Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПAРТИСКИ ПОРАЗИ ЗА ДРЖАВНИ ПОБЕДИ!

May 21, 2024 Filed Under: Колумни

СЕФЕР ТАХИРИ

Дали СДСМ ги изгуби изборите поради нереформирањето на системот и невоспоставувањето на правна држава или поради етничкиот фактор? Колку ja чинеа, во смисла на партиски рејтинг, чекорите кои државата ја водеа напред и ги подобрија меѓуетничките односи? Како се одразија крупните чекори кои го подобруваа статусот на Албанците врз рејтингот на СДСМ?

По длабокиот пораз на СДСМ и нејзините сателити од коалицијата, кои повеќе ѝ правеа штета отколку што ѝ помагаа, гледам и се чудам како одеднаш излегоа „паметњаковци“ кои солат памет како требало да биде, кои се грешките или, пак, која стратегија требало да се следи за да се дојде до подобар резултат!

И очекувано, типично балкански, дел од нив, кои дојдоа на високи позиции, членови на управни одбори, добија хонорари за „советодавни услуги“ – молчат! Веројатно очекуваат ангажмани од новата власт! „Мало сутра“ би рекол Заев!

И пред изборните резултати, сум истакнувал дека фактот што главната парола или слоган со кој СДСМ дојде на власт „Нема правда, нема мир“ останува „мртво слово“ на хартија ќе ѝ се одмаздува од искрените гласачи. И тоа се случи! Мир има, правда нула.

Проектот на „Шарената револуција“ беше детронизиран одвнатре во системот и тоа значеше губење на надежта за подобро утре, за посветла иднина, за правна и демократска држава. Критиките околу оваа тема држат, без разлика од кого доаѓаат. Сегашната власт вешто и максимално поентираше на делот на невоспоставување на правниот поредок, кој ќе работеше поефикасно и по принципот на казнивост на тешките кривични дела, а не на неказнивост како што се случи. За жал!

Но треба да се земат предвид и неколку историски факти, кои на „државотворната“ партија ѝ донесоа историски изборен пораз.

Во 1993 година, социјалдемократите и Глигоров го прифатија договорот за привремената референца ПЈРМ – Поранешна Југословенска Република Македонија.

Во 2001 година, по конфликтот, во македонскиот политички блок беше партијата која се залагаше за мировниот процес и една од главните придонесувачи за постигнување на Охридскиот договор. Етнонационалистите ја прогласуваа за партија која е попустлива кон Албанците, а екстремистите за предавничка.

Истиот наратив се употреби и во 2004 година, кога се случи официјализирањето на Тетовскиот универзитет кој, патем, поранешни челници на оваа партија го нарекува „мртвородено бебе“. Истата година, партијата под водство на Владо Бучковски свесно и жртвувајќи го рејтингот на партијата, го спроведуваа проектот за новата територијална организација, со која Струга и Кичево станаа албански општини.

По враќањето на власт во 2017 година, за прв пат во историјата беше избран пратеник Албанец за претседател на Собранието, а беше изгласан Закон за употреба на јазиците. Освен него, Заев се обиде да го операционализира концептот „Едно општество за сите“. Не само вмровците, туку и дел од „интелектуалната елита“ (етноцентричната) веќе наголемо ја прогласуваа за предавничка партија. Себеси се прогласија за патриоти!

Под ваков политичко пропагандистички оркестриран притисок, проследен со медиумски патриотски коментари и анализи, но и интелектуални мудрувања, се потпиша Договорот со Грција. Северна Македонија е новото име, а противниците сè уште не можат да се помират со тој факт. Исто е и со договорот за добрососедски односи со Бугарија и прифаќањето на „францускиот предлог“. Храбри чекори за општеството, кои ја ставаа во поразителна позиција.

Капак беше почетокот на изградбата на Коридорот 8 и избирањето на Талат Џафери за премиер Албанец! После ова, некритичката и популистичка јавност извика хорски: „Албанците ни ја зедоа државата!“

И така, ден по ден, државата имаше порелаксирани интеретнички односи, се стабилизираше внатре, се зголемуваа шансите за нејзина интеграција во ЕУ, а се намалуваше рејтингот на СДСМ.

Ова не значи дека во иднина, оваа партија не треба да преземе крупни чекори за развојот на државата. Добрите македонско-албански односи се темелот на државата!

(civilmedia.mk)

 

Filed Under: Колумни

МИНИМАЛНАТА ПЛАТА НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ПОТВРДА НА СИРОМАШТИЈАТА!
МИЏКОСКИ УШТЕ НА СТАРТОТ ГО ПОСТАВИ ДИЈАЛОГОТ СО СОФИЈА НА СТАКЛЕНИ НОЗЕ
ОСТАВКАТА НА АЛЕКСАНДAР ВУЧИЌ. СОЛЗИТЕ СЕ ВО РЕД
ЛОШИ ПЕРСПЕКТИВИ: ГЕНЕРАЦИЈАТА Z САКА МИЛЕН ИУМЦИТЕ ДА СЕ ПЕНЗИОНИРААТ ЗА ДА ИМААТ РАБОТНИ МЕСТА
ЧЕТИРИЕСЕТ ГОДИНИ ОД МЕМОРАНДУМОТ НА САНУ: СРБИЈА НА ПАТ ИЛИ НА ЗАОБИКОЛЕН ПАТ

Најново

  • МИНИМАЛНАТА ПЛАТА НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ПОТВРДА НА СИРОМАШТИЈАТА!
  • МИЏКОСКИ УШТЕ НА СТАРТОТ ГО ПОСТАВИ ДИЈАЛОГОТ СО СОФИЈА НА СТАКЛЕНИ НОЗЕ
  • ОСТАВКАТА НА АЛЕКСАНДAР ВУЧИЌ. СОЛЗИТЕ СЕ ВО РЕД

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet