По неколку кризни години со мали или речиси никакви приноси на мед, годинава пчеларите се задоволни
Македонија има одлични услови за производство на здрава, органска храна, вклучувајќи ги медот и пчелните производи. Како хранлив и лековит производ, медот треба да биде секојдневно застапен на нашата трпеза – се констатира на сајтот на Зелена берза за годинава. Домашните произведувачи на мед велат дека од пчеларството може пристојно да се живее, меѓутоа, пред да се обезбедат приходи од пчеларството, потребно е да се вложи повеќе труд отколку пари.
Во Македонија постојат над 4.000 пчелари, со повеќе од 80.000 пчелни семејства, од кои 2,1 отсто имаат над 150 пчелни семејства, речиси 30 отсто имаат од 50 до 150 пчелни семејства, 49,4 отсто од 20 до 50, а 18,4 отсто од едно до 20 пчелни семејства. Најмногу од пчеларите во земјава, дури 83,5 отсто, практикуваат стационарно пчеларење, кое дава помал принос, а само 16,5 отсто селидбено пчеларење.
Од едно пчелно семејство во Македонија, во просек се добиваат по 12 килограми мед годишно, а на годишно ниво се троши само по 700 грама мед по жител.
По низа години песимизам, ова пролет и може да се каже лето има поинакво расположение кај македонските пчелари. Тие потврдуваат дека главна причина за добрите приноси е времето во текот на пролетта без многу врнежи од дожд и без мраз, што овозможи пчелите да соберат што повеќе полен и да овозможат зголемени приноси на мед во сандаците.
– Благодарение на добрата пролет период кога пчелите собираат полен, немавме пад на температурите и смрзнување на овошките, што ни овозможи да имаме добри приноси во пчеларниците кои можат да бидат уште подобри ако се искористи периодот кога пчелите замедуваат и од дабот, што се случува кон крајот на јули и почетокот на август, кога вообичаено се вади медот од сандаците и кога ќе имаме натпросечни количини на мед. Ако порано на неколку години имавме една сиромашна година со мали приноси, сега ни се случува обратно, денес имаме неколку сиромашни години и само една до две години со добри приноси со мед – вели Миле Стојкоски, пчелар од Бродско, кој е познат по производство на еколошки чист мед.
Слично е искуството и на пчелар од кичевско за „Нова Македонија“. Тој потсети дека не очекувал оваа година приносите да бидат толку добри.
– Пријатно сум изненаден од приносите на мед кои ги имаме оваа година. Но поволната временска ситуација во текот на пролетта ни овозможи да имаме добри приноси и успешна година. Од она што го забележав при прегледот на сандаците пред две седмици, бев пријатно изненаден од полнотијата на рамките што ќе ни овозможи да имаме добра година, а тоа значи од едно пчелно семејство да добиеме од 10 до 12 килограми мед – вели пчеларот Аце Станкоски.
Граѓаните се прашуваат дали добрите приноси на мед ќе придонесат цената на медот да не се покачува или да биде пониска споредено со претходните години.