Нема причина да се мисли дека руската економија е на работ на колапс, неодамнешната одлука на Централната банка да ги зголеми каматните стапки е реакција според учебникот на зголемената инфлација, но слабеењето на рубљата јасно го покажува притисокот под кој се наоѓа економијата и искушенија со кои се соочува режимот на Владимир Путин.
СЕРГЕЈ ГУРЕВ
Денес, руските лидери имаат помалку за што да се радуваат. Курсот на рубљата е највидливиот показател за резултатите на руската економија, барем кога станува збор за домаќинствата. Затоа неодамнешното паѓање на девизниот курс под политички важната граница од 100 рубли за долар го вознемири Кремљ и ја разоткри Централната банка – која во изминатата година олабави или отстрани многу од ограничувањата утврдени со воведувањето на контроли на тековите на капиталот – до критика.
Економскиот советник на Путин, Максим Орешкин, обично ја критикува Централната банка дека е премногу агресивна. Но, по последниот пад на рубљата, тој ги обвини креаторите на политиката во авторски текст дека се премногу „меки“ и дека толерираат прекумерен раст на долгот.
. Централната банка веднаш свика вонредна седница на одборот на директори на која беше одлучено референтната каматна стапка да се зголеми за цели 3,5 процентни поени, навестувајќи дека веќе во септември може да следи ново зголемување. Се чини дека се разгледуваат мерки за дополнителна контрола на девизниот курс. Во меѓувреме, министерот за финансии Антон Силуанов, наводно, е за принудување на руските извозници да ги вратат своите приходи во долари и да ги продаваат на Централната банка.
Да бидеме појасни, нема причина да се мисли дека руската економија е на работ на колапс. Нема магија поврзана со психолошката граница на девизниот курс од 100 рубли за долар. А зголемувањето на каматните стапки е реакција на учебникот на зголемената инфлација, а истото би го направиле и лидерите на западните централни банки. Но, без оглед на тоа, слабеењето на домашната валута јасно покажува колкав притисок е руската економија поради војната и санкциите, кои беа воведени како одговор на тоа.
Во април 2022 година напишав дека Путин не треба да го слави зајакнувањето на рубљата, што беше резултат на два тренда кои очигледно ќе испаднат лоши за руската економија. Прво, увозот опадна поради западните санкции, што резултираше со губење на пристапот и до увезените стоки за широка потрошувачка и суровини, полупроизводи и други фактори на производство, што го ограничи рускиот индустриски капацитет. Второ, на зајакнувањето на рубљата влијаеше зголемувањето на приходите од извозот на нафта – што ќе ги наведе западните влади наскоро да воведат ембарго на нафта и да ја ограничат пазарната цена на руската сурова нафта.
Токму така беше. Во мај 2022 година, Европа објави дека во рок од шест до осум месеци, околу 90 отсто од извозот на руската нафта ќе биде под ембарго. Не долго потоа, Групата седум најразвиени земји во светот постигна договор за ограничување на цената на руската нафта.
Бидејќи на овие мерки им требаше време да се спроведат, тоа му овозможи на Путин да собере огромни приходи во меѓувреме. Иако Западот замрзна околу 300 милијарди девизни резерви на Руската централна банка, во 2022 година Русија забележа рекорден суфицит на тековната сметка од 227 милијарди долари, што речиси целосно го компензира споменатиот износ. Но, тоа беше дефинитивниот крај на изобилството – во првата половина од оваа година, приходите на Русија од продажбата на нафта и гас беа речиси преполовени, поради што буџетскиот дефицит се зголеми на два отсто од бруто домашниот производ.
Поради ембаргото на нафтата и ограничените цени, вкупниот руски извоз во првите седум месеци од оваа година опадна и е за една третина помал од истиот период во 2022 година. Како резултат на тоа, рускиот надворешно трговски суфицит падна од 204 на 64 милијарди долари , додека суфицитот на тековната сметка е намален за шест пати, од 165 на само 25 милијарди долари.
Како што можеше да се предвиди, ненадејниот пад на приходите од извозот на енергетски производи иницираше забрзано влошување на фискалната позиција на Русија. Извесен период се чинеше дека на руските лидери тоа не им пречи – земјата се уште има значителни резерви на кинески јуани, па може да си дозволи буџетски дефицит. А војната во Украина остана апсолутен приоритет на Кремљ: само во првата половина од оваа година Русија потроши 12 отсто повеќе на војската од сумата што беше буџетирана за целата минатата година.
Покрај финансирањето на војната, руската влада се надеваше дека ќе и даде на домашната економија кејнзијански поттик преку континуирано трошење. Но, тие надежи не се исполнија токму затоа што трговските санкции го поткопаа индустрискиот капацитет на Русија. Изолирана од Запад, и поради војна и емиграција, без стотици илјади работоспособни граѓани, руската економија едноставно не може да произведе онолку колку што би сакал Путин.
Со прегревање на руската економија, зголемените државни трошоци само ја поттикнаа инфлацијата. Ако на тоа се додаде континуираниот одлив на капитал – забрзан по неуспешниот јунски бунт на Вагнеровата група на Евгениј Пригожин (кој, како што беше официјално објавено, загина во авионска несреќа минатата недела – забелешка на уредникот) – неодамнешното слабеење на рубљата може да се очекуваа. Ниту некој треба да биде изненаден од одлуката на Централната банка да ја повлече рачната сопирачка и покрај тоа што повисоките камати негативно ќе се одразат на економскиот раст. Блумберг сега ја проценува веројатноста дека во Русија може да дојде до рецесија во следните шест месеци на 21 отсто, наспроти 6 отсто, колку што беше прогнозата пред августовското зголемување на референтната каматна стапка.
Очигледно е дека санкциите даваат ефект. Но, бидејќи Путин сè уште може да ја финансира својата војна во Украина, јасно е дека треба да се направи повеќе. Имајќи ги предвид многу деталните „шеми“ што компаниите ги развија за да го заобиколат ембаргото за нафта и ограничените цени на руската нафта, Западот сега мора да ги затвори тие дупки во режимот на санкции и да ја намали максималната цена на руската нафта од сегашните 60 на 50-55 долари за барел па и под тоа.
Друга важна лекција од последниот пад на рубљата е дека Путин продолжува да работи околу трговските санкции. Рубљата е поевтина бидејќи на Русија и се потребни долари за да го плати увозот на стоки, кој во вториот квартал од 2023 година, во споредба со истиот период лани, е зголемен за една третина – од 67 на 76 милијарди долари. Овој раст е делумно одраз на зголемените трошоци за заобиколување на санкциите, со што се зголемува притисокот и врз буџетот и врз рубљата. Со заострување на контролата на извозот во Русија, Западот може дополнително да ги зголеми тие трошоци, а со тоа да го стегне обрачот околу рускиот буџет – и криминалната војна што се финансира од него.
(Авторот е декан на Универзитетот во Париз)