Руските власти се обидуваат да ја обвинат Украина за атентатот во Москва. Војната во Украина оди до таму што ја прави невидлива опасноста за другите опасности и тие причини остануваат во заден план
СИЛВИЈА ШОБЕР
Постојат одредени индикации дека заедно со војната против Украина и репресијата на опозицијата, Путин и неговата придружба престанаа да посветуваат доволно внимание на заканата од исламскиот тероризам. На пример, на 19 март, Путин го отфрли предупредувањето од САД за можен напад како оној што се случи во петокот вечерта во Градското сала Крокус во Москва. Тој ја обвини американската влада за „обид да го заплаши и дестабилизира“ руското население, забележува АРД.
Во исто време, не така одамна – на почетокот на март, специјалните единици на ФСБ убија шест мажи во севернокавкаската Република Ингушетија, потсетуваат германските јавни медиуми. Тие пишувааѕ дека судирите во градот Карабулак траеле со часови. Како и дека според руските власти убиените се припадници на „Исламска држава“ кои учествувале во бројни „терористички злосторства“.
МУСЛИМАНСКИТЕ ВЛАСТИ СЕ СМЕТААТ ОШТЕТЕНИ Во Северен Кавказ, каде што голем дел од населението е муслиманско, никогаш не било целосно мирно во последните години, а инвазијата на Украина придонесе за нови изливи на гнев, истакнува АРД. Во голем број републики во Северен Кавказ имаше протести во врска со мобилизацијата за војна против Украина. Во септември 2022 година, демонстрантите во Дагестан беа насилно растерани. Причината: непропорционално голем број луѓе беа мобилизирани од овој и од други региони, далеку од големите руски градови, што исто така го одразуваше големиот број на жртви таму.
Путин се обидува да ги смири војниците и нивните роднини со парична помош и навистина економската ситуација за многумина таму е подобрена, забележуваат и германските медиуми. Но, наративот дека Русија е супериорна во однос на другите народи поради нејзината словенска историја и христијанските вредности не е компатибилен со наративот за Русија како мултинационална држава. Така, другите етникуми уште повеќе се чувствуваат како луѓе од втор ред.
РАДИКАЛИЗАЦИЈА ВО РУСИЈА Ова во уште поголема мера се однесува на граѓаните на Јужен Кавказ и Централна Азија, од кои милиони работат во Русија за минимални плати, пишува АРД. А лажниот руски пасош станува стапица кога мажите ќе бидат повикани во војска. Ова стана причина за радикализација на младите мажи од Таџикистан и другите централноазиски земји, вклучително и во метрополите како Москва. Така, им стана полесно да бидат регрутирани како борци во „Исламска држава“ и да бидат испратени на пример во Сирија и Ирак.
Германскиот јавно-правен медиум нагласува дека исклучително голем број граѓани на Таџикистан се приклучиле на „Исламска држава“ и нејзиниот огранок Хорасан. АРД посочува дека наталитетот во Таџикистан е висок, 52 отсто од населението се на возраст под 25 години. Но, татковината не може да им понуди перспектива
НЕПРИЈАТЕЛОТ РУСИЈА На ова се додава границата со Авганистан долга 1.360 километри. Од повлекувањето на САД и нивните сојузници во 2021 година, владејачките талибанци и другите терористички организации во Таџикистан и во странство се обидуваат да го зголемат своето влијание – а Русија се повеќе се перципира како непријател, вклучително и во врска со поддршката што ја дава на диктаторот Башар Асад во Сирија.
Со цел што е можно повеќе да се ограничи заканата од инфилтрирање на исламски терористи во земјата, руското раководство инвестираше значителни средства во Таџикистан. Долго време имаше и силно руско воено присуство на теренот. Но, во текот на војната во Украина и оттаму, единиците беа повлечени, информира АРД.
Сегашното тврдење на ФСБ дека веројатните извршители на бомбашкиот напад во Москва се Таџикистанци со врски со Украина наиде на големо неверување, продолжуваат германските медиуми. Тиезабележуваат дека тоа е последица и на политиката на Путин кон муслиманските малцинства.
(авторката работи за АРД)