Кога еден висок руски функционер е уапсен, тоа е невообичаено, но кога четворица ќе завршат со лисици за помалку од еден месец, тогаш тоа не е само шема – тоа е чистка
Последен во низата на уаспени е генерал-полковник Вадим Шамарин, заменик началник на Генералштабот и началник на Главната дирекција за комуникации на вооружените сили на Русија. Тој беше обвинет за примање поткуп во големи размери, за што му е изречена мерка притвор во траење од два месеци.
Меѓу уапсените воени функционери, исто така под обвинение за корупција, се и заменик министерот за одбрана Тимур Иванов и генерал-полковник Јуриј Кузњецов, началник на Кадровската управа на Министерството за одбрана.
Претходно промени имаше и во врвот на министерството – претседателот Владимир Путин го смени долгогодишниот министер за одбрана Сергеј Шојгу со технократот Андреј Белоусов.
Овој потег беше протолкуван како обид на Кремљ да ја зголеми ефикасноста на руската војска и да се справи со корупцијата.
Шојгу ја доби функцијата секретар на Советот за безбедност на Русија, додека Валериј Герасимов засега останува началник на Генералштабот на руските сили. Сепак, апсењата во министерството и генералштабот лошо се одразуваат на военото раководство за време на војната во Украина.
Всушност, тука има многу иронија.
Се сеќавате ли на Евгениј Пригожин? Пред една година, водачот на платеничката група Вагнер јавно ги критикуваше воените службеници, обвинувајќи ги за неспособност и корупција. Тој ги обвини за нивните неуспеси на бојното поле во Украина, а својот гнев го насочи особено кон Шојгу и Валери Герасимов, барајќи тие да бидат сменети.
Нивниот конфликт толку излезе од контрола што имаше 24-часовен бунт на Вагнер. Борците на Вагнер ги окупираа клучните воени објекти на југот на Русија и почнаа да маршираат кон Москва, токму со цел да го соборат воениот врв.
Тоа не успеа, а тоа беше првенствено затоа што Путин застана на страната на воените началници, што значи дека Пригожин ја загуби битката за власт од Шојгу и генерал Герасимов. Набргу потоа, тој го загуби животот во авионска несреќа.
Една година подоцна, во тек е воена чистка – овој пат со поддршка на Кремљ – и тоа ни кажува нешто за Владимир Путин.
Како прво, рускиот претседател не е склон да дејствува под притисок.
Наредете му да отпушти министер или генерал, и тешко дека ќе бидепримено добро. Затоа што никој не може да му нареди.
Но, тоа не значи дека Путин нема да направи ништо… Тогаш кога му одговара и кога сака.
Едно само не е јасно, а тоа е до каде ќе оди чистката во руската армија, односно уште колку функционери ќе завршат зад решетки.
Поранешниот командант на 58-та армија, генерал-мајор Иван Попов, беше уапсен оваа недела под сомнение за измама од големи размери.
Минатата година изјави дека добил отказ бидејќи им се пожалил на командантите за проблемите на фронтот во Украина.
Уредникот на Би-Би-Си, Стив Розенберг, вели дека смената на Шојгу не е изненадување, бидејќи неговата позиција е ослабена и веќе некое време се зборува дека тој би можел да биде надвор од портфолиото.
За време на војната во Украина, Русија претрпе големи загуби во работна сила и опрема.
Назначувањето на економист за министер за одбрана ги одразува променливите приоритети на Кремљ, вели Стив Розенберг.
Руската економија сега се заснова на војна, па затоа е од витално значење Министерството за одбрана да има доволно пари за финансирање на војната.
Според Американскиот институт за проучување на војната, промените во руското Министерство за одбрана укажуваат на тоа дека Путин презема чекори за да ја подготви земјата за долготрајна војна во Украина.
Според неименувани владини претставници, цитирани од независната руска веб-страница The Bell, Белоусов се смета за „верен бранител на државата, кој верува дека Русија е опкружена со непријатели“.
Како Путин, тој е близок до Руската православна црква.
За него се вели дека е страстен љубител на боречките вештини, исто како Путин, а во младоста тренирал карате и руско борбено самбо.
Пред да стане вицепремиер, тој неколку години работеше како помошник на Путин. Пред тоа беше министер за економски развој.
Тој, наводно, бил единствениот член на економската придружба на претседателот кој ја поддржал анексијата на Крим во 2014 година.
Путин во вторникот положи заклетва како претседател по петти мандат, откако победи на неодамнешните избори во Русија со 87 отсто од гласовите и без кредибилен противкандидат.
На чело на Русија е од мај 2000 година.
Меѓу членовите на владата кои ќе ги задржат своите позиции е и ветеранот на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров