Барем навидум, ако се занемари големата и долготрајна операција за социјален и политички инженеринг, македонското општество свое
волно ги напушти концептите на мултикултурализам и евроатлантската ориентација
ЏАБИР ДЕРАЛА
ВМРО-ДПМНЕ успешно ја приврши својата долгогодишна операција за соборување владата, а нејзиниот шеф конечно доби шанса да стане премиер. Тоа го постигнаа по пат на мирни, фер и демократски избори. Значи, можело и така, а не со кршење глави во парламентот, за време на обидот за државен удар во 2017 година.
И така, барем навидум, ако се занемари големата и долготрајна операција за социјален и политички инженеринг, македонското општество своеволно ги напушти концептите на мултикултурализам и евроатлантската ориентација.
Македонскиот парламент го сочинува, не двотретинско, туку апсолутно мнозинство составено од националисти и радикали, веројатно само со едноцифрен број на исклучоци.
Дали е претерано да се каже дека се толку малку? Ни најмалку. Вешто и помалку вешто прикриените националисти се дел од мнозинството што го запоседна парламентот на „нашата земја.“ Нема потреба да ги броиме поинаку.
Тоа не може да биде добро. И се чини дека во оваа констелација нема кој да ја одбрани демократијата. Зошто го велам ова? Зарем е толку црно? Да. И повеќе од тоа.
Три работи се пресудни во одбраната на демократијата и демократските вредности во едно општество. Кога се поразени, прогресивните сили имаат обврска да ги редефинираат своите позиции, вредности и стратегии. Се очекува, освен политичките ентитети, интелектуалците, граѓанските организации и медиумите да преземат одговорност за неуспех во одбраната на демократските вредности во општеството. Промислувањето, планирањето и бескомпромисната заложба за демократските вредности не смеат да се напуштат ни за миг.
Кога едно од овие три нешта ќе запрат или ќе се притаат, чекајќи „подобри времиња,“ демократијата и демократските вредности се во смртна опасност.
Следејќи ги одмерениот тон во изјавите на западните дипломати, домашните „мудреци“ велат дека е рано да се прогнозира дека националистите ќе ја загрозат демократијата, човековите права и слободи, и владеењето на правото, дека накратко – сѐ ќе упропастат. А за што друго се способни? Добро, да, способни се и за насилство и неконтролиран грабеж на јавните пари. Секако, не смее да се заборави и нивниот огромен талент за тотален кич и невкус.
Набрзо, кога нештата ќе тргнат надолу и кога системот ќе почне да се распаѓа, а животот ќе стане многу потежок отколку што сега се плашат и најголемите песимисти, се разбира, ќе бидат виновни „нивните“ и сите „други“, само не тие. Така е. Националистите нема да чекаат долго за да се уверат дека „другите се виновни“ за сѐ. А кога ќе ги нападне сомнежот во исправноста на власта, доволно ќе биде да вклучат ТВ и ќе им се смири душичката.