По падот на азербејџанскиот патнички авион во Казахстан во кој загинаа 38 лица, лидерот на Кремљ Владимир Путин му се извини на претседателот на Азербејџан Илхам Алиев за инцидентот. Отприв се настојуваше да се сокрие руската вина а сега се отвора прашањето – што имаат од тоа жртвите и нивните семејства?
БИСЕРА УЗУНОВА
„Владимир Путин се извини за трагичниот инцидент на претседателот на Азербејџан Алиев, што се случи во рускиот воздушен простор“, соопшти Кремљ во Москва по телефонскиот разговор меѓу двајцата . Според соопштението, Путин објаснил и дека во тоа време руската противвоздушна одбрана била активирана против напади со украински беспилотни летала. Сепак, рускиот лидер не стави до знаење дека рускиот систем за противвоздушна одбрана го погодил авионот со проектил.
РУСКАТА ВОЗДУШНА ОДБРАНА БЕШЕ АКТИВНА Путин изрази сочувство до семејствата на жртвите и на повредените им посака брзо закрепнување, соопшти Кремљ. Во разговорот беше споменато дека азербејџанскиот патнички авион повеќепати се обидувал да слета на аеродромот во Грозни. „Истовремено, Грозни, Мосдок и Владикавказ беа нападнати од украински беспилотни летала, а руската воздушна одбрана ги одби овие напади“, соопшти Кремљ.
Украинскиот претседател Зеленски, пак, напиша дека Русија треба да даде објаснувања за случајот и да престане да шири дезинформации. Фотографиите и видеата јасно покажаа оштетување на трупот на авионот, што укажува на тоа дека бил погоден од противвоздушна ракета.
Извештаите дека рускиот оган можеби го соборил авионот на Азербејџан ерлајнс се остар потсетник за судбината на летот МХ17, напиша Каја Калас, шефица за надворешна политика на ЕУ во платформата X. Боингот на Малезија ерлајнс беше соборен на 17 јули 2014 година. над Донбас со руски проектил за воздушна одбрана. Сите 298 луѓе во авионот загинаа.
Причината за падот на патничкиот авион во Казахстан останува непозната. Азербејџан ерлајнс и руската агенција за воздушен транспорт соопштија дека нивните податоци покажуваат дека пилотот донел одлука за итно слетување по судир со јато птици. Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, од своја страна изјави дека според неговите информации, авионот ја променил рутата поради лошите временски услови.
Авионот „Ембраер 190“ утрото полетал од главниот град на Азербејџан Баку на пат кон Грозни во Чеченија. Меѓутоа, авионот не можел да слета во Грозни и затоа тргнал кон друг аеродром, објави и Алиев, цитиран од АРД. Сепак, останува нејасно зошто авионот толку многу отстапил од својот курс – за стотици километри. Местото на несреќата е Актау, од другата страна на Каспиското Море.
На социјалните мрежи има многу фотографии и видеа од несреќата, како и повеќе верзии за причината.
НАЈРЕАЛНО СЦЕНАРИО: УДАР ОД НАДВОР Според експертот за воздухопловство Хајнрих Гросбонгарт, мала е веројатноста дека несреќата е предизвикана од магла или јато птици. „Реалното сценарио е надворешна интервенција“, нагласува тој „Авионот беше тешко оштетен, не можеше да се контролира“. .
Оваа верзија ја потврдија и извори на Ројтерс во Азербејџан, според кои машината била соборена од руска противвоздушна одбрана. Ова во агенцијата го пријавиле четворица учесници во истрагата за несреќата што ја спроведе Азербејџан.
Руските воени блогери не ја исклучуваа можноста авионот да се урнал над Северен Кавказ во области каде што претпладнето имало битка со украински беспилотни летала.
Апликацијата за следење летови Flightradar 24 објави дека погодениот авион има сериозни проблеми со GPS навигацијата и не пренесува висококвалитетни податоци за да ги следи неговите движења. Русија постојано беше обвинета дека намерно ги заглавува GPS сигналите во регионот. Во текот на последните 74 минути, додека летал над Каспиското Море, машината била ограничена во контролирањето, пишува АРД.
ИСТРАГА Во Казахстан беше формирана владина комисија за истрага на несреќата. Се вклучи и студија за достапните податоци за можни прекршувања на правилата за безбедност на воздушниот сообраќај. Производителот на авионот, Ембраер, увери дека ќе обезбеди целосна поддршка на истражителите. Пронајдена е црната кутија на авионот.
Азербејџан ерлајнс засега ги прекина летовите меѓу Баку и Грозни, како и меѓу Баку и Махачкала, главниот град на Дагестан.
Според казахстанската влада, во несреќата загинале 38 лица. Во авионот имало 67 патници и петчлен екипаж. 29 од патниците преживеале, некои од нив се тешко повредени и се пренесени во болница.
(Авторката е новинарка на Дојче Веле)