справи со западните санкции. Во текстот не се споменува ниту потерницата за апсење на Путин, издадена од Кривичниот суд во Хаг. Еве го заклучокот број три: Кина сигнализираше дека смета дека односите меѓу Кремљ и Хаг се внатрешна работа на „ѓаволите со заоблени очи“ (како што понекогаш нè нарекуваат Кинезите меѓу себе) и нема намера да заземе став за тоа.
ДЕГРАДИРАЧКА ПОЗИЦИЈА НА „РУСКИОТ ЦАР“ Во „источните“ земји во секоја таква средба има лицемерење: кој е посилен. Резултатот од ова мерење секогаш се пренесува – или со слики или со зборови. Во септември минатата година, на пример, на состанокот со клучните азиски лидери, Путин беше фатен на стотици фотографии, тврди Дајнов, како седи сам и чека да го примат еден по еден. Оваа бројка ја погодија не толку „големите“ како Индија или Кина (едноставно му наложија да не ја ескалира војната во Украина), туку геополитичките џуџиња како претседателот на Киргистан! Путин беше разоткриен, потсетува аналитичарот: како слабиот на средбата!
Овој пат рамнотежата на силите е кодирана не толку во слики (иако ги има) колку во зборовите на коминикето на Кси-Путин. Можеме да заклучиме нешто како фудбалски резултат ако внимателно ги олупиме слоевите на „источната“ вербална софистицираност.
На ваквите состаноци, секој ги пофалува иницијативите и политиките на другиот. Посилен е оној кој добива повеќе пофалби отколку што дава. Конечниот резултат вака откриен во коминикето е 15:7 за Кси и за Кина. Односно: Кина ја пофали Русија седум пати, а Русија ја пофали Кина 15 пати.
По оваа форма на мерење на силата договорот на крајот е дека Кина е најмалку двојно посилна од Русија. Ова е суровата реалност што се крие под флоскулите како „безгранична соработка“ и „драго пријателство“. Кина е силната. Оваа моќ е очигледна не само во понизното однесување на Путин кон Кси, кој ја усвоил позата на „каменото лице“ од кинеските филмови. Очигледно е и од наводно случајно исфрлената фраза на Кси дека тој се надева дека неговиот пријател Путин ќе биде реизбран на претседателските избори следната година во Русија.
Зошто му треба Путин да опстои на кормнилото на Кси? Па зато што Путин само за две десетилетија направи коперникански пресврт и ја врати земјата барем 500 години нанзад! Аналитичарите велат ја вратил Русија во времето пред рускиот цар Иван Грозни, кога, да се потсетиме, таа земја била во исклучително вазален однос кон источните ханови (автократските владетели на т.н. Златна орда). Тогаш оние болјари собрани во Москва зависеле од своите источни соседи во секој поглед
Западните анализи се завртени кон конкретни и јасни форми, кои тешко се наоѓаат во ваквите средби на источните лидери. Симболиката сепак постои и таа е опфатена со фактот дека Русија во мигот, со Путин на чело, е зависна а можеби и треба да е среќна што доби поголем и посилен брат во Кина. Цената на таквите сојузи ќе се плаќа во иднината а ќе биде испорачана во сибирските тајги.