Не помина многу време по пресметкта со Пригожин а Кремљ побара помош од неговите искусни борци. Рускиот лидер признава дека му недостасува борбено искуство кај новите регрути, додека украинската офанзива трае
Путин се сретна со поранешниот командант на Вагнер, бара од него да ги води доброволците. Се работи за лицето со презиме Андреј Трошев кој е познат и по прекарот Седој, што значи „оној со побелена коса“. Тој имал висок чин кај платеничката група Вагнер, за која Кремљ вели дека сега работи за Министерството за одбрана. Додека бил порано во армијата имал чин на полковник.
Поточно Андреј Трошев е поранешен помошник на шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, кој, да се потсетиме загина во авионска несреќа во август, која оправдано се води како сомнителна смрт.
Неговата смрт дојде два месеци откако војниците на Вагнер тргнаа кон Москва, бидејќи Пригожин не беше задоволен од начинот на кој военото раководство се справува со војната во Украина.
Путин разговарал со Трошев „како доброволните единици можат да извршуваат различни борбени задачи, пред се во зоната на специјални воени операции (како што Москва ја нарекува војната во Украина), соопшти Кремљ.
„Самите се боревте во таква единица повеќе од една година.
Знаете што е тоа, како се прави, знаете за прашањата што треба однапред да се решат за се да функционира на најдобар и најуспешен начин“, рекол Путин.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за новинската агенција РИА потврдил дека Трошев „сега работи во Министерството за одбрана“.
Состанокот се случил кога Путин се обидува повторно да го потврди својот авторитет по бунтот на Вагнер во јуни.
Пригожин го започнал востанието, испраќајќи војници во Ростов-на-Дон, град во јужна Русија кој беше преземен, а потоа кон Москва, пред да се повлече по 24 часа. Тоа беше најголемиот предизвик за авторитетот на Путин во последните две децении.
По бунтот, Путин ги повика членовите на Вагнер групата или да потпишат договори со Министерството за одбрана, или да се преселат во Белорусија. Ова првото би значело да се вратат на своите позиции.
Трошев е познат по прекарот Седои, што значи „оној со седа коса“, пренесува рускиот сервис на Би-Би-Си. Во воените кругови во Русија, тој е ценет за неговата служба за време на војните во Авганистан и Чеченија.
Тој беше награден со Орден херој на Русија за неговата улога во поддршката на владините сили во Сирија во 2015 и 2016 година како командант на Вагнер.
Роден е во април 1962 година во Ленинград, денешен Санкт Петербург, родниот град на Путин, во поранешниот Советски Сојуз, каде што дипломирал на Артилериската академија.
Документите на Европската унија ја детализираат улогата на Трошев како „началник на Генералштабот“ во операциите на Вагнер групата во Сирија, каде што групата и даваше поддршка на сириската влада под Башар ал Асад.
Андреј Трошев директно учествуваше во воените операции на Вагнер групата во Сирија. Тој особено се истакна во областа Деир ез-Зор. Неговиот клучен придонес за Башар ал Асад и сирискиот режим – се наведува во документите.
Трошев бил тесно поврзан со неколку истакнати личности во групата Вагнер, вклучувајќи го и основачот Димитриј Уткин (кој наводно загинал во авионот со Пригожин).
Ветеран од многу војни, Трошев беше во Авганистан за време на Советско-авганистанската војна и се истакна во Северен Кавказ, особено во Чеченската војна, додека служеше во руската војска.
Тој беше и командант на СОБР, специјалната единица за брз одговор на Министерството за внатрешни работи на Русија. За неговите заслуги, Трошев двапати беше одликуван со Орден на Црвена звезда за заслуги во Авганистан. Во 2016 година ја доби највисоката руска награда „Херој на Русија“ за раководење на нападот на Палмира во Сирија против терористите на Исламската држава.
Кон крајот на август, американскиот Институт за проучување на војната објави дека командантите на Вагнер обвиниле двајца членови на групата, вклучувајќи го и Трошев, за предавство и поврзаност со приватната воена компанија Редут, за која се вели дека е поврзана со руското Министерство за одбрана.
Пригожин и уште девет лица загинаа во несреќа во близина на Москва на 23 август. По неуспешниот бунт, началникот Вагнер беше опишан од многумина како „мртов човек што оди“. Кремљ негираше каква било вмешаност во смртта на Пригожин.