„На сите им кажував дека Москва е најбезбедниот град. Но, постепено станува непријатно”. На московјаните им е сè потешко: сè станува поскапо, нападите со беспилотни летала се почести. Некои веќе отворено зборуваат за непријатностите
КРИСТИНА НАГЕЛАРД
Уште една експлозија ја стресе утринската тишина во центарот на руската престолнина. Се работи за престижниот деловен кварт во кој се наоѓаат и некои од министерствата и тој повторно е погоден од дрон. И овој пат штетата е само материјална и брзо ќе се санира. Властите прават се што е можно нападите со беспилотни летала брзо да исчезнат во заборав. Од државните медиуми се бара да се воздржат од написи за ова прашање, пишува германскиот јавен медиум АРД.
Меѓутоа: ноќните аларми и привременото затворање на аеродромите во Москва веќе ги тераат луѓето да размислуваат двапати. „Ова е многу загрижувачки“, изјави една млада жена за АРД. „Се чинеше многу далеку, а сега е тука – во Москва.
„Порано на сите им кажував дека ова е најбезбедниот град. Но, постепено станува непријатно“, изјави еден млад човек за германските медиуми.
ЗАПАДНИТЕ ПРОИЗВОДИ ПОСТЕПЕНО ИСЧЕЗНУВААТ И во главниот град, луѓето веќе не можат да се преправаат дека сè е во ред: рубљата пропаѓа, инфлацијата расте, а животот е значително поскап. Малкумина се загрижени поради фактот што западните производи во супермаркетите постепено исчезнуваат и на нивно место доаѓаат слични руски производи. Но, проблем им создава фактот што е се потешко да се најдат резервни делови за западните апарати, машини и автомобили, посочуваат од АРД.
Санкциите против технолошкиот сектор влијаат и на инфраструктурата: транспортните компании, авијацијата и воздушниот транспорт, екстракција на нафта и гас. Државата ветува помош во вид на големи инвестиции. Според претседателот Владимир Путин тоа го дозволува финансиската состојба. „Сегашната буџетска ситуација е солидна и не претставува никакви ризици за макроекономската стабилност“, рече тој, цитиран од АРД.
ИНДУСТРИЈАТА ЗА ОРУЖЈЕ Е ВО ПОДЕМ Иако многу работи во Русија одат подобро отколку што очекуваше Западот, поранешниот заменик министер за енергетика Владимир Милов на својот канал на Јутјуб предупредува дека не треба да се преценуваат неколкуте јавно достапни бројки. Бруто домашниот производ во време на мир не е споредлив со истите бројки во време на војна, вели тој. „Во нормална ситуација, профитот се става во нови проекти. Платите се слеваат во џебот на граѓаните, кои потоа пазаруваат во продавниците и на тој начин ја одржуваат побарувачката на стоки и услуги.
Меѓутоа, во време на војна, парите се вложуваат во индустријата за оружје. А огненото оружје и ракетите, откако ќе ја исполнат својата деструктивна цел, „не носат никаква друга економска корист“, објаснува Милов.
ОПОЗИЦИЈАТА ЗБОРУВА ЗА ТОТАЛИТИРИЗАМ Тоа го одразува и речиси целосното одвојување на Русија од меѓународниот платен систем SWIFT, пишува АРД. Токму поради оваа причина Путин ги повика своите партнери да ја прекинат трговијата во американски долари – вклучително и на состанокот на БРИКС во Јужна Африка, на кој тој учествува преку видео врска.
Меѓународниот кривичен суд издаде наредба за негово притворање за воени злосторства, потсетува АРД. И во самата Русија, бранителите на човековите права, опозиционерите и критичарите на режимот го обвинуваат за самоволие.
Русија стана тоталитарна држава, велат тие. Земја која ја краде иднината на својот народ, како што рече опозиционерот Илја Јашин. Тој директно му се обратил на Путин пред да биде осуден на повеќегодишна затворска казна: „Му се обраќам на одговорниот за ова злосторство, кој го потпиша законот за „воена цензура“ и по чија волја сум во затвор: Владимир Владимирович!“. АРД цитира повеќе негови зборови: „Кога ќе ги видите последиците од оваа монструозна војна, веројатно и самите ќе разберете каква огромна грешка направивте на 24 февруари“.