Како се снимаше „Медена земја“, номиниран во две категории за Оскар? Самир Љума го совладал стравот од пчелите, вториот камернат бил каснат амо само четири пати
„Медена земја“ , номиниран за Оскар во категориите најдобар документарец и најдобар интернационален филм, раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на земјините ресурси.
Цели три години додека го подготвувале филмот, екипата на „Медена земја“ работела во лоши услови. Местото каде што е снимен филмот се наоѓа во централниот дел на земјава во близина на реката Брегалница и е тешко достапно. Така, тие морале со денови да преноќуваат во шатори и без струја. Обезбедувале храна само за неколку дена, а потоа се враќале за повторно да се обезбедат, да ги наполнат батериите на техничката опрема и назад.
Режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев, како и снимателите Фејми Даут и Самир Љума се екипата која макотрпно работела и верувала дека оваа приказна ќе направи промена.
За нивната главна протагонистка Атиџе дознале случајно додека снимале кадри за филм кој планирале да биде краткометражен документарец. Но, откако стапиле во контакт со Атиџе, сфатиле дека тоа мора да биде фокусот во нивната приказна.
– Лесна беше комуникацијата со Атиџе. Веднаш посака да снима и ни рече дека ова е како да и се остварил сонот. Отсекогаш сакала да дојдат новинари, сниматели и да ја фотографираат и снимаат како таа се движи по ридовите, како ги одгледува пчелите. Таа е уникатна и многу филмска личност – раскажа Котевска лани за „Независен весник“.
Атиџе, живеејќи во неблагодарни услови, во дом кој и не личел на дом, секојдневно се грижела и за пчелите. Кога ќе го соберела медот, таа го делела на пола и оставала една половина за неа, една за пчелите. Токму ова пренесува дел од пораката за тоа како треба да се грижиме за природата се она што таа ни дава.
Прво мислевме дека тоа некаков ритуал. Но, подоцна сфативме дека Атиџе остава половина мед за пчелите. Всушност, тоа е и клучниот момент врз кој што треба да се базира целата порака- додава Котевска.
Стефанов вели дека филмот испраќа универзална порака за животната средина и колку повеќе луѓе го погледнат, толку повеќе ќе ја разберат суштината.
– Ова не е само филм за пчелите, може да се заменат пчелите со дрвја, риби или друго. Порака е универзална. И таа е за фер искористување на природните ресурси. Не е важно дали е мед, само во случајов е – вели Стефанов.
Снимателите Фејми Даут и Самир Љума споделија искуства од тоа како е да се снима рој пчели, а да не си воопшто заштитен.
– Воопшто немавме заштита од пчелите. Но, односот на Атиџе кон нив ни даде храброст да се опуштиме. Се случуваше цели да бидеме покрие со пчели, но не се случи ништо. Мене ниту еднаш не ме каснаа, но на Фејми му наплатија и за мене, го каснаа четири пати – раскажа Љума.